за

Тест · Nissan Juke Hybrid · Со подобрувач на расположение

Електромотор во погонот не е голем настан за Nissan. Тие уште одамна имаа големо поглавје со првиот Leaf. Хибридниот погон во Juke е само уште едно одлично нешто во овој единствен автомобил.

Nissan Juke е јапонски автомобил и тоа е негова голема и неоспорна доблест. Сепак, постои едно големо „но“. Поточно, две. Juke не само што се произведува во Велика Британија, туку и дизајнот, и целото осмислување на моделот, потекнуваат од студиото во срцето на Лондон. Тој отмен дух на британската автомобилска школа се чувствува во Juke. Многу „поанглиски“, од кинески MG, ова е реално најдостапниот автомобил што доаѓа од земјата на Rolls-Royce и Bentley, Range Rover и Aston Martin – со врвен јапонски инженеринг.

Малку автомобили во денешно време го имаат поврзано својот имиџ со тркалезните светла. Fiat 500, Suzuki Jimny, Jeep Wrangler, Jeep Renegade, Mercedes G-Class, Porsche 911 – и Nissan Juke, во двете свои генерации досега. Тоа се единствените модели денес, што може да се извадат нови од салон и што ќе си ја гледаат сопственичката или сопственикот со тркалезни „очи“.

Кога денес ќе се спомне Juke, од свежата меморија веднаш излегува слика на компактен автомобил со големите тркалезни светла напред. Дизајниран во духот на забавните „баги“ возила од калифорниските плажи во 1960-те години, овој Nissan предизвика повеќе врева кога се појави првпат на сцената во 2010 година, од кој било друг модел во историјата на јапонската марка, вклучувајќи ги легендите од ковот на Terrano и Patrol, Micra и Primera од 1990-те.

На еден од бројните јубилеи што досега ги има доживеано Nissan Juke, Метју Вивер, тогашeн виш дизајнер за надворешност во европскиот огранок на јапонската марка, се присетуваше: „Во 2010 година го претставивме серискиот модел. На луѓе им паѓаа вилици до земја.“

Во Nissan тогаш беа многу охрабрени од успехот на Qashqai. Што и да направеа, ќе успееше. Juke дури успеа и повеќе отколку што се очекуваше, затоа што менаџерите држеа извесна резерва, ризикувајќи со единствениот дизајн на Juke. Но, не беше само успехот на Qashqai причина за самоувереноста, туку и големите легенди што се впишани во историјата на марката, меѓу нив секако GT-R или Fairlady. Nissan не прави едноставни, прости автомобили.

Новата генерација на Juke, произведувана од октомври 2019 година, секако дека ги задржа тркалезните светла. За разлика од претходната генерација, којашто главно посредуваше бунтовничка енергија, оваа веќе внесува малку британска отменост, „noblesse“.

Каросеријата се облепува рачно пред да се нанесе црната боја за покривот, за спојот меѓу двете бои да биде прецизен и впечатлив – тоа се мали, но важни детали што го издвојуваат Nissan Juke од конфекционираното индустриско производство

Се забележува нешто „чудно“ кога ќе се подигне задниот поклопец кај тестираниот модел, во двобојна комбинација. Првото што паѓа во очи е преодот од црниот покрив во магнетик-сината боја на каросеријата. Тој спој е некако премногу неиндустриски, „сомнително“ занаетчиски. По малку истражување, се дознава и причината за тоа. Пред да се лакира покривот, рачно се облепува каросеријата, исто како во лимарска работилница, кога треба да лакираат исправено крило по судир. Така се обезбедува спојот да биде многу „мајсторски“. Тоа е англиската школа во Nissan Juke.

Уште еден важен детал во внатрешноста е преземен од претходничката. Средишната конзола кај првиот Juke изгледа верно на резервоар на мотоцикли, дури и лакирана е во тој дух. Кај новиот модел, конзолата исто така е педантно и отмено лакирана. Дополнителен детал е тркалезната основа на бирачот за возење – нормално, асоцијација на чеп на резервоар на мотоцикл, со брава попреку. Генијалци се луѓево.

Дизајнот е големо поглавје кај Juke. Веројатно не постои друг автомобил од не-суперспортска марка, што има толку дизајн и емоции. Огромно поглавје. Колку повеќе се вртат кругови околу, толку човек повеќе ја засакува оваа форма. Не се само рачките сокриени во прозорците во задните врати, туку и опашот како на „патка“, купеовската завршница на куполата над каросерискиот појас, па и покривот со „меур-профил“.

Диодна техника е стандард во целата гама, Nissan Juke не е создаден за да биде евтин

Светлата ја прават драмата, задните со тенката светлечка линија како на некој скап украс за по дома, а исто и предните, со трикратното sci-fi разгранување во нив. Секако, диодна техника е стандард, во сите светла, кај секој Juke што излегува од фабрика. Овој автомобил не е создаден за да биде евтин, и тоа е јасно.

