за

Toyota подготвува неколку големи изненадувања во својата понуда

Новата генерација на стилскиот кросовер C-HR и на хибридната икона Prius ќе бидат уште еден храбар чекор на Toyota во дизајнот и во техниката.

Големоволуменските производители обично имаат резервиран пристап при осмислувањето на моделите во својата понуда. Откако ги конструира своите автомобили врз платформата TNGA, Toyota го научи автомобилскиот свет дека храбриот пристап во дизајнирањето на моделите се сложува добро со традиционалните вредности на квалитет, издржливост, штедливост и практичност. Престои уште едно возбудливо поглавје со новитетите што Toyota ги подготвува  годинава.

Кросовер-купето C-HR беше верна најава за револуцијата што Toyota ја продолжува до денес кај своите автомобили. Овој модел со впечатлив изглед се појави во 2016 година. Постоеја разидувања околу дизајнот, од којшто едни се одушевуваа, додека други оценуваа дека тој е премногу агресивен за марката. C-HR го постигна планираното и до денес е еден од најпродаваните модели во понудата на Toyota.

Погрешна е помислата дека Toyota кај наследникот можеби ќе отстапи по малку од дизајнерската авангарда. Наспротив, јапонската марка во декември ја претстави студијата C-HR Prologue. Храброста во дизајнерскиот пристап останува непроменета од првиот C-HR, а пропорциите создаваат спортска појава.

За погонот ќе може да се избира меѓу две хибридни варијанти. Едната е стандардниот самополнечки хибрид, втората е приклучен хибрид, што првпат се нуди во гамата на овој модел. Се очекува електричен досег од преку 70 километри кај втората варијанта. Светската премиера на сериската изведба ќе се случи во текот на летото, а на преодот 2023/24 се очекува моделот да се појави во салоните

Динамичен изглед и спортски перформанси за новата Toyota Prius

Големо изненадување приредува и Prius. Иконата на хибридниот погон доби сосем нов изглед. Менаџерите очекуваат дека петтата генерација на моделот ќе привлекува одреден број купувачи токму поради изгледот, не само поради името што Toyota го има во хибридниот погон и во традиционалните дисциплини.

Промената во изгледот доаѓа заедно со промена во погонот. Место 1,8-литарец, во новиот Prius работи дволитарски бензинец со 111 kW (151 КС), во комбинација со значително посилен електромотор, со 120 kW (163 КС). Моќноста е зголемена речиси двојно во споредба со претходникот. Место 90 киловати, новакот нуди системска моќност од 164 киловати, односно 223 КС.

Во целата 25-годишна историја не се случило Prius да располага со поглоема моќност под хаубата. Секако дека и штедливоста е подобрена. Емиијата на СО2 изнесува 19 грами на километар, вклучувајќи ги 70-те километри на стриуја. Тоа е најниска вредност што Prius ја има постигнато досега.

Автомобилската еко-легенда и некогашен имиџ-мобил на холивудските ѕвезди, во Европа ќе се понуди само во изведба со приклучен хибриден погон. Цените уште не се објавени, меѓутоа според нивото од јапонскиот пазар, каде што продажбата на моделот веќе започна, може да се очекува мошне пријатно изненадување и во тој поглед.

Уште едно изненадување од Toyota претстои веројатно пред завршетокот на годината. Јапонците подготвуваат нова генерација на Land Cruiser. Робусниот теренец е еден од ретките вистински модели од „старата школа“ што денес е достапен во редовна продажба, заедно со Land Rover Defender или Jeep Wrangler.

Toyota подолго од 70 години го има Land Cruiser во својата понуда и овој „коњ за работа“ досега е продаден во милиони примероци. Издржливоста и врвната теренска пробивност ќе ја одликуваат и новата генерација на Land Cruiser. Промената ќе биде главно во тоа што ќе се внесат повеќе елементи на лајфстајл-возило.

Land Cruiser J300 се продава само во Јапонија и на Блискиот Исток, но е преголем за Европа. Тука го чекаме наследникот на моделската изведба што сцената повеќе ја познава како Prado

Дизајнерите работеле на спој од робусност и ретро во изгледот. Toyota има долга традиција на својот теренски модел и може да се повика на која било генерација од минатото. Љубителите на моделот очекуваат новиот-ретро модел да се појави со тркалезни светла. Ако е за верување на гласините, новиот Land Cruiser ќе биде понуден и во посебна изведба со светла по пример на историските модели.

Во погонот нема отстапки кај Land Cruiser

Денешниот J15 е меѓу малкуте модели во коишто Toyota вградува дизел мотор. Тоа нема да се промени ниту кај наследникот. Постоеле размислувања да се воведе верзија со бензински хибрид, меѓутоа стратезите на марката категорично ја одбиле таа идеја. Идниот LC исто така ќе влече 3,5 тони и ќе се пробива по секаков терен.

Можно е дека новата генерација на „крузерот“ со текот на годините ќе се понуди и во изведба со приклучен хибриден погон, па дури и со ворододен погон. Toyota ја научи сцената на тоа, дека изненадувањата не се исклучени кај оваа марка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рекорд за SEAT: Повеќе од 1 милион продадени SUV возила во светот

Audi ги менува ознаките на своите модели