Германската марка ќе се пробива на пазарот во Јужна Америка и со електрични модели, но се посветува првенствено на еден вид погонско гориво што е својствен за тамошниот пазар и мошне е распространет – алкохолот.
Шефот на матичната марка на концернот Volkswagen, Томас Шефер, цени дека „Јужна Америка е од стратешко значење за Volkswagen, како пазар што постигнува брз раст.“ Компанијата очекува тамошниот пазар да расте на годишно ниво за просечно 11 проценти до 2030 година. Марката Volkswagen планира да постигне уште поголем раст од пазарот.
Во Бразил, најголемиот пазар на континентот, продажбата на Volkswagen до 2027 година ќе се зголеми за 40 проценти.
За тоа да се постигне, Volkswagen до 2026 година ќе вложи една милијарда евра во Јужна Америка. Парите се наменети првенствено за офанзива со нови модели. Продажбата на електричните ID.5 и ID. Buzz во Бразил ќе започне уште во текот на годинава.
До 2025 година, во Јужна Америка ќе стартува продажбата на 15 нови модели со батериски електричен и флекси-фјул погон. Во среден рок, во план се и возила со хибриден погон.
Електрификацијата во Јужна Америка ќе напредува побавно отколку во Европа, затоа се вложува во тамошната „класика“
Volkswagen предвидува дека електрификацијата во Јужна Америка ќе напредува побавно отколку во Европа. Поради тоа, за намалување на емисијата на СО2, компанијата ќе вложува главно во Flex-Fuel модели. Станува збор за погонско решение што подолго време е присутно на тамошните пазари и мошне е застапено.
70 anos da Volkswagen no Brasil merecem essa homenagem: um encontro de gerações tão emocionante quanto a linda história de amor entre a Volks e os brasileiros. Assista até o fim e compartilhe. 💙 #VW70 #oNovoVeioDeNovo #VWBrasil #vwBrasil70 pic.twitter.com/szE6rRDY9b
— Volkswagen do Brasil (@vwbrasil) July 4, 2023
Моторите во возилата со погон Flex-Fuel можат да користат етанол, бензин и секаков вид мешавина од двата вида гориво. Во Јужна Америка се најпродавани моделите од градската и компакт класата, како и СУВ- и кросовер-моделите.
По долгиот проблематичен период, јужноамериканскиот пазар во 2021 година се врати во зоната на добивка за Volkswagen. Германската марка деновиве ја одбележува својата 70-годишнина на пазарот во Бразил.
Откако се соочи со нови проблеми на пазарот во Кина, Volkswagen мора да го зајакне своето присуство и во останатите региони ширум светот, за да се надомести губитокот од кинескиот пазар. Кина и во следните години ќе остане најважниот пазар за VW, меѓутоа марката неодамна ја загуби повеќедецениската водечка позиција, од домашниот производител BYD. Покрај тоа, постојат и политички ризици за производителите на возила во земјата.
















