за

Возачите во Британија ќе отвораат врата на холандски начин

Од сабота, возачките и возачите во В. Британија мораат да применуваат посебен зафат при отворањето на вратата од автомобилот, заради безбедност на велосипедистите и пешаците.

По долгогодишно залагање на активистите, возачките и возачите во Велика Британија ќе бидат обврзани при отворањето врата да внимаваат да не им го попречат патот на велосипедисти и пешаци и со тоа да го загрозат нивниот живот. Мерката е едноставна, позната и се применува сé помасовно: Холандски зафат.

Британските возачи од претстојниот викенд ќе мора да применуваат посебна мерка при отворање врата, за да не ги доведат во опасност велосипедистите или пешаците. Не е потребен посебен труд, а ефектот е докажан: По рачката за отворање на вратата, возачите ќе посегнуваат со левата рака – во островската држава се вози од левата страна на патот, односно воланот е десно. Тоа е само приспособување на зафатот што долго се применува во Холандија и се подразбира за тамошните возачки и возачи, исто како што се подразбира на улица да се погледне на обете страни пред да се помине на пешачки премин. Нормално, во Холандија и пошироко на континентот, холандскиот зафат се изведува со десната рака.

Активистите во земјата ценат дека животите на голем број настрадани велосипедисти и пешаци во ваков вид незгоди ќе биле спасени, доколку правилото за отворање на вратата со раката од спротивната страна било применето уште пред многу години. Правилото во Холандија важи веќе 55 години.

Со еден толку едноставен зафат се постигнува најмногу, се зачувува нечиј живот. Според практиката на возачите во земјите во коишто почнува помасовно да се применува холандскиот зафат, потребно е најмногу една седмица привикнување, за отворањето на вратата со раката од спротивната страна да стане рутина.

Што е „холандски зафат“?

  • Името на техниката потекнува од начинот за отворање на вратите на автомобилот што со години е вообичаена практика во Холандија
  • Со користење на раката од спротивната страна на вратата се поттикнуваат возачите да го завртат телото и главата наназад, при излегување од возилото
  • Правилото ќе стапи на сила во сабота, на 29-ти јануари.

Холандскиот зафат е меѓу 11-те нови и сменети правила за возење коишто ќе се воведат во возачкиот кодекс годинава. На сила стапува и правилото за одржување растојание од најмалку 1,5 метар при престигнување велосипедист, како и давањето предимство на пешаците, при вклучување со возилото на крстосница.

Последните значајни промени во возачкиот кодекс во земјата биле воведени пред 15 години

Министерката за патишта, баронесата Вир од Норбитон, коментира: „Со гордост можам да кажам дека имаме едни од најбезбедните патишта во светот, но посветена сум да ги направам уште побезбедни за секого.“

Доколку возач биде забележан дека отвора врата без да го применува „холандскиот зафат“ и ги доведува во опасност велосипедистите и пешаците, следува парична казна во висина од 1.000 фунти.

>>> Нови закони во Англија: Метар и пол од пешак, два метри од коњаник

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Француската жандармерија ќе вози хибридни Peugeot 3008 со 225 КС

Последниот Citroen C1 од фабриката во Чешка, наследникот веќе вози