
- Нов приклучен хибриден погон со системска моќност од 268 или 304 КС
- Електричниот досег на приклучниот хибрид изнесува 137 километри
- Може да се користи брз полнач со моќност до 50 киловати
- Стандардниот хибрид останува база на понудата, исто како и верзии со погон на сите тркала
- Новиот софтвер се води како Арен и се грижи за безбедност и поврзување
- Хибридот со преден погон стартува од 44.999 евра, приклучниот хибрид од 53.999 евра.
- Мошне ран почеток на продажбата во Македонија, без вообичаеното доцнење зад западните пазари
Тојота Авто Центар во претпразничен дух и погодена црвена боја го изложи првиот РАВ4 од новата генерација во салон. Димензиите не се сменија, но дизајнот повлече повеќе кон големиот Ланд Крузер.
Кога РАВ4 првпат се појави на сцената во 1994 година, моделот беше замислен како малечко возило за рекреација, со погон на сите тркала и способен за терен, но без „камионски изглед“ на теренец. Во секоја следна генерација, Рекреативното Активно Возило на Тојота се проби меѓу најсилните моделски имиња на јапонската марка, и растеше постојано. РАВ4 досега се има продадено во преку 2,5 милиони примероци, на 180 пазари ширум светот.
Претходникот постигна веројатно најголем успех од сите генерации на РАВ4 на македонскиот пазар досега, иако е позициониран над појдовната компакт класа на СУВ, и повеќе зафаќа кон средната класа.
Целосно нова платформа
Претходникот постигна примерен успех и нормално е тоа што новакот се раководи според него во изгледот. Нема големи промени во димензиите, со должината од 4,6 метри и ширината од 1,85 метар, и гледано лаички, може да се заклучи дека не е сменето многу. Но, се случи токму спротивното. Сé е сменето.
Новиот РАВ4 е прв модел во концернот што е конструиран врз новата платформа ГА-К. Платформата овозможува целосен спектар од видови на погон, од бензинци, преку хибриди и приклучни хибриди, до целосно електричен погон. СУВ-моделов сепак нема да се нуди како ЕВ. Тоа е работа на бЗ4Икс, на би-зи-фор-крос.
Голем напредок кај хибридните погони
Тежиштето е стандардно на хибридите, со тоа што од претходната генерација се нуди дополнително и приклучен хибрид. Верзија со обичен бензинец повеќе не се нуди. Јапонците успеаја да го продолжат усовршувањето на хибридниот погон, со нови компоненти, но и со нова батерија, нов менувач и нова т.н. енергетска електроника, што има важна улога.
Во комбинација со засилениот електромотор, се добиваат посуверен старт и посилно забрзување. Верзијата со преден погон сега располага со системски 183 КС, додека изведбата со погон на сите тркала и втор електромотор, за задната оска, доаѓа до 191 КС. Останува 2,5-литарскиот мотор, со бројни усовршувања.
Кај приклучниот хибрид се вградува батерија од 23 кВч, што дозволува електричен досег до 100 километри. Предниот електромотор располага со 150 киловати, што е за 16 кВ повеќе од порано.
ПХЕВ-моделот станува подостапен, затоа што сега се нуди и во верзија само со преден погон, со системски 268 КС. Кај моделот со погон на сите тркала се сервираат 304 КС. Спринтот до темпо сто во тој случај трае 5,8 секунди. Може да се користи брз полнач, со моќност до 50 киловати.
View this post on Instagram
Во кокпитот владее средишниот дисплеј од 12,9 инчи
Првото што се наѕира од кокпитот секако е големиот дисплеј во средина, со пречник од 12,9 инчи, односно 33 сантиметри. Тој е издвоен од арматурната табла, но не изгледа како да е неприродно сместен во средината. Тоа што останува обележје уште од раните генерации се двете издадени полиња за ракување со климата.
Новиот софтвер овозможува говорни команди за навигацијата, климатизација, музиката и за неколку функции на возилото. Голема промена е внесувањето на услугите на Гугл и користењето навигациски податоци во вистинско време. Со бројни функции се ракува и преку апликацијата Мај Тојота, со можност за отклучување на возилото преку телефон.
Основата за засилената дигитализација е новиот софтвер Арен
Арен е основа за сеопфатната дигитализација, односно е база за софтверско управување со функциите и системите. Нов софтвер се вчитува од податочен облак, исто како кај телефон. Софтверската платформа Арен се грижи за работата на сите системи за асистенција, нуди полесно ракување и нови дигитални услуги. Тоа значи дека функциите се побрзи и податоците се обработуваат побрзо, во споредба со досегашниот РАВ4.















