за

Работата на подвозјето ги разликува GSe-моделите на Opel

Некогаш беше GSi, потоа следеше ера на OPC, сега се на ред GSe. Тоа се модели на Opel со приклучен хибриден погон, со спортски нагласок, многу опрема – но, главно е подвозјето, неговото посебно дотерување.

Три моделски изведби веќе извесно време се главна тема на Opel. Тоа се GSe-изведбите од Grandland, од Astra и од нејзината комби-изведба Sports Tourer. Покрај вообичаениот третман по пример на скапите италијански гран-туризмо автомобили, со многу опрема и благороден финиш, овие модели во подвозјето користат амортизери Koni FSD, со цел да се спои врвна динамика со врвен комфор. Дополнително, GSe имаат приклучен хибриден погон.

Opel во своите модели GSe си најде одговор на прашањето што сами си го поставија во Риселсхајм. Да се вози спортски динамично, а во исто време одговорно и без висока потрошувачка. GSe е практично подмарка на Opel и соединува приклучен хибриден погон, со спортско возење.

Тоа што дополнително ги одликува Grandland GSE и двете каросериски изведби на Astra GSe, тоа е посебното дотерување на подвозјето и на управувањето. Тимот инженери на др. Кристијан Харвег имаше предизвикувачка задача да постигне GSe-моделите да нудат во исто време спортска динамика и комфор на крстосувач.

Во видеото, др. Хартвег објаснува како новото семејство GSe се потпира на своите спортски предци и тоа наследство го отелотворува во модерни, напредни возила и технологии, што нудат уживање во динамично возење.

Дека нешто „се случува“ во одделението на Opel што е одговорно за развојот на подвозјето, можеше да се насети уште при тестовите на Corsa, Mokka, Astra и Grandland во Аутомедиа во изминатиов период. Неколкупати беше посочувано токму на погоденото дотерување на подвозјето. Тоа што го ветува GSe е уште едно скалило погоре. Најдоброто е во тоа што др. Хартвег и неговиот тим имаат работено и на подвозјето на сите останати модели на Opel.

Во Риселсхајм очигледно работеле малку повеќе посветено да се стекнува единствено и препознатливо чувство зад воланот на секој модел на Opel, односно да се стекнува „опел-филинг“. Хартвег зафати и во подвозјето на сите останати моделски изведби во гамата на Grandland, како тековен знаменосец на марката. Секој Grandland што излегува од фабрика, ги поседува тие промени во работата на подвозјето и на управувањето.

Остро, динамично, но пак удобно: GSe-подвозје со технологија FSD

„Нашата цел беше сосем јасна“, кажува Хартвег. „Моделите GSe треба да понудат оптимален баланс меѓу управливост и возен комфор – со одговорност кон иднината.“ Под одговорност се мисли на приклучниот хибриден погон, којшто е основа на GSe-подмарката.

Grandland GSe располага со системска моќност од 300 КС и брутален системски вртежен момент од 520 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 6,1 секунди, што е врв во класата. Електромоторот на задната оска произведува погон на сите тркала, така што пренесувањето на моќноста врз асфалтот е мошне сигурно.

Astra GSe не заостанува многу и вози со системски 225 КС и вртежен момент од 360 њутнметри.

Хартвег објаснува дека „GSe-моделите имаат пониско тежиште. Astra GSe ја спуштивме десет милиметри.“ Но, секако дека целата мајсторија не е само во спуштањето, туку цела низа зафати прават најспортската Astra да се однесува стабилно во свијоци и сигурно да ја следи линијата.

Основата на овие својства ја даваат специјалните пружини и амортизерите со техологијата KONI-FSD (Frequency Selective Damping). Тоа се стандадни елементи на секој модел GSe. Технологијата овозможува амортизерите да реагираат различно, во зависност од ситуацијата, од квалитетот на патот и од начинот на возење. Целта е GSe да вози спортски, но без притоа да амортизира круто како тркачки болид, туку да нуди комфор.

При возење по „коцка“ или минување преку поклопец на шахта, моделите GSe амортизираат без потрес. При спортско возење, пак, се стекнува чувство на подиректен контакт со подлогата. Спортските врвни модели реагираат подиректно и побрзо на секоја наредба, останувајќи стабилни при нагло сопирање, како и при високи брзини по автопат.

„Тоа функционира без потреба од дополнителен вентил и од втор канал во амортизерот. Зависно од тоа дали вентилот е отворен или затворен, автомобилот вози повеќе комфорно или повеќе спортски“, објаснува Хартвег. „GSe означува ‚Grand Sport electric – спортски возни својства со топ-актуелна приклучна хибридна техника. Уживањето во возење никогаш не било толку разумно во исто време!“

Спортски, подиректно, похармоничко: Сите варијанти на Grandland располагаат со новото дотерување

Усовршувањето на подвозјето и на управувањето не остана ограничено само на моделите GSe. Сите варијанти на Grandland ги користат придобивките од оптимизацијата, односно кај нив се од ново дотерани амортизерите и управувањето.

Инженерите ја зголемија силата на придушување при бавно движење на клипот во амортизерот, а ја смалија при средни и визоки брзини. На тој начин се
постигна подобрување на комфорот при минување преку груби нерамнини.

Исто е сменета и калибрацијата на управувањето. Сите нови примероци од Grandland се одликуваат со спортски-комфорно чувство на Opel и со директна, прецизна повратна информација до возачот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota со рекордна продажба во февруари, кризата со микрочипови попушта

Новиот Porsche Driver Experience го има своето деби во Cayenne