Недостиг од чипови, долги рокови на испорака и поскапувања се вообичаен репертоар на автомобилската бранша во овие времиња. Сцената на четири тркала сепак има да понуди и други вести. Аутоштат, автомобилскиот град подигнат во чест на концернот Volkswagen во Волфсбург, деновиве посебно се гордее на обновениот бифтек-клуб.
Концернот Volkswagen произведува издржливи, модерни, ценети и генерално солидни автомобили, но и сервира добра храна. Колбасите од сопствено производство, со долга традиција и достапност во редовна продажба во некои германски супермаркети, веќе се класика. Летово од Volkswagen е актуелен и обновениот бифтек клуб во Аутоштат. Главните атракции за гледање се подготовката на храна на скара на дрва, но и џиновскиот монолит сол што е поставен среде ресторанот. Верно на милионската посетеност на Автомобилскиот Град, ресторанот секако дека не е мал, со место за 170 гости, вклучувајќи го и отворениот простор.
На скарата на дрва што е изработена во јужноамерикански стил и наменски е проектирана за Биф Клуб, се гори домашна германска бука, што дава вистински шмек на јадењето. Посебноста е во тоа што месото, рибата, зеленчукот и зачинските билки поседуваат биоквалитет и главно се од домашно потекло. Некои десерти се готват директно над оганот.
Без разлика дали е месо или риба, зеленчук, па дури и десерти, речиси сé што им послужуваме на нашите гости, има ‘видено оган‘
Маркус Грајнер, директор на рестораните во Аутоштат
Една од новините е тоа што гостите можат да го составуваат главното јадење по вкус и да бираат порција по мера. За заокружување на аромата на јадењата се грижи сомелие за сол, кој предлага соодветна и ексклузивна сол од најразлични делови од светот и ги зачинува јадењата, директно на маса.
За клубот е посебно развиено крафт-пиво „Roasted Oak“ од регионално потекло. Истото важи и за џинот, за којшто се користат ароматични растенија од југот на Италија.
Наздравје.