за

Последниот Citroen C1 од фабриката во Чешка, наследникот веќе вози

Citroen C1 повеќе нема да постои во понудата на Французите, но тоа е најмал проблем. Неговиот наследник е поевтин, вози само на струја, оригинален е 100% и се вика Citroen Ami.

Марката што има впарени запченици како заштитен знак, објави дека последниот примерок од Citroen C1 ја напушти фабриката во Чешка. Наследникот уште одамна го има преземено „кормилото“ за марката во сегментот на најдостапните и најградски автомобили – Citroen Ami.

Од 2005 година, во заедничката фабрика на PSA Peugeot Citroen и Toyota во Колин, Чешка, се произведоа близу 1,2 милион примероци од Citroen C1. Од јануари лани, фабриката е во целосна сопственост на Toyota. Французите сега се дел од големиот концерн Stellantis.

Во денешното соопштение од Citroen се наведува и дека C1 нема да биде заменет со нов модел. Празнина сепак нема да остане. Според францускиот производител, општествените промени донесоа и „значајни примени во поглед на сообраќајните услови во градовите и забрзување на енергетската транзиција“. Со други зборови, Citroen Ami веќе одговара целосно на тековните барања за градско возило, а згора на тоа има и чисто електричен погон. Нема потреба од нов C1.

„Единицата“ на Citroen беше дел од фантастичното трио, заедно со Toyota Aygo и Peugeot 107/108. Првата генерација од 2005 година беше долга 3,46 метри, имаше исклучителна прегледност, а во тие рани времиња на трицилиндарските мотори, еднолитарецот со седумдесетина КС изненади многумина со темпераментот. Втората генерација беше претставена во 2014 година, во каросериски изведби со три и со пет врати.

Така изгледаа кадрите во рекламите за Citroen C1

New item by Automedia MK / Google Photos

Посебен шарм оддаваше изведбата Airscape со сончев покрив со електрично отворање, за возење низ град со ветер во коси. Соодветно на кругот купувачи за коишто беше првенствено осмислен, Citroen C1 уште тогаш понуди дисплеј од 7 инчи на допир и можност за поврзување со телефон. Францускиот автомобил не можеше да го сокрие своето потекло, па честопати добиваше стилски третмани. За покривот можеше да се избира меѓу три бои. Во соработка со Жан Шарл де Кастелбажак и магазинот Elle беше изработена специјална серија. Впечатлив настап имаше и серијата Urban Ride.

Citroen Ami изненади многумина, производител цени дека тоа е „вистински популарен феномен“

Дури и најоптимистичките предвидувања за успехот на Citroen Ami ќе беа недоволно оптимистички, со оглед на популарноста што малечкиот, лесен, достапен, невообичаен, а електричен автомобил ја стекна на сцената. Ami, пријател на француски, се покажа како вистински погодок во вистинско време, затоа што по долги години униформност во браншата, луѓето бараа токму таков автомобил, различен и соодветен на времето во коешто жвееме.

Во стилот на Андре Ситроен, кој и самиот беше гение за маркетинг, марката организира сосем различно купувачко искуство за новиот Ami. Нарачката и плаќањето се вршат целосно онлајн, испораката може да биде буквално пред прагот, а исто и возилото за тестирање може да се достави до која било локација што ќе ја посочи купувачот. Во кругот рамките на маркетингот спаѓаат и 50-те „My Ami Superfans“, што секојдневно го возат својот Ami.

Секако дека дел од кругот на потенцијални купувачи на C1 ќе се „охрабри“ за поголемиот и солиден Citroen C3. За да ја нагласат одличната противвредност што ја нудат во овој модел, Французите понудија специјална серија C3 You!, којашто е базирана врз нивото Feel, дополнително располага со неколку корисни ставки опрема и со посебни стилски детали.

Целата моделска понуда на Citroen на македонскиот пазар, со технички податоци, опрема и цени за секој модел, можете да ја погледнете во нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Возачите во Британија ќе отвораат врата на холандски начин

Најголемата фабрика на Toyota во светот е во Кентаки и произведува Camry