На купувачите на автомобил од Фолксваген во Норвешка наскоро ќе им се скуси изборот. Норвешкиот увозник за Фолксваген, Молер Мобилити Груп, кон завршетокот на годинава ќе запре со увоз на модели со мотор со внатрешно согорување од германската марка.
Норвешка кон завршетокот на годинава засекогаш ќе се збогува со автомобилите што користат фосилни горива. Увозникот на Фолксваген најави дека тогаш ќе ја направи последната нарачка на Фолксваген Голф. „Тоа од повеќе гледишта го означува крајот на една ера, но и почеток на нова и поважна ера, во којашто повеќе ќе бидеме дел од решението, а не дел од проблемот“, објаснува Улф Роре Хенеби, директор Молер Мобилити Груп.
Хенеби веројатно нема да мора да се соочува со бесни клиенти. Со овој потег за збогување со бензинците и дизелите во почетокот на 2024 година, Молер само излегува во пресрет на плановите на норвешката влада, според коишто од 2025 година во земјата повеќе нема да смее да се регистрира нов автомобил со мотор со внатрешно согорување.
Тaа промена нема многу да ги погоди норвешките возачки и возачи, затоа што возилата со нулта емисија на штетни материи уште во 2022 година постигнуваа удел од 79,3 проценти во вкупната продажба на возила. Бензинците тогаш учествуваа со скромни 3,6 проценти, а дизелите со уште помал удел, со 3,1 проценти.
„Развојот на пазарот на електричните автомобили досега се покажа како огромен успех,“ кажува Хенеби. За тоа да успее, од една страна помогна тоа што Норвежаните сакаат решенија што се добри за климата, а од друга страна, политиката беше подготвена да одговори со помош за купувањето електрични авотмобили да им го направи подостапно на граѓаните.
Од 2013 година наваму, во Норвешка се регистрирани повеќе од 102.000 електрични автомобили од Фолксваген
Најавата од Молер Груп се совпаѓа со подготовката за одбележување на 75-годишнината на Фолксваген во Норвешка. Од стартот во 1948 година, Молер има увезено повеќе од 1,1 милион возила од германската марка во скандинавската држава. Почнувајќи од 2013 година, досега се продадени повеќе од 102.000 чисто електрични возила од Фолксваген.

Фолксваген ИД.4 лани беше втор најпродаван автомобил во Норвешка, со 20.184 примероци
„Само погледнете ја нашата понуда од електрични автомобили во семејството ИД. Овие автомобили се совршена замена за автомобилите со фосилни горива, имаат добар досег и нудат сé што Норвежаните очекуваат од своите автомобили“, објаснува Хенеби.
Најмногу возила лани продаде Tesla, дури 21.303 примероци, а трета најпродавана марка во богатата земја е БМВ, со 14.037 примероци.
Најпродаван модел на Фолксваген во земјата во моментов е ИД.4, од којшто во првото полугодие се регистрирани 5.832 примероци, што е доволно за второ место на целиот пазар. Првото место со голема предност ѝ припаѓа на Тесла Модел Ипсилон, со 19.575 примероци.

















