Концернот Стелантис планира повеќе од двојно да ја зголеми продукцијата во својата фабрика во Кенитра, Мароко. Во следните месеци, производствениот капацитет ќе биде проширен на продукција од 535.000 возила годишно.
Фабриката меѓу другото ќе ја зголеми и продукцијата на електричните четирицикли Цитроен Ами, Опел Рокс-е и Фиат Тополино, од сегашните 20.000 возила на 70.000 возила годишно, соопшти Самир Шерфан при објавувањето на веста за проширувањето на фабриката.
Проширувањето во вредност од 1,2 милијарда евра ќе го зголеми уделот на компоненти од локалните добавувачи на 75 проценти до 2030 година, најави на свеченоста премиерот на Мароко, Азиз Акануш. Тој удел во моментов изнесува 69 проценти.
Стелантис исто така планира во фабриката да произведува хибриден погон и возила со три тркала.

Фабриката во Кенитра е отворена во 2019 година и во следната година ја достигна тековната продукција од 200.000 возила.
Покрај Стелантис, во Мароко произведува и Рено, како и бројни добавувачи на компоненти.
Со проширувањето на фабриката на Стелантис, Мароко ќе го зголеми својот производствен капацитет на преку 1 милион возила, соопшти министерот за индустрија Риад Мезур.
Во 2024 година, извозот на автомобилската индустрија од Мароко порасна за 6,3 проценти, на вредност од 157 милијарди дирхами, односно 17 милијарди долари.
Мароко го подготвуваше својот автомобилски сектор за преоѓањето во ерата на електричните авотмобили, и со години наназад привлекуваше инвестиции од кинеските производители на батерии за електрични возила.
















