за

Toyota со рекорден удел во Европа, три од четири возила се електрифицирани

Пионерот и специјалист за хибриден погон ја постигнува најдобрата продажба во овие чудни времиња. Toyota држи 7,6 проценти од европскиот пазар, хибридот е баран како никогаш досега.

Toyota е во продажен занос на европскиот пазар. Тоа можеби би било и најверодостојниот опис за продажбата на Toyota, доколку браншата и светот не се соочуваа со цела серија кризи. Јапонскиот концерн се справува добро, уделот расте, хибридните возила се продаваат шампионски.

Во првото полугодие од 2022, европскиот огранок на Toyota (TME) продаде 563.067 возила, што одговара на пазарен удел од 7,6 проценти. Во споредба со лани, уделот е зголемен за еден процентен бод. Тоа е воедно и највисокиот пазарен удел што Toyota го има постигнато досега во Европа, во прво полугодие.

Заслугата за зголемената побарувачка лежи во моделите на Toyota и Lexus со самополнечки хибриден, а по ново и со чисто електричен и приклучен хибриден погон. Уделот на овие возила што имаат електромотор во помала или поголема улога во погонот, за целиот европски пазар изнесува 68 проценти. Гледано само во Западна Европа, уделот на овие модели достигнал дури 76 проценти (+6 процентни бодови во споредба со лани). Три од секои четири продадени возила на Toyota и Lexus се хибридни или електрични.

Посебно се бараат новите модели, меѓу кои Yaris Cross, Aygo X и Lexus NX, но висок интерес има и за моделите што подолго се во понудата. Целата продукција за следните шест месеци е резервирана.

Европскиот пазар годинава се скуси за 19 проценти, но продажбата на Toyota се намали за само 4 проценти

Марката Toyota од јануари до јуни 2022 продала 539.260 возила во Европа. Иако продажбата е намалена за 4 проценти во споредба со првите шест месеци лани, јапонската марка се докажа како втора најпродавана марка автомбоили на европскиот пазар. Тоа се случува во време кога целиот пазар е во пад од 19 проценти.

Најпродавани моделски серии се Corolla, Yaris, Yaris Cross, C-HR, како и RAV4. На овие модели отпаѓаат 75 проценти од вкупната продажба. Самополнечките хибриди, приклучните хибриди и чисто електричните модели постигнале 363.962 продажби. Тоа значи дека 68 проценти од продадените возила се електрифицирани. Во споредба со првото полугодие лани, постигнат е раст од 11 проценти.

Lexus во првото полугодие пласирал 23.807 возила во Европа. Дури 98 проценти од продажбата во Западна Европа отпаѓа на електрифицирани модели. Бестселери се моделските серии UX, NX и RX, кои сочинуваат 88 проценти од вкупната продажба во Европа.

Хибрид за добро утро, приклучен хибрид за добар ден, електрична Toyota за добра вечер

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen ги подготвува бензинците за Euro 7

Honda Civic Type R за 50 години Civic и 25 години Type R