Вториот модел што доаѓа од специјалистите за мотоспорт на Toyota, од тимот на Gazoo Racing, предизвика огромен интерес во делот од пазарот што се чинеше дека е напуштен и неинтересен за купувачите. Напротив, Toyota GR Yaris верно го доловува духот на Celica GT Four & Co, кои победите на трките ги пренесуваа во моделите што фановите гордо ги возеа во секодневието.
Кој вели дека хибридите се главниот домен на Toyota? Според тоа што се случува со пазарниот интерес за GR Yaris, излегува дека марката исто толку привлекува внимание и со своите спортски модели. Само мал број земји имаат „право“ да го продаваат екстремниот спортист на јапонската марка, што доаѓа од Мотомачи, најпрестижната фабрика на Toyota.
Toyota GR Yaris предизвика интерес и во Македонија, меѓутоа фановите ќе мора да се стрпат, додека прво се покријат најголемите пазари на марката во Европа. Примерот во Германија одлично го покажува обемот на интересот. Само во „кусиот“ февруари, германскиот огранок на Toyota продал повеќе од 1.100 примероци од Gazoo Racing Yaris.
Посебноста на моделот не е „само“ во техниката, туку е многу повеќе во тоа што Toyota Yaris има и победи зад таа техника – на светското рели. Што се однесува до техниката, таа навистина е посебна, почнувајќи уште од самата подготовката на каросеријата за екстремни напрегања, преку вградувањето на задната оска од Corolla, до фактот што само ретровизорите и антената се исти како кај Yaris за семејството и за до работа.
Во духот на старите времиња на релито, Toyota GR Yaris е хомологациска основа за Toyota WRC Yaris. Моторот е 1,6-литарски турбо-трицилиндарец со 261 КС и вртежен момент од 360 њутнметри. Погонот на сите тркала GT-Four ја пренесува оваа моќ на патот. Покрај тоа, бројни делови од каросеријата се изработени од алуминиум, а покривот е од карбон. Моделот во Германија почнува од 33.200 евра.