за

За 45-от роденден на GTI: Посебна серија Clubsport 45

Со специјалната моделска изведба Volkswagen Golf GTI Clubsport 45 се одбележуваат 45 години од премиерата на спортскиот компакт.

Ексклузивниот модел е базиран врз изведбата Clubsport со 300 КС. Нарачките за колекционерскиот примерок стартуваат на 1-ви март, и цената е ексклузивна: 47.790 евра во Германија.

Во летото 1976-то, Volkswagen понуди на пазарот една посебно спортска изведба на Golf. Тоа беше првиот GTI. Во тоа време никој во Волфсбург не можеше да претпостави дека Golf GTI ќе стане најпродаван спортски компакт во светот. Првично беа планирани 5.000 примероци, до денес од GTI се произведени над 2,3 милиони. Volkswagen го одбележува 45-от роденден на иконата со специјален модел: Golf GTI „Clubsport 45“.

Како што укажува ознаката „45“ е ексклузивна изведба на Golf GTI Clubsport, со посебни детали во многу подрачја. Нарачките стартуваат на 1-ви март, цените во Германија почнуваат од 47.790 евра.

Дури и обичниот „Clubsport“ се разликува во техничките детали од стандардниот GTI

Тоа што Clubsport го има како екстра во споредба со стандардниот Golf GTI се +55 КС и избор на посебна програма за возење по тркачка патека, именувана како „Special“. Меѓу надворешните обележја спаѓаат зголемените отвори за воздух (со задача да обезбедат повеќе кислород за дволитарскиот TSI), потоа задниот спојлер со отворен профил и посебниот спортски издув.

New photo by Automedia MK / Google Photos

На сето тоа, „Clubsport 45“ додава уште покрив лакиран во црна боја, заедно со црн заден спојлер. Тоа е во знак на првиот Golf GTI, кај кого што просторот околу задното стакло исто беше лакиран во црна боја. Посебност на Golf GTI Clubsport 45 е тркачкиот пакет, којшто се состои од тркала од 19 инчи лакирани црно, со дизајн Scottsdale и со тенко извлечена црвена линија по работ. Овој пакет што се испорачува стандардно во „45“ понатаму вклучува уште издув Akrapovič и отстранување на брзинското ограничување на 250 km/h. Динамичниот изглед го заокружуваат натписи „45“ на праговите и на задниот поклопец. Во стандардната опрема на специјалниот модел спаѓаат и диодни матрични светла, заедно со црвената украсна лајсна што е обележје на секој GTI.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дополнителни детали во кабината се натписите GTI на спортските седишта, а на вертикалниот крак на спортскиот волан исто се наоѓа ознака „45“.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Новиот Golf GTI „Clubsport 45“ е следно поглавје на специјалните верзии на GTI. Првиот „Clubsport“ беше претставен во 2016 година, за 40-годишнината на моделот. Првата серија располагаше со 265 КС, односно краткотрајно 290 КС, со буст-функција. Во истата година следеше уште една верзија, „Clubsport S“ со 310 КС. Во минатата есен беше претставен и актуелниот Clubsport, посебен по електромеханичката блокада на предната оска, што првпат се координираше со системот за регулација на возната динамика.

>>> Фолксвагенова симфонија број 8 во MQB-мајор

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW слави 50 години поддршка на светската култура

За новиот Mercedes C-Class: Дали знаевте дека…