Денес постојат посебни видови велосипеди за секоја намена, кои се разликуваат во изгледот, но и во функционирањето. Ова се десетте различни видови велосипеди коишто се во тренд во новата сезона.
Товарен велосипед од видот Longjohn
https://photos.app.goo.gl/hAPJb1nsm8cCQFJW9
Без разлика дали станува збор за семеен превоз, за мала работилница или за достава на пратки, во цела Европа расте побарувачката за товарни велосипеди. Постојат големи разлики меѓу велосипедите во оваа група. Во просторот пред возачот може да седат до три деца, а секако дека просторот ќе биде сосем корисен и за големата неделна набавка на намирници. Предноста е во малиот круг на вртење и во ниското тежиште. Тоа овозможува брзо и безбедно возење, како и лесно минување низ тесен простор.
Товарен велосипед од видот Longtail
https://photos.app.goo.gl/smPECQvYnwcUJE4i6
Овој вид товарни велосипеди има сосем различна примена. Тие се одликуваат со продолжен носач за багаж назад, што може да се користи за превоз на товар или за поставување детско седиште, па и за обично седење. „Долгоопашестите“ товарни велосипеди наидуваат на растечки интерес. Нивната предност е во тоа што зафаќаат помалку простор.
СУВ-велосипеди
https://photos.app.goo.gl/aRKuQ45DLBC8EFkc7
Исто како што постојат СУВ-возила, така сега постојат и СУВ-велосипеди, кои се наменети за град, но и за терен. Кај овие велосипеди обично се користи рамка со амортизери напред и назад. Гумите се дебели, а опремата на велосипедот вклучува носач за багаж, заштитни калници и светла. Тоа овозможува велосипедот да се користи и за патување до работа, и за спортување во слободното време.
Електрични планински велосипеди
https://photos.app.goo.gl/Hc2Qwqd6G2azUhXe8
Овој вид велосипеди постигнува голем раст во побарувачката. Тие овозможуваат подолги тури по терен, а наменети се за сите, од почетници, до врвни спортисти. Производителите постојано ги унапредуваат своите модели од оваа група, главно со преправки во геометријата на рамот, со цел да се обезбеди повисока моќност при искачување.
Тркачки велосипеди за чакал, Gravel-Bike
https://photos.app.goo.gl/iMyUA1BbqDarxnwE9
Тркачките велосипеди за чакал се едни од главните нови ѕвезди на сцената. Нивна одлика е спортското возење дури и по напуштањето на асфалтот. За тоа се грижат широките гуми, поради што овие модели се нарекуваат уште тркачки велосипеди со широки гуми. Секако дека уживањето не е ограничено само на чакал. Кај некои од поскапите модели се користи на пример еднострана предна вилушка, преземена од планинските велосипеди. На тој начин се зголемува тракцијата при возење по терен.
Детски велосипеди
https://photos.app.goo.gl/dkgrpGRYahWxRiTs7
Во корона-кризата се зголеми побарувачката за детските велосипеди. Тие во соодветни услови во некои земји се користат како замена за училишниот автобус. Постои најразновиден избор, од планински до електрични велосипеди. При изборот треба да се внимава на рамката, по можност таа да биде алуминиумска, но и да биде ниска, за дечињата што учат да возат да се качуваат и симнуваат полесно.
Патнички велосипеди
https://photos.app.goo.gl/xtfeQ3FWMMbApK5X6
Летниот одмор со излежување на плажа и пиење коктели, во време на корона е заменет со долги велосипедски тури. Поради тоа се зголеми и интересот за патничките велосипеди. Неколку производители се специјалисти за овој вид велсоипеди, па дури нудат и изработка точно по мера и по потреба на корисникот. Челична рамка речиси е стандард, најразновидни можности за прицврстување носач за багаж се задолжителни.
Трајк
https://photos.app.goo.gl/uHBH1s1bZX9o7cyS7
Лежечките велосипеди долго време беа во сенка. Откако производителите почнаа да им вградуваат електромотори, се разбуди и интересот за овие велосипеди. Без разлика дали станува збор за верзија со електромотор или стандардна изведба, предностите се во релаксираната положба, во стабилните возни својства, како и во панорамската глетка. Доколку моделот поседува и амортизација, тогаш може да се совладаат и многу долги тури.
Електричен градски велосипед
https://photos.app.goo.gl/osfym2xK9j653KE86
Класичните градски велосипеди се почесто добиваат електромотор. Интегрирањето на батеријата и електромоторот е стандард. Тоа е добро за изгледот, но е уште подобро поради заштитата од оштетување и кражба. Ниска рамка и исправено седење се главни одлики на овие велосипеди.
Велосипед за трекинг
https://photos.app.goo.gl/aPXDg4MzuAkpBjyg9
Поради својата универзална примена, трекинг-велосипедите подолго време се продажен хит. Денес е речиси незамисливо да се понуди модел во овој сегмент без електромотор. Велосипедите имаат издржлива опрема и напредна техника. Овие модели се совршен придружник во секојдневеито, исто како и на подолгите тури.
















