за

Volkswagen планира кабриолет изведба од ID.3

Од големите фабрики моментно не излегува ниту еден кабриолет со електричен погон. Volkswagen може да го смени тоа.

Во ова време обично се одржуваше салонот на автомобили во Женева. Производителите на автомобили таму изложуваа најразлични дизајнерски студии, следеа како реагира публиката и решаваа околу можното сериско производство. Салонот годинава изостанува вторпат поради корона-кризата. На Volkswagen сепак му е важно мислењето на публиката.

Волфсбург објави скица од варијанта на електричниот ID.3 со отворена каросерија, со цел да дознае што мисли публиката за таа идеја. Пазарот моментно не нуди ниту еден електричен автомобил без покрив. Првиот Tesla Roadster веќе одамна е заминат од производствените ленти, а до наследникот ќе мине уште извесно време. Постојат мали каросериски компании што Tesla Model S го претвораат во кабриолет, но тоа се прескапи преработки, кои можат да си ги дозволат само малкумина.

Сега публиката има задача да го каже своето мислење околу идејата Volkswagen да понуди кабриолет изведба од електричниот ID.3. Генерално, продажбата на кабриолети веќе со години е во опаѓање. На најголемиот пазар во светот, во Кина, кабриолетите не се посебно популарни, поради високата загаденост на воздухот. Во Северна Америка исто така опаѓа продажбата. На производителите не им се исплатува ниту да развиваат и произведуваат модел, што ќе биде интересен само на европскиот пазар.

Од друга страна, ID.3 со својата приспособлива платформа MЕB претставува одлична основа, така што на Volkswagen не би требало да му претставува преголем трошок да го пушти кабриолетот во производство во помала серија. Покрај тоа, платформата MEB веќе поседува доволна цврстина, поради тешката батерија во подот, така што нема потреба ниту од премногу комплицирани зафати за зајакнување на основата на каросериската структура од ID.3.

Произведен последниот електричен Golf, доаѓа ID.3 само на струја

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo во првите два месеци продал за третина повеќе возила од лани

Honda го подигнува автопилотираното возење за едно ниво