Почна новата ера на Toyota Gazoo Racing и на светското првенство во издржливост. Денес во Белгија се возеше првата трка од новата сезона, 6 часови на Спа Франкоршамп. Големата новина е во тоа што место скапите прототипи со „вселенска“ техника, сега се возат за неколку нијанси пореални хиперавтомобили.
По легендарната Група Ц во 1980-те и 1990-те години, лани заврши спектакуларната ера на прототипите во категоријата LMP1. Од годинава, се возат хиперавтомобили. Како бранител на титулата и трикратен победник на Леман, Toyota Gazoo Racing секако дека уште од старт е дел од првенството. Во следните години ќе се придружат и уште голем број конкурентски марки, неизвесноста е гарантирана.
Возачките тимови во Toyota GR010 Hybrid ги сочинуваат познати имиња: Светските шампиони Мајк Конвеј, Камуи Кобајаши и Јозе Мариа Лопез ја возат „седумката“, додека ланските победници на Леман, Себастиен Буеми, Казуки Накаџима и Брендон Хартли се менуваат зад воланот на болидот до стартен број 8.
Погонската спрега на GR010 Hybrid „почнува“ со електромотор напред, со моќност од 272 КС, којшто се вклучува над 120 km/h и создава погон на сите тркала. Со 3,5-литарскиот мотор V6 се добива системска моќност од 680 КС. Нема ограничувања во поглед на горивото што може да се потроши. Ланскиот TS050 Hybrid беше полесен 162 килограми и моќен над 1.000 КС, но постоеја строги ограничувања во поглед на горивото.
Бројноста на тимот на тркачката патека исто се ограничува на 43 лица, со новиот правилник. Целта е да се смалат трошоците и да се поттикне реорганизација и поголема флексибилност на механичарите и инженерите.
















