Гамата на Volkswagen Golf 8 е комплетна со пристигањето на Golf R. Дволитарецот со 320 КС не завлегува во екстреми, но тоа не значи дека техничарите го запоставиле напредокот кај спортскиот модел. Тој е во новиот погон на сите тркала кој дозволува и дрифт, а со посебен пакет се поместува и ограничувањето на крајната брзина на 270 km/h.
Срцето на Volkswagen Golf R е дволитарскиот турбо-бензинец од типот ЕА888, во меѓувреме неговиот четврти еволутивен степен. Моќноста од 320 КС и вррежниот момент од 420 њутнметри се идентични со вредностите што моторот ги постигнува во Arteon R. Во споредба со претходникот, тоа се 10 или 20 КС повеќе, односно има екстра 20 њутнметри. Истиот мотор во Audi S3 располага со 310 КС.
Со менувач со двојна спојка и со погон на сите тркала, Golf R спринтува до темпо сто за 4,7 секунди. Со доплата за пакет R Performance се добива поместување на брзинскиот лимит од 250 на 270 километри на час. Тоа прави новиот R да биде најбрз сериски модел во историјата на Golf. Титулата досега му припаѓаше на Golf 7 GTI Clubsport S со неговите 265 km/h.
Во пакетот за екстра перформанси е содржан и поголем заден спојлер, тркала од 19 инчи и два дополнителни режими за возење, Special и Drift. При избор на вториот режим, менувачот DSG работи во мануелен модус и не дозволува да се префрли во повисок степен. Верзијата на Golf R за пазарот во САД стандардно ќе се испорачува со мануелен шестстепен менувач. Оваа опција засега не се планира за Европа. Претходно се шпекулираше дека моќноста ќе изнесува 333 КС. Можно е дека Волфсбург ќе реагира со додавање на полута варијанта, слично како со GTI Clubsport.
https://photos.app.goo.gl/BJRLnS8u3GFNvVdR6
Благодарение на новиот преносник на задната оска, погонот 4Motion може да го распределува вртежниот момент флексибилно меѓу предната и задната оска, но и меѓу двете тркала на задната оска. На едно тркало може да се пренесат дури до 100 проценти. Покрај блокадата на диференцијалот и стандардното приспособливо подвозје DCC, дел од системот за контрола на возната динамика во новиот Golf R е и самиот погон на сите тркала.
Контролата на возната динамика сега го вклучува и погонот на сите тркала
Новиот систем за контрола на возната динамика става крај на подуправувањето и обезбедува врвна тракција, поголема стабилност во свијоци и повисока прецизност. Системот – без погонот на сите тркала, секако – функционира и во GTI Clubsport.
Возачот може да избира три профили за возење. Со изборот на Race се онеспособува т.н. функција на едрење, се заострува звукот на издувот и сите системи се подготвени за напад. Посебниот профил Special е наменет за Нирбургринг и исто така е познат од GTI Clubsport. Волфсбург ветува предност на новиот модел од 17 секунди во споредба со претходникот, на Нордшлајфе, на 20-километарскиот курс на Нирбургринг.
https://photos.app.goo.gl/V6g68bykbnSVgnE29
Комплетна новина е модусот дрифт. Контролата на стабилноста се префрлува во спортски режим, а погонот на сите тркала ја распределува моќноста за свијоците да се совладуваат косо, слично како што тоа го овозможуваат Ford Focus RS и Mercedes-AMG A 45 S.
Вложено е многу труд во намалувањето на тежината во сите подрачја
Golf R стандардно поседува активна амортизација DCC, што каросеријата ја спушта за 20 mm во споредба со обичниот модел. Пружините и стабилизаторите се покрути за десет проценти, а предните тркала имаат поголем негативен отклон. Предната помошна рамка од алуминиум е покрута и ја олеснува предната оска за три килограми. Предните сопирачки дискови од 357 mm исто така се олеснети, по 600 грами. За тркачка патека, од фабрика се испорачуваат и полу-слик гуми од 19 инчи.
Предниот браник е сличен со Clubsport, маската е специфична за R и има хоризонтални ламели. Предните диодни светла ги спојува светлечка лента со сина украсна лајсна и лого R. Отстрана се забележуваат нови прагови и тркала со дизајн посебен за моделот. Стандард се 18 инчи, опција е 19 инчи.
Логото R назад е поставено средишно. Стилот на опашот го одредуваат црниот дифузор и четирите издувни цевки. Со доплата се вградува издув од Akrapovic, од титаниумска легура и со преклопник за звук. Тој е седум килограми полесен, но и чини 4.000 евра.
Првите примероци ќе бидат испорачани веќе кон крајот на месецов. По класичната каросериска изведба со пет врати, наскоро ќе следи и комби Variant.
>>> VW Golf GTI Clubsport со копче за Нирбургринг

















