за

Како дволитарскиот TDI на Volkswagen од EA 288 стана EA 288 evo

Најважниот дизел мотор на Volkswagen си обезбеди место за уште неколку години под хаубата на Golf, Tiguan, Arteon и други модели.

Како дволитарскиот TDI на Volkswagen од EA 288 стана EA 288 evo

Во осмата година по премиерата, моторот 2.0 TDI на Volkswagen без проблеми ја исполнува строгата норма Euro 6d. Главната работа ја завршуваат два SCR-катализатори кои ја намалуваат емисијата на азотни оксиди.

Volkswagen вели дека 2.0 TDI му е најважен мотор и го вградува во повеќе модели во најдобрата форма досега. Покрај тоа што сложена техника на двојно дозирање на адблу во издувниот тракт придонесува моторот да биде далеку под лимитите на нормата Euro 6d, инженерите во Волфсбург постигнаа тековното издание на EA288 evo да работи помирно и потивко.

Сето тоа најдобро го знае Др. Франк Велш, директор за технички развој во VW: „Тој работи во најголем број модели на марката и во бројни модели од концернот. Поради тоа продолживме со го усовршувањето на нашиот успешен дизел мотор и вложуваме многу во тоа. Со исполнувањето на издувната норма Euro 6d, моторот е подготвен за следните години.“

Како моторот EA 288 стана EA 288 evo

Дволитарскиот TDI со интерен код EA 288 беше претставен во 2012 година. По шест години следеше голем развоен чекор, којшто му ја обезбеди додавката evo. Потрошувачката се намали, емисијата исто така, звукот стана посмирен, моторот реагираше подиректно на гас, а сето тоа беше крунисано со значително зголемена моќност и вртежен момент. Покрај тоа, моторот беше подготвен и за изведување на благ хибриден погон.

Последната измена во моторот беше извршена пред да почне неговото вградување во Golf 8. Во минатото лето, EA 288 evo претрпе неколку технички дотерувања. Во основната верзија, дволитарецот го замени претходниот 1.6 TDI. Зафатите имаа за цел да се исполнат лимитите на издувната норма Euro 6 AP, а менаџментот бараше и моторот да работи уште посмирено. Volkswagen избра двојна стратегија: Со детални зафати се оптимираше согорувањето и се смали „суровата“ емисија, додека технологијата со двојно впрскување Адблу во издувниот тракт постигна најголемиот дел од азотните оксиди да се претвори во помалку штетни гасови.

Ладилникот во степенот со низок притисок во повратниот систем за издувни гасови е за 25% поефикасен. Тоа го смали создавањето азотни оксиди во комората за согорување при работа на моторот под високо оптоварување, односно кога се дава полна гас. Инјекторите, што го впрскуваат горивото во коморите за согорување, работат со висока прецизност во сите режими, затоа што сензор го надгледува затворањето на иглата.

Во еден работен такт може да проследат до девет одделни впрскувања. Количината на гориво што се впрскува единечно може да биде колку врв на игла. Притисокот на впрскување достигнува 2.200 бари – тоа е исто толку притисок како два „голфа“ да се потпираат на шипка што има попречен пресек од еден сантиметар квадратен. Изолациска пена под капакот на моторот и нов издувен лонец придонесуваат за намалување на бучавата. Исто како досега, 2.0 TDI во верзиите од 150 КС нагоре поседува две балансирачки вратила, што ги поништуваат несаканите вибрации.

Два катализатори со селективна редукција ги пречистуваат издувните гасови

Volkswagen ја разви технологијата на двојно дозирање Адблу со цел максимално да се пречистат издувните гасови. Два катализатори SCR (Селективка Каталитичка Редукција) работат заедно, за азотните оксиди со помош на растворот од уреа Адблу, да се раздвојат на вода и азот. Golf 2.0 TDI со технологијата на Twindosing е далеку под лимитот од 80 милиграми NOx по километар, колку што ограничува нормата Euro 6d ISC-FCM AP. Во споредба со нормата Euro 6d-temp, тоа е двојно помала количина на азотни оксиди.

Првиот SC-катализатор е веднаш зад мотророт. Тој е со зафатнина од 3,4 литри и воедно служи како филтер за честички PM. Негова задача е да претвори 90% од азотните оксиди, кога температурата на издувните гасови при нормално возење се движи меѓу 220 и 350 степени Целзиусови. Поради тоа што е блиску до моторот, катализаторот брзо се загрева.

Вториот SCR-катализатор е во подот на возилото и се состои од два дела. Зависно од возилото, неговата зафатнина се движи меѓу 2,5 и 3,0 литри. Тој го претвора најглемиот дел од азотните оксиди при високо оптоварување, односно кога издувните гасови се уште пожешки. Гасовите од моторот може да имаат температура над 500 степени Целзиусови. Пред да доспеат во вториот катализатор, тие се ладат на 350 степени, со цел да се постигне повисока ефикасност.

Моторот 2.0 TDI со Twindosing-технологија работи во широка лепеза на модели на Volkswagen, од Golf, до Arteon, исто како и во бројни модели од марките во концернот, вклучувајќи и модели со надолжно поставен мотор. Моторот моментно се развива со нагласок на блага-хибридизација, со 48-волтна техника.

>>> Тест: Skoda Octavia 2.0 TDI DSG Style

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Луис Хамилтон во кампања „After Work“ за Mercedes-AMG

Луис Хамилтон во кампања „After Work“ за Mercedes-AMG

Lada со рекордна ноемвриска продажба

Lada со рекордна ноемвриска продажба