за

BMW Alpina B8: Сé е исто како M8, освен што е различно

Alpina главно ги има истите цели како M GmbH, но ги постигнува на различен начин. Alpina B8 е малку пофина варијанта за уживање во брзините и во ексклузивноста од BMW M8 Gran Coupe.

Купе-лимузината од серијата 8 на BMW го запира светот додека минува на улица. Сé што се правело претходно, во тој момент запира. Alpina успева овој спектакуларен автомобил од преку пет метри да го направи уште поблагороден. Нивниот B8 со моќноста од 621 КС е многу блиску до BMW M8 Competition Gran Coupé. Разликата кај Alpina B8 е во тоа што таа прави возењето да биде и максимално комфорно.

За подобра претстава, за кого е наменета Alpina B8. Тоа се купувачи на коишто станардниот топ-модел BMW M850i Gran Coupé им е недоволен, додека од друга страна M8 Competition Gran Coupé им е премногу нападен. Затоа е тука Alpina со својата екстра-преработка на тема BMW.

Купе-лимузината од серијата 8 на BMW во верзијата на Alpina изгледа различно од сериската изведба во деталите во коишто тоа се очекува од марката. Патем, Alpina е единствена тјунерска работилница во светот што е регистрирана како производител на автомобили. Отворите за воздух во предниот браник се малку зголемени во споредба со M850i, а има и нагласен дифузот во задниот браник. Вообичаено за Alpina се четирите издувни цевки во хромиран финиш, како и украсните лајсни што се поставуваат по желба. Кованите тркала со дизајн Alpina Classic, со поклопец за завртките и со специјални гуми Pirelli се највпечатливата промена кај B8 Gran Coupé.

Истиот пристап се применува и во внатрешноста. Вообичаени детали на Alpina се осветлените плочки на праговите, преработените дигитални инструменти и воланот што е обложен со рачно шиена кожа Lavalina. Стандардната опрема на B8 Gran Coupé опфаќа и комплетно обложување на кабината со мерино-кожа од понудата на BMW Individual, вклучувајќи и кожа по целата арматурна табла. Мултифункциските седишта, топ-изведба на навигацијата, озвучување Harman Kardon и комплет системи за асистенција исто спаѓаат во стандардната опрема на B8.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Под долгата хауба се наоѓа 4,4-литарскиот битурбо B8 познат од B7, со моќност од 621 КС. Подеднакво е впечатлив и вртежниот момент од 800 њутнметри, послужен во целото работно подрачје меѓу две и пет илјади вртежи. Моќноста во споредба со тркачкиот BMW M8 Competition Gran Coupé е пониска, меѓутоа вртежниот момент кај B8 е за 50 њутнметри повисок.

Лимузината со тежина од 2.175 килограми спринтува до темпо сто за 3,4 секунди, што е две десетинки послабо од M8 Cоmp GC. До двесте километри на час се доаѓа за 11,6 секунди по стартот. Вообичаено за Alpina, нема ограничување на крајната брзина, така што B8 мазно ќе забрзува до 324 km/h. Тоа е повеќе од M8 Competition, но и од Audi RS 7, Mercedes-AMG GT 63 S или Porsche Panamera Turbo S e-Hybrid.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Бидејќи се презема целата погонска спрега од B7 и од XB7, во купе-лимузината се вдомува и познатиот осумстепен автоматик ZF, кој совршено одговара за моќниот мотор. Погонот на сите тркала xDrive е стандард. Уште едно подрачје во коешто става печат Alpina е издувот, кој испушта култивиран, но пак моќен звук.

Меѓу најценетите „дела“ на Alpina е дотерувањето на подвозјето. Целта на специјалистите во баварското гратче Бухле е да постигнат мајсторски баланс меѓу комфорно и спортско подвозје. Меѓу бројните преправки, вклучувајќи и различни лежишта, спаѓаат и пружини Eibach. Тоа што возачите на Alpina исто го ценат во својот супер-BMW е програмата Comfort+.

Alpina B8 Gran Coupé е врв во понудата и тоа се потврдува и во цената. Во Германија, основата чини 161.200 евра. Тоа се екстра 35.000 евра повеќе во споредба со M850i, со неговите 530 КС. Но, тоа се и шест илјади евра помалку од тоа што BMW го бара за својот M8.

Неколку опции за Alpina B8 Gran Coupe:

Bowers & Wilkins Diamond Surround Sound System € 4.450,00

BMW Drive Recorder € 200,00

TV Plus € 1.300,00

Shadow Line со висок сјај во проширен обем € 500,00

M карбонски покрив € 3.000,00

Патосници ALPINA со кожена опшивка € 480,00

Таван во црна алкантара € 1.200,00

Предни седишта со активно проветрување € 850,00

Волан во специјална изведба ALPINA LAVALINA € 640,00

Волан во специјална изведба ALPINA LAVALINA, по желба на клиент € 760,00

Алу-рачки за командување со менувачот, со CNC глодање € 280,00

BMW ласерски светла € 1.750,00

Night Vision со препознавање пешак € 2.400,00

Помош при паркирање, плус € 800,00

Екстра спортски сопирачки € 1.780,00

>>> Пред пристигањето на BMW M3, има добра понуда и Alpina

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новина во Порше МК: Volkswagen Caddy 5 за работа и за живот

Yuasa е нова премиум марка акумулатори на македонскиот пазар