за

Toyota Land Cruiser е како фабрика за теренско возење

Додека е на асфалт, Toyota Land Cruiser е луксузен автомобил, каков што му нема рамен. Кога ќе го напушти асфалтот, тој се претвора во машина за освојување на теренот – каква што ѝ нема рамна.

Toyota Land Cruiser 2021 тест

Разликата меѓу автомобилите што светот ги замислува како СУВ и Toyota Land Cruiser е исто како разлика меѓу индустриско лепче што педантно е спакувано во две заштитни фолии и носи некое странско име, и лепче што на домашната трпеза е донесено од некоја мала семејна пекара што го снабдува најскапиот хотел во блискиот планински центар.

И уште една суштинска разлика. Додека едното лепче се донесува рутински од супермаркет, заедно со дузина други намирници во багажникот на СУВ, за другото е изведена посебна мисија да се донесе на неделната трпеза, топло и мирисно, од планинското место што со Toyota Land Cruiser е сосем неважно ако е завеано во снег.

Единственото што може да попушти во оваа спрега на Toyota Land Cruiser, може да биде само човекот. Автомобилов комотно и релаксирано ќе го изврши својот превоз до места што претходно се чинеле недостапни со возило. LC 150 ќе мине и планини и гори, ќе издржи и секакви временски непогоди. Способностите на оваа машина никогаш не се доведуваат во прашање. Човекот е тој што ќе се најде немоќен, откако ќе ја отвори вратата и одушевен што победнички ќе зачекори на освоената земја – со вредно исчетканите обувки за низ град, ќе зацапа длабоко во калта долу. Затоа е препорачливо во теренската Toyota секогаш да се седнува со добри чизми. Никогаш не се знае каде дента ќе наведе патот, можеби уште на пат за дома по работниот ден.

Ова моделско име што близу 70 години е дел од Toyota и има надминато десетмилионска продукција е таков автомобил што постојано наведува да се скршне по некој заобиколен пат. Така беше и при изборот на месноста за фотографирање на Теренецот на јапонскиот примус.

При талкање по патиштата низ оваа наша убава Македонија, честопати се наидува на места што се остава да се посетат другпат, кога ќе биде подобро времето и откако претходно ќе се истражи каков е патот дотаму. Со Land Cruiser е неважно какво е времето, а задача му е токму истражувањето

Преместувајќи се постојано од една на друга локација, па на локацијата по неа, до некое одвај слушнато име на место што го наведува малата и претходно незабележана табла покрај патот, на крајот излезе не една, туку десетина локации низ нашава убава Македонија на коишто беше фотографиран Land Cruiser. Тоа кажува најмногу за големината на овој автомобил. Не за физичката големина, туку за големината на неговите можности, за потенцијалите. Land Cruiser може секое возење да го претвори во авантура, во ново доживување. Здодевната шема секој ден да се минува истиот пат, во исто време и со истата музика, тука не постои.

Сцената моментно им го признава теренскиот кредибилитет на три модели: На Toyota Land Cruiser, на Mercedes G-Class, и секако, на Suzuki Jimny. Сé друго во меѓувреме е претворено во конфекција. Тоа што најмногу изненади при новата дружба со најтеренецот на Toyota, во меѓувреме поддотеран во рамките на моделско освежување, сепак не беа неговите теренски способности, туку комфорот и луксузот. Но, секако дека нема да пропуштиме уште еднаш да им се одушевуваме на овие гени на дивокоза.

Уште откако ќе се посегне по држачот за качување, што теренски културно е прицврстен на предниот столб, човек инстантно се уверува дека класичните автомобилски вредности и натаму импресионираат посилно отколку што во тоа успеваат „новите“ вредности. Land Cruiser доаѓа точно од марката што го научи светот за благодатите од користењето електромотор во погонската спрега, но тука никој не се прашува дали под хаубата работи хибрид или можеби некој суперелектричен погон. Land Cruiser е голем и класичен теренски автомобил во ерата на електричните супер-СУВ, на строги лимити за СО2, чиешто надминување може производителите да ги чини десетици милиони евра годишно, на време кога во зелените градови ширум светот повторно им се дава предимство на луѓето пред автомобилите – и во време на корона, што смени многу работи. Land Cruiser е фантастично различен автомобил.

Разликата во каросериската градба меѓу Toyota Land Cruiser и „самоносечките“ СУВ-модели на терен е како разлика меѓу ѕидана куќа со длабоки и цврсти темели и дрвена барака што само е поставена врз бетонска плоча

Тоа што прави Land Cruiser да биде толку различен: Каросериската школка на големата Toyota е поставена врз носечка рамка, што обезбедува неспоредлива цврстина и беспрекорно однесување на каросериската надградба под дејство и на најекстремните оптоварувања при возење по терен. Овој автомобил може за едно тркало да се закачи на кран и да се подигне комплетно во воздух, без притоа нешто да се деформира или откачи.

