
Јапонската корпорација Нидек конструираше електромотор што речиси во целост е „мејд ин Чајна“, којшто треба на Тојота да ѝ помогне да се пробие на најголемиот автомобилски пазар во светот, соопшти извршниот директор Мицуја Кишида.
Околу 99 проценти од материјалите и деловите во електричната погонска оска потекнуваат од Кина, изјави претседателот на Нидек, Кишида. Во интервју дадено во минатиот месец, тој оцени дека конструирањето интериран електромотор е „неверојатно тешко“.
Нидек веќе започна со испорака на електромоторот за вградување во би-зи-3-крос, целосно електричен модел на Тојота, чијашто продажба во Кина стартуваше во март, по цена од 110.000 јуани, што одговара на околу 13.200 евра. Од моделот досега се продадени околу 20.000 возила, соопшти претставник на Тојота.
Овој модел е прв што го користи електромоторот на Нидек и дел е од планот на компанијата за зајакнување на своето присуство во втората најголема екомомија во светот. Домашните производители земаат сé поголем дел од пазарот што некогаш им припаѓаше на најмошните производители на автомобили во светот.
Со користење делови што во најголем дел се произведени во Кина, компанијата ги скуси трошоците и може моделот да го понуди по подостапна цена. Тоа е неопходно за Тојота да може да остане во трка на кинескиот автомобилски пазар на којшто владее најжестока конкуренција во светот.
Новиот електромотор воедно ќе овозможи и заживување на јапонската компанија Нидек, додека расте незадоволството на инвеститорите поради ниската профитабилност и падот на вредноста на акциите.
Во последните пет децении, производителот на електромотори за уреди со висока прецизност се обидуваше да постигне раст преку проширување, купувајќи 75 компании и градејќи мрежа од околу 250 фабрики. Кишида во почетокот на годинава најави реструктурирање, откако ја презеде новата функција во 2024 година.
„Пред да се впуштиме во зголемување на прометот, мора да ги ставиме постоечките бизниси под контрола и да ја зголемиме ефикасноста“, изјави шефот за време на отворањето на новата фабрика во Ќингдао, во северна Кина. Во фабриката ќе се произведуваат електромотори, компресори и електроника за бела техника. Заедно со пренамената на уште две фабрики, во новиот производствен центар се вложени 100 милиони долари.
3000 километри со електрична Toyota bZ4X низ Македонија: Големата тура
Вложувањето во Ќингдао е редок пример за јапонска компанија да вложи толку висока сума во Кина, во време кога останатите компании се откажуваат поради забавениот економски раст на Кина и поради затегнатоста во светската трговија.
Тојота исто така вложува масивно во Кина. Во април беше најавена изградба на фабрика за марката Лексус во Шангај, чијашто изградба ќе чини 2 милијарди долари. Нидек ќе испорачува електромотори и за таа фабрика.















