за

Toyota со рекордна продажба во февруари, кризата со микрочипови попушта

Toyota во минатиот месец ја зголеми продажбата за 10 проценти, со вкупно 773.271 возила во светски рамки. Домашниот пазар порасна за 53 проценти.

Јапонскиот производител и светски број еден пријави рекордна продажба за минатиот месец, благодарение на попуштањето на долготрајниот кусок во снабдувањето со компоненти, што беше предизвикан од пандемијата.

Втор месец во низа расте и производството во фабриките на Toyota ширум светот. Вкупно се продадени 773.271 возила на светскиот пазар во февруари, што претставува зголемување од 10 проценти со истиот месец во 2022 година. Голем удел во тоа има и одличниот раст во продажбата на домашниот пазар, каде што во вториот месец од годината беа испорачани 53 проценти повеќе возила отколку лани. Бројките од продажбата пред една година беа посебно ниски, како последица од кусокот од микрочипови.

Од своите модели под знакот на Toyota, јапонскиот производител во февруари произвел за 2 проценти повеќе возила отколку лани, односно вкупно 755.839 возила. Тоа е над планираната цел да се произведат 750.000 возила во месецот. Февруарскиот раст се надоврзува на јануарскиот биланс, кога производството напредуваше 8,8 проценти.

Домашното производство бележи солидно закрепнување, со раст од 11 проценти во февруари, по 30-те проценти зголемување во јануари.

Toyota предупредува дека недостигот од компоненти и натаму ќе биде проблем. За време на пандемијата, компанијата владееше со испораките од добавувачите подобро од повеќето производители на автомобили, но и покрај тоа мораше повеќепати да ја поместува планираната цел за производството во минатата година.

Февруарскиот рекорд го поткрепува водството на јапонскиот производител во продажбата на возила со мотор со внатрешно согорување, вклучувајќи ги секако хибридите коишто само добија уште повеќе на залет, додека светот се подготвува за целосно преоѓање на електричен погон.

Остануваат уште само неколку денови, кога досегашниот шеф на Lexus, Коџи Сато, на 1-ви април ќе ја преземе новата должност на извршен директор на целиот концерн Toyota. Негова задача е сигурно да управува со компанијата кон ерата на електричниот погон и на обновливата енергија.

Со февруарската продажба, Toyota ја исполни целта за 10,4 милиони возила во фискалната година што завршува на 31-ви март.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lamborghini Revuelto е брз како струја: Три електромотори и V12

Работата на подвозјето ги разликува GSe-моделите на Opel