Возило на компанијата Uber усмрти жена додека било вклучено автономното возење. Ова е прв случај роботски автомобил да однесе човечки живот.
Уште една незгода со автономни возила, но овојпат со кобни последици. Роботски автомобил во служба на компанијата Uber прегазил 40-годишна жена којашто со својот велосипед ја преминувала улицата на необележано место. Возилото се наоѓало во автономен режим и возело во градот Темпе, во Аризона, со сигурносен возач зад воланот. На фотографиите кои ги објавија американските медиуми се забележуваат оштетувања во предниот дел од возилото, што укажува дека судирот се случил при висока брзина. Жената починала од тежината на повредите во болница.
Автономно возило на Uber во 2016 година беше снимено како минува на црвено светло
Uber ги прекина сите тестирања на возила со технологија за автономно возење. Таа е една во дузината компании кои развиваат сопствени системи за автономно возење и ги тестираат истите во редовен сообраќај по улиците во САД.
Причините за незгодата уште се утврдуваат, но е очигледно дека не станува збор за прва незгода со возилата на Uber:
- Уште во 2016 година се појави видео во коешто возило на Uber минува на црвено светло на семафор во Сан Франциско. Компанијата во тоа време тестираше без дозвола и беше остро критикувана од институциите, но ништо не се смени.
- Лани во март имаше уште еден случај, кога возило на Uber се преврте по ударот од друго возило при полна брзина. Полицијата тогаш утврди дека техниката на автономното возило не била виновна за незгодата. Немаше повредени.
https://www.youtube.com/watch?v=_ypg9i9q7Qk
Различни се условите во коишто возач загина зад воланот на Tesla, при вклучен модус за автономно возење. Возилата на калифорнискиот произвоител располагаат со 2-ро ниво на техника за автономно возење. Во ова ниво, возачот не може да препушти возилото да управува само, туку само ја користи техниката како помош. Возачот на Tesla Model S верувал премногу во способноста на оваа техника и го оставил возилото да управува само. Камерите и радарите во возилото погрешно го препознале камионот пред него како сообраќајна табла и дозволиле возилото со полна брзина да се забие во камионот.
Пред само неколку денови, компаниите Alphabet, Waymo и Uber, беа одбиени од Конгресот, во барањето да се поедностави тестирањето на возилата со технологија за автономно возење. Во меѓувреме, General Motors најави дека стартува со производство на Cruise AV, на своето прво автономно возило.
Калифорнија ќе ги запленува автономните такси-возила на Uber
Роботски автомобили за посетителите на ЦЕС во Лас Вегас
Самовозечко пиво: Прва испорака на стока со автономен камион