Kia Sorento освои уште две награди од светски глас. Врвниот СУВ-модел на Kia победи на изборите за најдобар дизајн Red Dot Award и iF Award. Марката досега има победувано 47-пати.
Со последните признанија во рамките на изборите Red Dot и iF Awards, уште еднаш се потврдува успешниот и впечатлив дизајн на моделите на Kia. Откако Soul во 2009 година беше прв модел на корејската марка што ја освои наградата Red Dot, вкупно 26 модели на Kia го понесоа вредното признание. Исто беше и со изборот iF Award. Од првата победа на Kia во 2010 година, досега 21 модел бил одликуван со iF Award, вклучувајќи го новиот Sorento.
Кусо откако лани започна продажбата на светските пазари, Sorento освои награда за дизајн во изборот на читателите на специјализираниот германски магазин за теренски возила Auto Bild Allrad. Потоа следеше и најважната награда од германските автомобилисти, Златен Волан за 2020 година, во категоријата на големи СУВ-модели. Во март, Sorento ги освои и дамите, со титулата на ‘Women’s World Car of the Year 2021’ во истата категорија.
„При дизајнирањето на новиот Sorento си поставивме цел да ги унапредиме робусноста и естетиката на претходните генерации, применувајќи поголем степен на префинетост и елеганција. Навистина, концептот на ‘префинета смелост‘ го инспирираше целиот процес – со резултат што веруваме дека е зрел и балансиран, но самоуверен“, изјави Карим Хабиб, главен дизајнер на Kia.
Red Dot и iF се меѓу најважните дизајнерски избори во светот
Изборот за Red Dot Award се одржува секоја година во организација на Центарот за дизајн на Северна Рајна – Вестфалија и поделен е во три дисциплини: Дизајн на производ, марка & комуникација и концепт на дизајн. Во историјата на изборот за најдобар дизајн, што се одржува од 1955 година, во неговото актуелно издание учествуваа производители и дизајнери од 60 држави со 7.800 производи. Жирито го сочинуваат 50 независни дизајнери, професори и новинари.
Изборот за iF Design Award се организира од 1954 година од страна на iF International Forum Design GmbH во германскиот град Хановер и се вбројува меѓу водечките независни институции за дизајн во светот. Годинава пристигнаа над 9.500 кандидатури од учесници од 52 држави, со бројни иновации. Жирито годинава се состоеше од 98 незавизни дизајнерски експерти од цел свет. Победниците се објавуваат во „iF World Design Guide“ (ifworlddesignguide.com) и на апликацијата „iF Design App“.
















