Единаесеттата генерација на Honda Civic веќе стартуваше со продажба во Европа и САД, а верно на досегашната традиција, гамата на моделот ќе биде крунисана со спортската изведба Type R.
Основата за новиот Civic Type R исто како и досега ја нуди комбилимузинската изведба. Предните и задните крила се проширени за да се создаде простор за масивните тркала и за визуелно да се укаже дека станува збор за бескомпромисен спортски автомобил. Тркалата од 19 инчи се лакирани во мат црна боја и носат гуми Michelin Pilot Sport 4S со димензија 265/30.
Сопирачките Brembo кај Type R се неизоставни веќе со генерации. Секако дека способниот спортски систем за сопирање е нагласен со клешти лакирани во црвена боја. Според најавата од Honda, постигнато е сопирачките да бидат уште поиздржливи на прегревање и на екстремни услови на користење на тркачка патека, отколку кај претходникот. Исто е подобрена и реакцијата на сопирачките.
Спортскиот печат го заокружува предниот браник со широк долен отвор за воздух и со мрежа со крупен растер. Изведени се и нови канали што спроведуваат воздух за ладење до сопирачките. Во хаубата се наоѓа отвор низ којшто струи врелиот воздух од моторот, а истата функција ја имаат и жабрите зад предните крила.
Трите издувни цевки што се поставени средишно, повторно се заштитен знак во опашот на Type R. Промената кај новиот модел е во тоа што има две помали цевки покрај широката средишна цевка. Масивниот заден спојлер исто така ја заокружува вообичаената слика за спортската верзија на Honda Civic. Во задниот браник јасно се забележуваат отворите за воздух и масивниот дифузор.
Срцето на Civic Type R е познатиот 2,0-литарски четирицилиндарец со турбонатполнење. Усовршувањето кај новиот модел е постигнато главно во подрачјето на турбокомпресорот. Honda посочува дека е преработен издувниот систем и намалена е неговата тежина. Зголемената крајна брзина и вртежниот момент исто така се должат на зафатите во издувот.
Техничките податоци уште не се откриваат и само се напоменува дека новиот мотор е најсилен VTEC-Turbo што досега е вграден во Type R. Постоечкиот модел располага со 320 КС и вртежен момент од 400 њутнметри. Шестстепениот мануелен меунувач е преработен и располага со автоматско усогласување со бројот на вртежи на моторот, за префрлувањето во понизок степен да биде совршено.
Главен печат во внатрешноста ставаат црвените интегрални спортски седишта и бројните детали во кокпитот во црвената заштитна боја на Type R. Возачот може да избира меѓу шест параметри, меѓу другото врз моторот, управувањето и подвозјето. Дополнително може да се избере и режим на возење – комфорен, спортски и +R. Зафати се извршени и во телеметрискиот систем Honda LogR, којшто сега располага со врска со паметен телефон.
Продажбата во Европа стартува во почетокот на 2023 година. Цените не се познати, но затоа е познато во кои бои ќе биде достапен новиот Civic Type R: Championship White, Rallye Red, Racing Blue, Crystal Black и Sonic Grey Pearl.