Екстремните оптоварувања врз рамката не се толку ретки при посериозни излети по теренот. Еден од тие случаи е преоѓање преку висок гребен по земјен пат, кога на пример предното лево и задното десно тркало се кусо во воздух пред возилото да се приземји на три тркала. Како деца на лулашка. Обичен СУВ со независно водење на задната оска ќе заглави уште далеку пред да се најде во ваква ситуација.

Талентот за LC 150 да минува без проблем на местата што се пречка за сите останати, доаѓа и од задната оска. Таа поседува конструкција на крута оска и располага со четири надолжни водилки и панардов лост. Во топ-изведбата Luxury Premium, како возилото на тест, стандардно се вградува системот KDSS (Kinetic Dynamic Suspension System). Тоа е воедно и (речиси) најголемиот спектакл што се крие во подвозјето на супертеренецов: При возење по екстремен терен, предниот и задниот стабилизатор се „откачуваат“ по хидрауличен пат. Тоа дозволува исклучителна флексибилност, односно овозможува да се постигне голем степен на искосување на оските.

Клатењето на каросеријата при возење по нерамен терен речиси е незначајно; Водењето на оските си ја завршува својата работа, возачот и патниците остануваат спокојни

Достојно за името: Покрај тоа што овозможува преоѓање преку тешки пречки, оваа техника е заслужна и за тоа што каросеријата во најголемиот број ситуации одвај се навалува при пробивањето по теренот – значи буквално Land Cruiser, теренски крстосувач. Дури и кога на други модели, самопрогласени теренци, некогаш ќе им успее да држат чекор со LC, разликата е во чувството и во доживувањето. Додека во нив човек најчесто ќе се чувствува буквално како „компир во автобус“, во Toyota сите уживаат додека се вози по терен .

Составен дел од арсеналот за возење по терен кај топ-изведбата Luxury Premium претставува и торсен-диференцијалот назад. Наспроти основната моделска изведба Comfort, што веќе е убаво опремена со едноставен диференцијал на предната оска и автоматски торсен средишен диференцијал во улога на разделник, како и едноставен диференцијал назад, топ-варијантата на Land Cruiser располага и со автоматски торсен диференцијал на задната оска (во средното ниво Executive се вградува заден диференцијал со мануелна блокада).

Средишниот торсен-диференцијал (torsen доаѓа од torque sensing, односно реакција што се реководи според вртежниот момент) се грижи распределбата на вртежниот момент од моторот да се врши во сооднос од 30:70% до 50:50% меѓу двете оски, зависно од ситуацијата во возење. Во нормални услови, постојаниот погон на сите тркала ги дистрибуира њутнметрите во сооднос 30% напред и 70% назад. Тоа е главно позната приказна. Поинтересен е ефектот на торсен-диференцијалот на задната оска. Поточно, двата ефекти. Прво, тој помага да се подобри стабилноста при побрзо возење во свијоци на асфалтиран пат. Неговото дејство може да се објасни најверно на овој начин: Доколку силите што дејствуваат врз Land Cruiser при сопирање во брз свијок, тежнеат да го изротираат опашот надвор од свијокот, диференцијалот „создава“ противсила што го стабилизира двотонскиот колос и помага за свијокот да се совлада полесно и побезбедно.

Не еден туку два торсен-диференцијали, пет степени на теренска редукција, „откачување“ на стабилизаторите заради поголемо искосување на оските

Од друга страна, истиот овој диференцијал помага при возење по макадам или лизгав пат. Кога тркалото што е од внатрешната страна во свијокот ќе изгуби контакт со подлогата при забрзување, „торсенот“ префрлува повеќе њутнметри кон тркалото што е од надворешната страна во свијокот.

Во смисла на насловот, за Land Cruiser како фабрика за теренско возење: Во топ-варијантата Luxury Premium, Toyota стандардно вградува и активни амортизери, приспособливи и со вештачка интелигенција иста како во лимузините и останатите крстосувачи на сопствениот Lexus. За активната амортизација, што Toyota ја води како AVS, може да се избира меѓу нормален, комфорен и спортски режим на работа.

На тоа дополнително се надоврзува и пневматската суспензија на задната оска со електронска контрола. Копчето што е најблиску во средишната конзола покажува убаво. Со ова копче се избира пневматската суспензија да го подигне опашот на Land Cruiser за 30 mm, заради зголемување на клиренсот, или да ја спушти каросеријата за 20 mm, за подинамично возење. Секако дека пневматиката дополнително се грижи за комфорот и возните својства да бидат на највисокото можно ниво, без разлика колку луѓе моментно има во возилото или дали се превезува потежок товар.

