Половина од железничките траси ширум Европа се електрифицирани, на останатите се користат главно дизел локомотиви. Годинава стартуваше ЕУ-проектот FCH2RAIL (Fuel Cell Hybrid Power Pack for Rail Applications), за тоа да се смени. Toyota е дел од проектот со својот водороден погон.
Во конзорциумот, покрај Toyota учествуваат партнери од Германија, Белгија, Шпанија и Португалија. Тие ќе развиваат прототипи на возови што не испуштаат штетни материи. Основата е хибриден, бимодален погонски систем. Место преку надземни електрични водови, погонот се снабдува со енергија преку систем од горивни ќелии што користат водород и батерии. На местата на коишто постои електричен вод, возот црпи струја оттаму. Во останатите делови, енергијата доаѓа од „Fuel Cell Hybrid Power Pack“.
Големината на погонскиот систем може да се менува според потребата. Со повеќе резервоари со водород се зголемува досегот, додека со зголемувањето на бројот на горивни ќелии и батериски модули се зголемува погонската моќност. Тоа овозможува возот да се приспособи за превоз на патници или за превоз на товар.
Четири години ќе се развива погонски систем, со буџет од 14 милиони евра, истиот ќе се тестира и ќе се хомологира
Во рамките на проектот ќе се модифицира електричен воз на шпанскиот производител CAF, кој е обезбеден од страна на шпанската државна железница Renfe. Клучни делови на енергетскиот систем се системските модули со горивни ќелии од Toyota Motor Europe (TME). Батериите и конверторите ќе ги испорача CAF.
Јапонскиот концерн моментно ја користи технологијата во серискиот автомобил со погон на водород Toyota Mirai, кој веќе се нуди во својата втора генерација. Toyota во февруари најави дека ќе понуди на пазарот компактни системски модули од горивни ќелии, кои ќе одговараат за промена и во патен и во железнички сообраќај, исто како и во морскиот транспорт.
Првите тестирања ќе се вршат во Шпанија и Португалија, со помош на инфраструктурните оператори Administrador de Infrastructuras Ferroviarias (ADIF) и Infraestruturas de Portugal (IP). Шпанскиот центар за истражување Centro National de Hidrogeno (CNH2) доби налог да изработи станица од којашто прототипот ќе се снабдува со водород.