Само еден автомобилски сегмент остана поштеден од СУВ-бумот. Тоа се компактните транспортери, кои производителите обично ги нудат паралелно во доставна и семејна изведба, во комбинација од двете, во секакви варијанти. Volkswagen Caddy е непроменлива големина во тој сегмент – иако многу работи се сменија во новата генерација. Порше Македонија пролетва стартува со новиот модел во доставната понуда.
Volkswagen Caddy во меѓувреме ја достигна петтата генерација. Во неговата богата историја, овој модел почна како пикап врз основа на Golf I, своевремено произведуван во Сараево, потоа стана товарна изведба на Seat Ibiza, за во третата генерација во 2003 година да прерасне во дериват од Touran, со каросерија што ја задржува основната форма и во најновата генерација. Големото освежување во 2015 година се води како четврта генерација.
Платформата на Caddy 5 е комплетно нова – станува збор за MQB Evo, односно за основна конструкција и компоненти што во голем дел се заеднички со Golf 8. Со таква основа, повеќе внимание се придаде и на работата на дизајнерите. Првпат понагласено се спомнува и името на дизајнерот Алберт Кирцингер, кој внесе впечатливо модерна нота во изгледот на Caddy.
Caddy е модел што профитира од името на марката и досега немаше проблем да го привлече вниманието и на деловните корисници и на семејствата или на спортистите. Главниот шарм на моделот е во просторноста и во функционалноста.
Откако ќе се осознае дека коефициентот на отпор на воздух изнесува само 0,30, почнуваат да се забележуваат многубројните детали што придонесуваат за оваа рекордна вредност во сегментот. Ефектот од работата на аеродинамичарите се забележува најдобро во исправените и долги задни светла, со извлечен раб во функција на спојлер. Дури и малите ребра што се изведени во светлата имаат аеро-функција. Мало навестување за нивото на технологијата што ја нуди „фау-ве-нуцфарцојге“ е диодната техника што работи во предните и во задните светла. Секако, тоа е доплата, но ја има.
Повеќе простор во кабината и повеќе комфор, користење онлајн-услуги кај патничката изведба, поголема функционалност кај товарната изведба на Volkswagen Caddy
Каросеријата е поширока за дури шест сантиметри (1,86 метар). Должината исто е продолжена за девет сантиметри и сега мери вкупно 4,50 метри. Висината е скусена за 2,5 сантиметри, на точно 1,8 метар. Професионалците повеќе ќе ги интересира друга мера: Лизгачките врати на товарната изведба на Caddy се проширени од 70 на 84 сантиметри. Тоа овозможува европалета да се натовари надолжно. Назад има плус сантиметри во ширина, што е комотно за европалета да се внесе попречно. Носивоста во фургонската изведба изнесува 670 килограми, додека во топ-опремената изведба Caddy 5 Style уште останува повеќе од солидна „резерва“ од околу 520 килограми
Товарниот простор е со зафатнина од 3,3 метри кубни во Caddy и точно 4,0 метри кубни во Caddy Maxi. Должината на просторот во фургонот е продолжена на 1,78 метар, односно на 2,15 метри.
Бренд-менаџерот за марката доставни возила на концернот VW, Дејан Враниќ, најдобро ги познава сите досегашни генерации на Caddy и посочува на големите промени во задната оска кај „петката“. Место листести пружини, Caddy сега користи спирални пружини, односно има конструкција на торзиска оска. Тоа носи предности во поглед на комфорот, возните својства и стабилноста, значи претставува значителен квалитетен напредок на Caddy 5. Вкупната зафатнина на товарниот простор во патничката изведба е намалена незначително, во корист на просторот за патниците.
Дизајнерот Кирцингер: „Caddy е најдобриот СУВ во својот сегмент“
Врската со патничките модели на Волфсбург се забележува јасно во внатрешноста. Во Caddy може да се нарача и дигитален кокпит, заедно со новата генерација инфо-забавни системи MIB 3, со пречник меѓу 6,5 и 10 инчи. На располагање стои долг список од дополнителна опрема, прибор, па и стандардни изведби на опременост, така што кој е „поупорен“ може од својот Caddy да направи и кросовер.
Во поскапите изведби се нуди многу повеќе од обична „шминка“. Таму стојат на располагање посебно квалитетни облоги на седиштата, но и ергономски седишта, со печат од германските ортопеди (AGR). Тоа што Caddy ја дели платформата со Golf & Co, значи дека ги дели и многубројните и напредни системи за асистенција. Во одредени услови, „комбето“ може и само да запира кога напред на автопат има побавно возило (радарски темпомат). Вкупниот број на системи за асистенција, вклучувајќи меѓу другото и помош при паркирање со приколка, достигнува дури 19 ставки.