Со цел е направено ракувањето со „грубите“ системи да биде нежно и меко; Со обично завртување на светнатите и полирани контролери во средишната конзола, механиката за фин превоз се претвора во машина за возење по терен

Уште многу копчиња има во средишната конзола. На едното од нив стои Crawl: Возачот може да избира меѓу пет степени на „ползење“ на возилото со постојана брзина – во принцип станува збор за супер-усовршена теренска редукција на преносот. Тоа е корисно за извлекување на заглавено возило, исто како и за избегнување на ситуации во кои возилото може да заглави, доколку се отпушти гаста или се притисне врз сопирачката. Автоматското одржување брзина (5 до 7 km/h) при спуштање по стрмна надолнина веќе е класика кај Land Cruiser, исто како и задржувањето на возилото на стрмна нагорнина (2 до 5 s).

На најважното копче за предизвикувачки ситуации на теренот мистериозно пишува MTS. Тоа е кусо за Multi Terrain Select. Може да се избира меѓу пет опции: Кал и Песок, Чакал, Грпки, Карпи, Земја & Карпи. Секоја од овие програми влијае различно врз активниот систем за спречување на погонското пролизгување на тркалата, врз електронската педала за гас и сопирачките. Целта е да се постигне максимална тракција за ситуацијата и возилото лесно да се контролира. MTS може да се вклучи и при активиран Crawl. Во тој случај, MTS се префрлува во автоматски модус. На овие два системи им припаѓаат двата големи ротирачки контролери во средишната конзола. Арсеналот од теренски (и не само теренски) системи го заокружува копчето 2nd Start, за поаѓање во втор степен на пренос, кога подлогата е лизгава и возилото е натоварено.

 

Пред бирачот за степени на пренос се наоѓа поле со три прекинувачи, кои нудат опции за нормално, комфорно, штедливо спортско (!) или спортско плус (!!) возење. Петте програми за возење влијаат различно врз контролната електроника на моторот, преносот на сила, сервоуправувањето, активната амортизација и климатизацијата. Едната крајност е подинамично возење, другата е штедливо возење.

Составен дел од теренскиот пакет претставува и системот од четири камери, кои имаат дополнителни функции

Посебно поглавје од теренското возење се однесува на системот од камери. Во топ-нивото Premium Luxury се вградуваат четири камери: Напред, назад, во надворешните ретровизори. Кога ќе се вклучи системот MTS, на средишниот дисплеј се прикажува слика од предната камера. Може да се избира меѓу најразлични прикази, но најимпресивен (и најкорисен секако) е специјалниот приказ што се генерира од предната камера. Тоа е корисно кога има малку простор за тркалото да не пропадне или излизга. Дополнително се прикажува и линија, којашто точно покажува каде ќе мине возилото со моментниот агол на тркалата. И уште еден приказ: Кога Land Cruiser критично е навален странично, предната камера го свртува приказот, за возачот полесно да се ориентира според хоризонтот.

Бројни траги врз автомобилов имаат оставено сите експедиции и авантури низ коишто минале милионите Land Cruiser во историјата. Тоа се траги во смисла на функции или решенија: Копче за зголемување на бројот на вртежи на моторот во место, копче за одмрзнувањето на ветробранот, посебна преграда во задниот поклопец во којашто е сместен солиден комплет алати (и во стил на Toyota е целосно обложен со сунѓер) или резервно тркало што е поставено под опашот на возилото и таму има екстра функција да ја заштити каросеријата од оштетување при наседнување врз карпа или слично.

Во секој агол се открива по нешто ландкрузерско. Стаклото во задниот поклопец се отвора посебно, рачката за поклопецот е поставена исправено за помалку да се валка, над задните врати има дополнителни отвори за проветрување, а сето тоа се повторува и во третиот ред седишта. Посебно обележје на Premium Luxury претставува подигнувањето и спуштањето на последниот ред седишта со посебни електромотори. Тоа приближно укажува на нивото на опременост на топ-варијантата.

Промените во моторот направија 2.8 D-4D дополнително да зајакне, исто како да му е додаден цел мотор од фиќо со 27 КС и 50 Nm; Ова сепак е Toyota, па моторот и троши помалку

Промените од крајот на минатото лето најмногу зафатија во моторот. Со вешти зафати во контролната логика на моторот се смали потрошувачката на гориво за 0,7 литар и соодветно се намали емисијата на СО2, за билансот од целата производствена гама на Toyota да биде беспрекорен пред строгата ЕУ во поглед заштитата на животната средина. Преработениот 2,8-литарски четирицилиндарец воедно доби и 27 КС во моќноста и плус 50 Nm вртежен момент. Со 204 КС и 500 њутмнетри, турбодизелот со варијабилна геометрија на лопатките на турбината сега забрзува за три секунди побрзо до темпо сто (9,9 s). Крајната брзина остана непроменета на 175 km/h.

