Toyota ќе одобри во дизел моторите во пикапот Hilux и во теренскиот Land Cruiser во иднина да се користи синтетски произведен HVO-дизел. Сите мотори за овие два модели, што ќе се произведат по првиот квартал в година, соодветно ќе бидат приспособени за синтетското гориво.
Поимот за HVO-гориво во иднина ќе се среќава сé повеќе, како обид на производителите и на политиката да обезбедат чиста иднина при користењето течни горива во моторите со внатрешно согорување. Кратенката стои за Hydrotreated Vegetable Oil, односно хидрирано растително масло. Ова гориво што треба да биде замена за обичниот дизел од фосилно потекло, се произведува од растителни масти и масла, вклучувајќи и користено масло од рестораните и фабриките за храна.
Новото гориво е слабо застапено и се нуди само во неколку европски држави, па и таму само на неколку станици за точење гориво. Исклучок се Скандинавија, Белгија и Холандија, каде што HVO-дизелот веќе е застапен помасовно и се точи на голем број станици за гориво.
Производителите на моторното гориво што се базира врз растителни масла тврдат дека со неговото користење се постигнува за 90% пониска емисија на СО2. Кај моторите со норма послаба од Euro 4, дополнително се постигнува и значително намалување на емисијата на неразградливи честички (PM), азотни оксиди, како и сулфур диоксид. Кај моторите со норма Euro 5 и погоре, за овие честички се грижи системот за пречистување на издувните гасови.
Според Toyota, во Белгија, Данска, Финска, Естонија, Летонија, Литванија, Холандија, Норвешка и Шведска веќе постојат околу 1.000 пумпи на коишто се точи HVO. Моторите на Toyota од фамилијата GD ќе се приспособат за согорување HVO, при што главните зафати секако дека ќе бидат преземени во системот за впрскување на горивото.
Моторите 1GD-FTV (2,8 литри) и 2GD-FTV (2,4 литри) се вградуваат во моделите на Toyota што се констурирани врз носечка рамка. Покрај пикапот Hilux и теренецот Land Cruiser, коишто се во редовна понуда во Европа, овие мотори ги користат и доставниот Hiace, како и теренецот Fortuner. Дизелот од фамилијата GD се произведува во три фабрики во светот и уште при почетокот на производството во 2015 година беше предвиден капацитет за повеќе од 700.000 примероци од овој мотор годишно. Toyota продава модели со овој мотор на повеќе од 150 пазари, така што е мошне веродостојно тој да се нарече светски мотор.
VEGETABLE OIL-POWERED TRAIN WILL TRANSPORT TOYOTA HYBRID CARS
‘DfT said the locomotive can cut carbon emissions by up to 90% compared to diesel. … owned by rail freight operator DB Cargo UK, which has been trialling hydro-treated vegetable oil, … HVO.’https://t.co/hsuapMj9go
— GlobalUnion (@GlobalUnion3) July 30, 2021
Со приспособувањето на дизел моторите на Toyota да работат на HVO, моќноста ќе се зголеми незначително. Јапонскиот производител се придружува на долгата листа од производители што го одобруваат „горивото од фритеза“. На таа листа се наоѓаат BMW, Peugeot, Citroen и Renault, коишто дозволуваат ова гориво да се користи во сите дизели што се вградуваат во патнички автомобили, додека Audi, Mercedes и VW засега го одобруваат тоа само за неколку мотори. Toyota Proace со дизел мотор исто така смее да користи гориво HVO.