за

Нема експерименти со новата генерација на Volkswagen Passat

Volkswagen постапува мошне внимателно при генерациската смена кај Passat, иако има големи промени. Тука не смее да се дозволи утка.

Volkswagen направи опасни грешки кај актуелниот Golf, а исто и влезот во ерата на електричните автомобили со ID.3 не мина најмазно. Такви пропусти повеќе не смее да бидат дозволени, откако наскоро ќе започне продажбата на новиот Passat. Експерименти се забранети, во Волфсбург повторно се почитуваат старите вредности.

Половина година пред да почне испораката на првиот контингент од новата генерација на Passat, Volkswagen за највлијателните медиуми во европски рамки организираше тест возење на прототипите од знаменосецот со комби-каросерија. Тоа би требало да биде најважната проверка, пред конечно да биде означен стартот на новата генерација на овој важен модел на Volkswagen со долга традиција.

Овојпат Skoda беше надлежна за развојот на новата генерација на знаменосецот на Volkswagen, којашто ќе стартува паралелно со сестринскиот модел Superb. Тоа не е единствената промена. Место од Емден, Passat во иднина ќе излегува од фабриката во Братислава, Словачка. Третата клучна промена е тоа што лимузинската изведба на Passat се брише. Последен пат, уделот на лимузината во вкупната продажба во гамата на Passat беше под 10 проценти. Тоа нема да им значи многу на фамилиите и на компаниите што традиционално се врзуваат со ова моделско име на Volkswagen.

Бидејќи новиот Passat треба дополнително да се истакне како знаменосец, направени се неколку потези за автомобилот да се приближи до вишата класа. Тоа важи и за просторноста, и за култивираноста.

Со префрлувањето на заедничка платформа со Superb, меѓуоскиното растојание на Passat порасна за 5 сантиметри. Исто и каросеријата е 14 сантиметри подолга во споредба со сегашниот модел. Тоа значи дека новиот Passat ќе мери вкупно 4,92 метри во должина.

Помалку корист од тоа ќе имаат патниците на задната клупа, кои добиваат малку повеќе простор пред колената, а повеќе корист ќе имаат тие со намера почесто да го користат багажникот. Тој порасна за 40 литри, на вкупно 690 литри. Кога електромоторот ќе го подигне задниот поклопец, а клупата е спуштена, товарниот простор мери вкупно 1.920 литри.

Покрај тоа што порасна, Passat стана и позрел и покултивиран. Адаптивното подвозје работи пофино, без притоа да се потисне динамичноста. Значително смалениот отпор на воздух, заедно со стаклата што за првпат во Passat располагаат со топлинска и звучна изолација, придонесе за осетно намалување на бучноста во кабината. Ако некој се посомнева дека можеби станува збор за електричен автомобил, во тоа ќе го разубедат мерачот за гориво и податокот за досегот од преку 1.100 километри.

Големи зафати во приклучниот хибриден погон

Досегот не е единствената причина за возачите на ID да им позавидат на идните сопственици на новиот Passat. Волфсбург со цел направи чекор назад во ракувањето со функциите во кокпитот. Дигиталните инструменти и огромниот средишен дисплеј за пристап до инфо-забавните функции повеќе никому не пречат. Промените се во лизгачкото поле под средишниот дисплеј, што конечно доби осветлување, како и во самиот волан, каде што место сензорски полиња повторно работат обични механички прекинувачи.

Бидејќи во гамата на VW Passat во иднина нема да се нудат изведби со мануелен менувач, рачката на бирачот за возење се пресели горе на управувачкиот столб. Со тоа воедно се отвори повеќе простор за прегради и за голема подлога за полнење телефон.

Passat е своевиден бастион за возачите што не сакаат да слушнат да преминат на електричен погон. Но, секако дека VW не го запоставува фактот што светот веќе одамна е навикнат на електрификацијата. Волфсбург ги преработе верзиите со приклучен хибриден погон. Во иднина, во гамата ќе се нудат хибриди со 204 и 272 КС, комбинирани со 1,5-литаркиот TSI.

Со овие варијанти, досегот при возење на струја, пред да се вклучи моторот, изнесува далеку над 100 километри. Батеријата порасна повеќе од двојно, од 12 на дури 26 kWh. Кога ќе се приклучи на ѕиден полнач, хибридниот Passat ќе полни со 11 kW, а при расположливост на брз полнач со еднонасочна струја, може да се смета на 50 kW.

Хибридните модели се и врвот во електрификацијата на Passat, затоа што Volkswagen во оваа класа, паралелно го нуди батерискиот електричен ID.7. Неговите испораки почнуваат наесен, прво за лимузинската изведба, а од година и за комби изведбата.

Класичните бензинци и дизели исто така не остануваат без електромотор. Таму работи стартер-генератор под 48 волти, којшто создава благ хибриден погон. Овој степен на елеткрификација е веќе прифатен и докажан. Дизелот и натаму ќе има главна улога, со три степени на моќност, од 150 до 193 КС. Покрај тоа се нудат бензинци со моќност од 150 до 265 КС. Најсилните изведби ќе бидат достапни и со погон на сите тркала 4Motion.

Испораките ќе започнат во првиот квартал од 2024 година, за цените се шпекулира дека ќе стартуваат од 42.000 евра за германскиот пазар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кои се најпродаваните модели на Toyota во првото полугодие

Rolls-Royce се заканува со црна листа за неверните купувачи