Со длабок звук што е својствен за долгоодните мотори, 2.8 D-4D работи меко, тивко, многу рано создава висок вртежен момент и секако дека нема проблеми да обезбеди пристојна динамика за двотонскиот колос при патување. Потрошувачката меѓу десет и 11 литри е во разумни граници.

Возните својства се изненадувачки солидни за автомобил со врвни теренски способности и со носечка рамка. Luxury Premium варијантата на тоа додава уште салонски комфор на амортизација и акустично спокојство. Секако дека постојат специфики за теренските возила од овој ков, како што е малата „луфта“ во управувањето. Таа во мал дел се компензира при префрлување во спортски режим, меѓутоа познавачите и љубителите на теренското возење и натаму се среќни со управувањето, затоа што знаат дека во спротивно би ги очекувале непријатни вибрации и немир во воланот при секое возење по вистински терен. Меѓу другото. Ако така Toyota конструирала, така требало да биде.

Развојот низ децениите доведе до тоа Land Cruiser да се вози комфорно како лимузина, па и прилично брзо, а реално и нема повеќе толку потреба од посебна вештина за совладување терен

Сите овие предаторски квалитети не се новина во LC. Напредокот низ генерациите на овој модел доведе до тоа, новите системи да бидат во состојба да им помогнат на возачите што не се толку вешти при возење по терен. На крајот, пак, Land Cruiser не е избор единствено на авантуристите или на организаторите на експедиции, туку многумина се решаваат за големата Toyota поради имиџот. Исто како G-Class, којашто повеќе се продава во најскапите AMG-варијанти. Land Cruiser не е толку потреба, колку што е сатисфакција, награда и уживање. Големите димензии не се пречка во сообраќајот, колку и LC да изгледа застрашувачки кога ќе се застане покрај него. Напротив, масивната појава на автомобилов е најделотворниот систем за асистенција што се вградува тука. Ретко кој нормално разумен ќе се втурнува да му одземе предимство на крузерот. Тоа е дел од спокојството зад воланот во Land Cruiser, исто како и на останатите шест седишта.

Ова големо парче автомобил во бисерна металик боја, што во тестираната изведба чини 80.000 евра – а тоа реално е 25.000 евра повеќе и од основната изведба Comfort – уште еднаш докажува дека луксузот е во изборот. За оваа животноостварувачка сума пари може да се изберат автомобили со најразлични карактери, од електричен Audi e-tron, преку BMW X6, до Volvo XC90 Recharge, и Lexus RX 450h секако. Изборот може да биде и Porsche 718, серија 5 или E-Class. Тоа е луксузот, слободата да се избира, меѓу автомобили што веќе се толку далеку од реалните потреби, што сосем е неважно дали дисплејот внатре бил од осум или десет инчи и дали автомобилот троши десет литри дизел или дваесет литри бензин.

Луксузот во Land Cruiser е во тоа што може да се биде различен, а тоа да не значи и претворање во гротеска на улиците, како што се случи со англиско-индискиот модел што некогаш претставуваше големо име на оваа сцена и што од почит кон моделот не го именуваме конкретно.

Toyota Land Cruiser има оставено силно влијание во начинот на којшто јавноста ја гледа марката. Land Cruiser е Toyota

Toyota Land Cruiser е снагата на Јапонците. Во градењето на името Toyota учествувале и уште учествуваат многубројни модели, од Corolla и Camry, преку Hilux до RAV4, секако не изоставувајќи го Lexus. Или Aygo, Yaris, C-HR. Секој од нив различно ја градел „куќата“ Toyota, некој ги поставил темелите, некој вовел високи стандарди во изработката, некој ги отворил прозорците кон иднината. Што е Land Cruiser? Тој е арматурата во куќата Toyota. Без присуството на овој модел во историјата на марката, Toyota ќе беше „само“ производител на издржливи, мајсторски конструирани, штедливи, практични, разумни, пристојни, технолошки напредни и чисти автомобили. Со Land Cruiser, Toyota е сето тоа, но со додаток дека е производител и на еден од најтеренските автомобили во историјата на автомобилизмот.

Овој автомобил на сцената е како туристички аранжман, како дестинација од соништата, со таа разлика што сам ќе ве однесе таму. Луѓето го почитуваат Land Cruiser. Има зошто.

>>> Toyota Land Cruiser, еден од малкуте што се теренци

Toyota Land Cruiser

>>> Кон страната за моделот на Тојота Авто Центар

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

blaupunkt globe speaker звучник автомобилски

Blaupunkt повторно го произведува топка-звучникот

Вака фабричкиот возач на BMW го тестира M5 CS