Toyota Mirai влегува во втора генерација, а производителот ја зголемува и продукцијата на својот автомобил со погон на водород. Годишно ќе се произведуваат по 30.000 примероци од автомобилот со најсовршениот вид на погон моментно.
Досегот не е проблем за овој автомобил, полнењето водород трае исто колку што им е потребно на автомобилите со бензински или дизел мотор. Нема ниту намалување на досегот во зима, а емисијата на штетни гасови е нула. Овие својства не се ветување за некој автомобил што ќе се појави во иднина, туку се однесуваат на автомобилот што Toyota започна да го произведува уште во 2015 година. Toyota Mirai, со име според јапонскиот збор за чудо, сега влегува во својата втора генерација.
Уште од старт се зголемува и продукцијата, на 30.000 примероци годишно од водородниот автомобил. Комплетно новата генерација на Toyota Mirai се одликува со голем напредок во техниката, ефикасноста, перформансите и дизајнот.
Усовршен систем со горивни ќелии и три резервоари со водород, благодарение на зголемената зафатнина, овозможуваат за 30 проценти зголемен досег со едно полнење. Лимузината е поголема и место четири места, како кај претходникот, отсега ќе нуди комоција за петмина патници.
Toyota Mirai досега беше прескапа за да биде опфатена во програмата за субвенции, тоа се менува со новата генерација на водородниот автомобил
Вистинскиот „напредок“ е во цената. Новиот Mirai е релативно подостапен, со цена од 63.900 евра на германскиот пазар. Тоа е важно за земјите што ги субенционираат автомобилите со нулта емисија до одредена висина на цената. Mirai досега го надминуваше прагот и за него не следуваше субвенција, конкретно во висина од 9.000 евра, како за „батериските“ електрични автомобили.
Основното ниво располага со тркала од 19 инли, JBL озвучување со 14 звучници, навигација со дисплеј од 12,3 инчи, диодни светла, грејачи во седиштата и пристап без клуч. За безбедноста и комоцијата се грижат бројните системи за асистенција што спаѓаат во пакетот Toyota Safety Sense.
Како основа служи новата модуларна платформа на Toyota за возила со заден погон. Оваа платформа предвидува користење најразлични видови погон. Крутоста на каросеријата е зголемена значително, а во исто време е спуштено и тежиштето, што ветува динамични возни својства.