Juke е пристигнат на тест поради погонот. Хибридниот погон е новина во понудата во гамата на купе-кросоверот на Nissan. До завршетокот на годинава, Јапонците мора да имаат најмалку по една електрифицирана изведба во секоја своја моделска серија. Кој уште би очекувал дека хибридот во Nissan Juke ќе работи на истиот начин што цел свет го знае?

Моторот е 1,6-литарски четирицилиндарец, без турбонатполнење, со две брегасти вратила со варијабилна работа, со две прскалки по цилиндар. Истиот мотор (HR16DE) се користи и во електрифицираните изведби на Renault Conquest, Captur, Megane. Моќноста во Juke Hybrid изнесува 69 kW (94 КС), вретежниот момент достигнува 148 Nm. Бензинецот е комбиниран со електромотор со 36 kW (49 КС) и 205 Nm. На тоа следи уште стартер-генератор од Renault со моќност од 15 kW, и литиум-јон батерија со водено ладење и капацитет од 1,2 kWh.

Канџести спојки место синхронизациски прстени, 4 степени за бензинецот, 2 степени кога Juke вози на струја

Клучната разлика е во преносот. Nissan не користи ниту автоматски менувач, ниту го користи вообичаениот безстепен менувач CVT кај хибридниот погон, туку класичен мануелен менувач како основа, со таа разлика што место синхронизациски прстени, користи т.н. канџа-спојки. Префрлувањето меѓу 4-те „бензински“ степени на пренос го вршат овие спојки, а на тоа се надоврзуваат и двата степени на пренос при возење на струја. Една од нивните предности е ниското триење. Менувачот исто така не користи спојка.

Поаѓањето секогаш е на струја, а како што возилото забрзува и понатаму ја менува динамиката, така и менувачот користи најразлични стратегии за менување на степените на пренос. Двата електромотори се користат во комбинација, за да ги синхронизираат степените и да овозможат меко и неосетно префрлување, а воедно и да овозможат динамично возење, кога тоа ќе се побара од Juke Hybrid.

Менувачот работи доволно „интелигентно“, и кога ќе се притисне посилно врз педалата за гас, соодветно се одложува и префрлувањето во повисок степен. Аналогно на тоа, кога се притиска понежно, менувачот рано префрлува во повисок степен. Возењето е пријатно, менувањето на степените не се чувствува, исто како и постојаното префрлување на погонот од еден во друг режим.

Минувачите се вртат да го погледнат возилото што им наидува и што испушта мошне впечатлив електричен звук, додека Juke вози по градски улички

Ефектот од различниот инженерски пристап е во тоа што кај Juke при забрзување не се чувствува како возилото да е закачено за еластично јаже, што е одлика на некои постари модели со хибриден погон. Чувството повеќе е како да се вози со класичен автоматски менувач, со четири степени на пренос – реално, одвај се чувствува дека станува збор за четири степени на пренос.

Моторот е звучно присутен, што очигледно било намера на продукт-менаџментот, имајќи ја предвид целната група на хибридниот Juke. Кој бара апсолутно остуство на звукот од работата на моторот, ја има на избор и целосно електричната Ariya – исто и легендарниот Leaf или доставниот Townstar. Ефектот од елеткрификацијата: Потрошувачка меѓу шест и седум литри, без каква било задршка во динамиката, односно фабрички пет литри, доколку се вози свесно за економичноста. За кросовер со спортски дух и системски 143 КС, што забрзува за 10 секунди до темпо сто, тоа е околу два литри помалку во споредба со Juke со стандардниот погон.

Интересна можност е возењето со вклучен e-Pedal, кога Juke забавува посилно при одземање гас и на тој начин може поретко да се пушта нога по сопирачката. Притоа и батеријата се полни посилно. Во град, тоа ќе биде интересно искуство за возачите на Juke.

Nissan Juke изгледа динамично, затоа што и вози динамично. Целта на инженерите во новата генерација на моделот беше токму да го нагласат темпераментот

Тоа што го заокружува целото возачко искуство на Nissan Juke, секако дека е однесувањето на купе-кросоверот во возење. Возните својства повеќе се на динамичната страна. Juke менува правец небаре тежи половина тон помалку, странично наведнување на каросеријата одвај се чувствува, владее примерно со сите дисциплини.

Со тркалата од 19 инчи повеќе би се очекувало тврдо подвозје, меѓутоа и тоа се покажува како уште една инженерска мајсторија. Откако постојат амортизерите со силина на придушување што се менува зависно од одот на амортизерот, односно од висината на нерамнината, стравот од големите тркала исчезна целосно. Комфорот е присутен во повеќе од задоволителна мера.

