Волфсбург го преработе својот најважен бензинец, што го вградува во најширок дијапазон од модели. Новиот 1.5 TSI evo2 со 150 КС стартува во T-Roc и во неговата кабриолет изведба. Новина е и тоа што моторот ќе може да користи горива од обновливо потекло
Бестселерот меѓу бензинските мотори на Volkswagen, во новата генерација троши помалку и загадува помалку. Новата генерација 1.5 TSI evo2 веќе се вградува во првите модели за европскиот пазар. Моторот се нуди прво во изведба со 150 КС, а потоа ќе следат и останатите изведби. До крајот на годината, TSI evo2 ќе стои на располагање и за останатите модели.
Станува збор за мотор од посебна важност, затоа што Volkswagen го вградува 1.5 TSI во најширока палета од модели, од T-Cross до Passat Variant. Томас Улбрих, директор за технички развој, ветува дека „резултатот е значително намалена потрошувачка и мошне динамична реакција на гас.“ Главниот техничар во Волфсбург посочува посебно на новата генерација на системот за исклучување на цилиндрите ACTplus, на катализаторите што се вградени блиску до моторот и на модерната постапка на согорување TSI-Evo.“
Меѓу главните новитети на EA 211 evo2 е соединувањето на трифазниот катализатор и на филтерот за честички во заеднички модул MAR (motornahe Abgasreinigung, пречистување на издувните гасови што се одвива блиску до моторот). Со тоа е подобрена делотворноста на пречистувањето на издувот. Покрај тоа, смалена е примената на благородни метали, а воедно е постигната основа за исполнување на идните норми за издувни гасови, односно Euro 7.
Главна заслуга за смалувањето на потрошувачката на 1.5 l evo2 има усовршениот ACTplus, системот за исклучување на цилиндрите. Подобрувања се постигнати во исклучувањето и вклучувањето на двата цилиндри преку коишто дејствува ACTplus, со цел да се постигне порамномерна работа на моторот. Исто има подобрувања и во согорувањето кога моторот работи со само два цилиндри. Овој зафат е направен со цел да се прошири подрачјето во коешто се активира исклучувањето на цилиндрите.
ACTplus го прекинува дотокот на гориво во вториот и третиот цилиндар, при ниско и средно оптоварување. Тоа не се чувствува во возењето. Во активните цилиндри се зголемува ефикасноста, додека цилиндрите во средината продолжуваат да се движат не предизвикувајќи отпор. Кога ќе се додаде гас, цилиндрите веднаш се активираат.
Освен со турбина со променлива геометрија, 1.5 TSI се одликува и со впрскување под притисок до 350 бари, цилиндерски кошулки обложени преку плазма заради смалување на триењето и со канали за ладење што се леени заедно со клиповите.
Моторите TSI evo2 се конструирани за да работат и со алтернативни горива од обновливи извори. Тие ќе се користат и за изведување приклучен хибриден погон со моќност до 272 КС.
Компактните TSI-мотори од фамилијата EA 211 (EA = Entwicklungsauftrag, налог за развој) се глобални бестселери уште од 2012 година. Volkswagen годишно изработува преку четири милиони од овие мотори, во единаесет фабрики на три континенти.
Во TSI-evo2 и натаму се применува милеров циклус (рано затворање на вшмукувачките вентили при висок степен на компресија) во комбинација со VTG-турбонатполнење. Усовршувањето на моторот во голема мера се должи на почнувањето со сопствен развој на контролен софтвер во Volkswagen.
Volkswagen T-Roc или моделот што му должи милион купувачи на Golf