за

На Toyota RAV4 ниту светилка не ѝ прегоре на супертестот во auto motor und sport

За три години, Toyota RAV4 со хибриден погон мина 100.000 километри во тест-возења во секојдневието на редакцијата на германскиот auto motor und sport. Шампион.

Името на автомобилот што се наоѓа на првото масто на вечната листа на најиздржливи автомобили на супертестот на германскиот магазин auto motor und sport е ново, но не е изненадување. Toyota RAV4 Hybrid постигна најдобри резултати во историјата на автомобилскиот маратон.

Ниту еден дефект, ниту прегорена светилка, без каква било непланирана посета на сервисна работилница, освен за редовна замена на масло и филтри. Тоа е резултатот од супертестот на 100.000 километри за Toyota RAV4 Hybrid во култниот германски магазин за автомобилизам auto motor und sport. Секако дека тоа ѝ донесе на Toyota прво место во вечната ранг листа на најизржливи автомобили во историјата на магазинот.

Авторите на ams (auto motor und sport, постoи од 1946 година) го користеа RAV4 во своето работно секојдневие и посебно се одушевени од возните својства и од просторноста. „Додека останатите возила во возниот парк на ams секогаш имаат по некоја бубалка, RAV4 три години извозе без проблем“, пишува магазинот што со децении пристига пред македонската публика во оригиналното издание.

Освен моторното масло, филтрите, течноста за сопирачки и свеќичките, друго не е сменето на автомобилот. Дури и сопирачките облоги го издржаа целото растојание на тестот. Високонапонската мрежа, значи батеријата електромоторот и целата хибридна погонска спрега, заедно со инфозабавниот систем, исто така ниту еднаш не изневериле.

Хибридниот погон му донесе уште еден триумф на RAV4 во архивата на супертестот на ams. Со просечна потрошувачка од 7,0 литри бензин, RAV4 е најштедливиот СУВ-модел од класата, што бил на супертест.

Дел од супертестот претставува и процената на вредноста на возилото по изминатите 100.000 километри и по три години. Според експертите на GTU (голема мрежа од станици за технички преглед), RAV4 по тестот изгубил само 34 проценти од вредноста на ново.

Првата од серијата од три тури со RAV4 по највисоките македонски планини во 2020 година

По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Кораб (1. дел)

„Таков супертест бара вистински квалитет на производот, како што тоа го знаат и нашите клиентки и клиенти. Затоа особено се радуваме за постигнатиот резултат, којшто дава уште еден доказ за квалитетот, издржливота и практичноста на Toyota“, кажа Андре Шмит, директор на германскиот огранок на Toyota.

Извештајот за супертестот на Toyota RAV4 е објавен во изданието 21/2023, што денес е излезено од печат. Магазинот auto motor und sport кај нас може да се најде во специјализираната продавница Свет, на крајот на „Партизанска“.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Село со три илјади жители решава дали BMW ќе гради фабрика

Fiat 600 не само во електрична изведба, туку и како хибрид