Кокпитот би можело да се квалификува како класичен, што секако ќе ги израдува возачките и возачите што не го бираат автомобилот според дисплејот. Со висока средишна конзола меѓу седиштата, во духот на брзите купеа на Nissan, чувството е токму спортско. Возачката или возачот се чувстгвуваат како дел од возилото.

Широка е гамата на Nissan Juke, почнувајќи од основниот модел за 25.490 евра, до хибридниот модел, со четири понудени нивоа на опрема и опција за менувач DCT кај бензинската варијанта

Тестираниот примерок е во највисокото ниво на опременост Tekna, со црна имитација на кожа на седиштата и со титан-сив лак на средишната конзола меѓу седштата и околу отворите за воздух. Посебно отмен впечаток остава финишот со лакот. Секоја површина има посебен третман, па дури и околу копчето за старт во конзолата е изведен прстен со шара во стил на карбон.

Финишот е јапонски примерен и тоа би било уште повеќе видливо кога менаџерите би побарале од дизајнерите да им создадат „исплакнат“ кокпит. Оваа внатрешност точно одговара за карактерот на Juke. Инструментите се аналогни, со два мерачи на „гориво“: Лево за батеријата, десно за горивото. Многу ефектно, со јапонска смисла за хумор.

Уште една посебност е системот ProPilot, којшто се вклучува со копче на воланот во коешто се наоѓаат сини кругови. Со тоа се вклучува приспособлив темпомат и воедно се остава Juke самостојно да ги следи свијоците при возење по автопат или помалку кривулест спореден пат. Тоа исто така е стандард во Tekna.

Опција во тестираниот автомобил е аудио системот од традиционалниот партнер Bose. Системот се води како Bose Personal Plus, чини 700 евра и располага со 8 звучници, од коишто по два се вградени во предните потпирачи за глава – изгледа како скапи слушалки да се потпрени на потпирачите за глава. Преку менито може да се избере дали просторната звучна слика да се прошири или стесни, зависно од тоа што се слуша и зависно од слухот. Многу ефектно, тоа додава уште една Juke-димензија.

Тоа денес може да им се случи на некои германски премиум марки, за соборување на задната клупа да остават обични и евтини јамки, но Nissan тоа го прави подобро во Juke. Задната клупа се соборува со класична рачка на врвот на клупата

Поради батеријата и уште некоја екстра компонента, багажникот во хибридниот Juke е скусен на 354 литри, од стандардниот модел со 422 литри. Кога ќе се има на ум дека Juke е долг само 4,2 метри, повеќе чуди колку е голем багажникот на стандардниот Juke, отколку што вреди да се забележи дека 354 литри се малку.

Гамата на Juke почнува со моделот со 1,0-литарски турбо-трицилиндарец со 114 КС и ниво на опременост Visia, за 24.590 евра. Клима уред, диодни светла, темпомат, автоматско долго светло и камера за сообраќајни знаци се дел од ова ниво на опрема. Единствено „недостигаат“ алу-тркала. Тие следат во средното ниво N-Connecta, заедно со автоматика за клима уредот, притап без клуч, електрична паркирна сопирачка, паркинг сензори и собирање на ретровизорите. Цената, 30.450 евра.

Опција со бензинецот е менувач со двојна спојка, што чини околу 2.000 евра доплата. Хибридот, освен во топ-нивото Tekna, може да се нарача и во средното ниво N-Connecta. Во тој случај, место 40.800 евра, цената е 37.340 евра.

Оригинално осмислен автомобил со пристап како кај големите спортски купеа на NIssan

Да се очекува дизајнот да биде единствената приказна што се поврзува со Nissan Juke, тоа би било премногу наивно. Ова е сепак Nissan, а таму нештата се прават по малку разпично – во смисла на подобро. Секако дека изгледот учествува во голема мера, за Juke да освои, меѓутоа вредностите и квалитетите во возењето се тие што прават изгледот да биде веродостоен. Nissan Juke не е меѓу најевтините во сегментот, каде што владее најжестока конкуренција и воедно сегмент што е најпродаван во Европа. Меѓутоа, кој бара повеќе од обичен големоволуменски кросовер што од другите не се разликува само по знакот, во Juke ќе го најде својот автомобил. Хибридниот погон е опција, вредна за екстра забава.

Основните технички податоци, опременоста и цените на тестираниот модел може да се погледнат во нашиот онлајн-каталог со сите нови модели на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Nissan Juke 1.6 Hybrid 143 Tekna

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Citroen назначи нов шеф за Европа, пазарниот удел треба да достигне 5%

Volkswagen вложува милијарда евра во Јужна Америка