Тоа е многу згодно „автомобилче“, кога човек не сака да привлекува многу внимание и завидни погледи преку масивноста на своето превозно средство. Toyota Yaris Cross може да чини колку добар компакт, но може да чини и колку RAV4, кој колку сака и колку може. Најмоќното во Yaris Cross е замислата за моделот, тоа е генијален концепт.
Многу модели од блиската историја на Toyota имаат влијание врз феноменот на Yaris Cross. Секако дека не се „погодило случајно“, СУВ-моделот во семејството на Toyota Yaris да биде пречекан на сцената со толкава одушевеност. Пред сцената да го пронајде универзалниот автомобилски концепт во СУВ-моделите, светот познаваше многу повеќе каросериски форми, варијанти, верзии. Моделите во купе и кабриолет изведба ѝ даваа фин шмек на автомобилската сцена, ванови од секаква големина обезбедуваа практичност и функционалност за семејствата и за луѓе со развижено секојдневие, постоеја бројни оригинални замисли на автомобили.
Сцена од репортажата со Toyota Yaris Cross во Преспа

Меѓу тие оригинални модели во портфолиото на Toyota секако дека се вбројуваат Yaris Verso и Urban Cruiser, коишто ги препознаваме како автомобили што оставиле влијание при развојот и осмислувањето на новиот Yaris Cross. Многумина прво се изненадуваат од просторноста што ги пречекува на возачкото седиште во (речиси) најмалиот СУВ-модел на Toyota. Токму тоа е придобивката од искуството, експертизата на автомобилските марки што се спомнува толку често. Во просторноста што се чувствува напред, секако дека влијаело тоа искуство што менаџерите и техничарите на јапонската марка го имаат стекнато со Yaris Verso, со цела низа Verso модели што беа присутни во гамата, пред СУВ-масовизацијата.
Toyota Yaris Verso
https://photos.app.goo.gl/rDTedH3suSK7dZwx7
Од друга страна, префинетоста, оној фин завршен печат што прави човек да стекне доверба во својот автомобил, се чувствува силно во Yaris Cross. Не треба многу фантазија да се врати сликата од возењето на Urban Cruiser, модел што своевремено се продаваше на македонскиот пазар, исто како и Yaris Verso. Тоа беше практично премиум модел, произлезен од подмарката Scion, развиена посебно за новата генерација купувачи, што имаше посебни барања, но и посебен вкус. За таа генерација купувачи да се привлече, не требаше да им се понуди масивна каросерија, туку фини и нови детали. Интелигенција на правење автомобил, тоа се бараше.
Toyota Urban Cruiser
https://photos.app.goo.gl/e2cr542JHUPDpjZp8
https://photos.app.goo.gl/UW6Yp9VfS1pJ7Vje9
Yaris Cross и самата внесува голема доза иновација, поточно се надоврзува на традицијата на иновирање. Пример за тоа е дводелниот под. Под дводелен, овојпат не се мисли на под што се мести на две висини, туку на поделена површина на подна облога, на лев и на десен дел. Колку тоа и да се чини дека не менува многу, во секојдневието се покажува како добредојдена можност.
Но, кои беа тие херојски модели што сработеа многу, за Yaris Cross & Co да бидат толку моќни денес? Toyota Yaris Verso доаѓа од времето кога беа потребни долги години осмислување и развивање нови концепти, што потоа се прикажуваа на големите салони за автомобили, за дури по неколку години да следат сериските модели. Yaris Verso следеше две години по прикажувањето на концептот FunCargo. Тоа беше микрован конструиран врз основа на Toyota Yaris, произведуван меѓу 1999 и 2005 година.
Toyota Yaris Verso
https://photos.app.goo.gl/xeAoXotP2hKNu72M8
https://photos.app.goo.gl/5suBKzD8eyXm5gRk8
Посебност на Verso беа седиштата што се впуштаа во подот. Од стандардните 390 литри, кои и самите беа сензација, со спуштање на седиштата се добиваше простор со зафатнина од 1,9 метар кубен. Средното седиште можеше лесно да се отстрани. Силен печат оставаа и моторите. Бензинците од 1,33 литар се повикуваа на технологијата i-VVT за варијабилна работа на брегастите вратила, дизелот од 1,4 литар ja користеше технологијата D-4D. Во 2005 година, пристигна Verso-S, којшто беше со помалку радикален каросериски концепт и повеќе беше смалена варијанта на Corolla Verso.
Зрелоста на Yaris Cross доаѓа во голема мера од самиот RAV4 и секако од авангардистичкиот C-HR, но влијанието што се пренесува најсилно доаѓа директно од Urban Cruiser. Во основа, овој модел може да се замисли како Yaris Cross, но понуден уште пред деценија и пол. Urban Cruiser беше еден од ретките модели што балансираа меѓу кросовер и СУВ во сегментот на градските автомобили. Единствен ривал му беше практично Suzuki SX-4, меѓутоа моделот на Toyota повеќе целеше да се позиционира како премиум модел.
Погонот на сите тркала уште тогаш беше достапен во Urban Cruiser, додека денес веројатно 90% од моделите во класата воопшто не нудат 4×4 опција
Со ниските стакла и моќните котури на каросеријата, „Urban“ потсеќаше на оклопно возило, на „мафијашки“ автомобил. Стилот беше силна одлика на моделот, но времето за автомобилот беше прерано, конкуренцијата уште го немаше насетено тоа што Toyota знаеше дека ќе се случува на автомобилската сцена, кога стартуваше со продажба на Urban Cruiser. Во поглед на моторите, Dual-VVT-i & D-4D беа стандард во сите модели од марката.
За денешниот Yaris Cross повеќе важи дека ги соединува двата концепти во едно, отколку што важи дека е наследник на Urban Cruiser или на Yaris Verso.
https://photos.app.goo.gl/rQGyMc5irqJ1tUYe9
https://photos.app.goo.gl/4c2RS7vYA3EXVwsW9
