Големото внимание во инфо-забавниот систем, односно во онлајн-поврзувањето е во тоа што компаниите со големи возни паркови се повеќе ја користат технологијата за да постигнат поголема ефикасност во дејноста, преку надгледување на телематските податоци од возењето. Затоа и не изненадува што системот Volkswagen We е достапен во Caddy, заедно со напреден систем за говорни команди и онлајн-поврзување преку eSIM. Бројот на прекинувачи е смален значително, меѓу другото и ракувањето со климата е одвива преку големиот средишен дисплеј.
Воланот располага со капацитивна сензорика, односно овозможува системите за асистенција да се „уверат“ дека возачот ги држи рацете на воланот, како услов за автопилотирано возење од второ ниво. Секако дека управувањето сега користи електромеханика. За тркалата може да се избира пречник до 18 инчи.
Volkswagen Caddy во Порше е достапен во пет варијанти: Доставен фургон Caddy Cargo (од 17.269 евра, со вклучен ДДВ), патничка изведба Caddy (20.162 евра), комбинирана товарно-патничка изведба Caddy Kombi (од 19.509 евра), повисоко ниво на опрема Caddy Life (од 21.975 евра) и луксузна изведба Caddy Style (од 25.133 евра). Наведените цени важат за основниот мотор, 2.0 TDI со 75 КС, во комбинација со 6-степен менувач.
Дволитарскиот дизел понатаму е достапен во верзии со моќност од 105 КС (од 19.320 евра) и 122 КС (од 20.473 евра). Во двете изведби може да се нарача и 7-степен менувач DSG (од 21.349 евра), додека специјалитетот на Caddy, погонпт на сите тркала 4Motion е достапен со верзијата од 122 КС (од 23.523 евра). Овие цени важат за товарната изведба Cargo. „Плафонот“ е 34.471 евра, кога Caddy вози со најсилниот дизел, со погон на сите тркала и со најбогатото ниво на сериска опрема Style.
Понудата во новата генерација е збогатена со бензински 1.5 TSI во изведба со 130 КС (од 21.755 евра) или со 114 КС (од 17.679 евра) – цените важат за товарната изведба Cargo. За послабиот мотор може да се избере опција 7-степен DSG.
Петте изведби на Caddy се достапни и во традиционалната варијанта Maxi, подолга за 35 сантиметри и со лизгачки врати пошироки за 14 сантиметри (84,4 cm). Третиот ред седишта е стандард во патничките варијанти, со две преклопливи и отстранливи седишта. Во Caddy Maxi и носивоста е соодветно повисока, конкретно 722 килограми во изведба со 1.5 TSI со 114 КС. Ценовникот кај Maxi почнува од 19.986 евра за 1.5 TSI со 114 КС во товарната изведба.
Стандардна опрема во патничкото Caddy опфаќа греење на ретровизори, мултифункциски волан, активен систем за следење лента, препознавање замор, две лизгачки врати, ролетна за багажниот простор, патен компјутер и радио со дисплеј од 6,5 инчи на допир. Во изведбата Life следат лакирани браници и ретровизори, кровни шини, алу-тркала од 16 инчи, преклопување на предните седишта, фиоки под седиштата, потпирач за рака напред, масички назад, клима уред, темпомат, собирање на ретровизори, дисплеј од 8,25 инчи и други ставки.
Кај стилското Caddy стана важна и бојата. Салонскиот примерок е лакиран во бакар-бронза металик боја и тоа е „кампањската“ боја во којашто комбито се појавува во сите реклами, воедно и боја што предизвикува реакции на одушевеност кај посетителите во салонот. Во слична насока одат светло портокаловата и златно-зелената боја. Вкупно 4 неметалик, 8 металик и една боја со бисерен ефект. Тоа е само уште еден доказ, колку Volkswagen го обожува овој модел. Веројатно поради тоа што и пазарот реагира исто.
Неколку извадоци од списокот со дополнителна опрема (со пример за ниво Life):
Задна двокрилна врата со прозорци (место едноделна) 189 евра
Серво затворање на задна едноделна врата 146 евра
Серво затворање за странична лизгачка врата 146 евра
Заштитни панели за подвозје и мотор 282 евра
Панорамски сончев покрив 932 евра
Безжично полнење телефон 331 евра
Навигација со дисплеј од 10 инчи, стриминг и интернет 990 евра
Посебни ергономски седишта 427 евра
Систем за маневрирање со приколка 655 евра
Диодни светла 781 евра
Металик 589