за

3000 километри со електрична Toyota bZ4X низ Македонија: Градската тура

Меѓу предностите на електричниот погон спаѓа и исклучително ниската потрошувачка во градски услови на возење. Затоа, следниот потфат во големиот медиумски проект со електричната Toyota bZ4X е возење сто километри во град.

Секогаш кога електричните автомобили се на дневен ред, се зборува за крајниот досег, за најдолгиот пат што може да се мине со полна батерија. Човек може да стекне впечаток дека во возачкиот свет секој ден се седнува во автомобил и се патува колку што држи батеријата. Секојдневието, секако дека се разликува.

Европските возачи дневно минуваат во просек меѓу 30 и 40 километри и го користат автомобилот трипати во текот на денот. Тоа се статистики со коишто официјално се служи ЕУ и коишто ги користат сите чинители во светот на мобилноста, вклучувајќи ги и самите производители на автомобили.

Според тоа, прашањето за крајниот досег на електричните автомобили, во исклучителен случај станува релевантно еднаш во седмицата, кога треба некаде да се отпатува за викенд – секоја чест ако некој може да си дозволи толкав луксуз, и со пари и со време. За ориентација, доколку секој викенд се минуваат по 450 километри, тоа за една година ќе произведе пат од вкупно 23.400 километри. Кога на тоа би се додале уште 30 до 40 километри во работните денови, се добива вредност на годишна километража меѓу 31.200 и 33.800 километри. Сосем „секојдневно“.

Тоа е вистината околу досегот на електричните автомобили. Сцената обожува да фрла копја и камења по погонот на струја, небаре луѓето секој ден возат по 400 или 500 километри. Секако дека постојат исклучоци, но индустријата и натаму произведува автомобили со класичен погон со бензински или дизел мотор. И Toyota продава сé повеќе од своите хибриди. Нема потреба за толку паника од електричните автомобили

Светот на мобилноста се менува, промените уште се во тек – електричниот погон веќе се изедначи со другите и стана само работа на избор

Предизвикот во оваа тура, во рамките на проектот „3000 километри со електрична Toyota bZ4X низ Македонија“, ќе биде да се извозат 100 километри во градски услови. Можеби се чини дека сто километри се малку, па и прашањето пред поаѓањето на турата беше, дали можеби треба да се оди на поголема километража. Но, по само дваесетина извозени километри, стана јасно дека стоте километри се и повеќе од голем залак.

Кој уште минува 100 километри во град, без престан?

Таксистите и дистрибутерите многу добро знаат што значи да се извозат сто километри во еден ден по градските улици. Вистинската големина на стоте километри се согледува кога ќе се земе предвид дека овој „потфат“ траеше 4 часови и 19 минути. Тоа е многу повеќе од „возам половина час од работа до дома“ или „доаѓам за десет минути“.

Нашата хероина, Toyota bZ4X – „bZ“ за Beyond Zero, „4“ затоа што и RAV4 има четворка, и „X“ за кросовер – чекаше во салон со 451 километри досег. Со неа досега извозевме историски поглавја, почнувајќи од спуштањето од Попова Шапка, што наполни енергија за со неа да се мине целиот пат до Скопје, до големата тура, кога со електричната Toyota го извозевме најширокиот круг низ Македонија, во должина од близу 750 километри.

Сé што досега имаме извозено во проектот „3000 километри со електрична Toyota bZ4X низ Македонија“, во соработка со Тојота Авто Центар, може детално да се погледне на посебно организираната веб-страница https://automedia.mk/3000-km-toyota-bz4x-stranica

Вистинскиот повод за градската тура со 100-те километри е друг. Производителите напоменуваат дека потрошувачката на електричниот погон во градски услови на возење се смалува значително. Причината за тоа е рекуперацијата. Кога возилото е во движење, тоа располага со одредена количина енергија. Кога треба да се запре или подзабави, таа енергија треба некако да се намали. Тиа значи, сопирање. При сопирање, се одвива триење меѓу сопирачките дискови и плочките. Од сопирањето настанува топлина.

Тоа е многу енергија. Кој сака да добие верна претстава, нека се залета на безбеден простор далеку од градот до темпо 100 или 120, и силно нека притисне врз сопирачката, до целосно запирање – со напомена, на безбеден простор, каде што не може да наштети ниту себеси ниту на другите. Уште оддалеку ќе може да се почувствува колку силно се загреани дисковите од само тоа едно сопирање. Тоа е залудно, бескорисно „потрошена“ енергија.

Кај електричните автомобили, кога ќе се отпушти педалата за возење или ќе се притисне врз сопирачката, електромоторот дејствува како генератор и го забавува возилото. Место енергијата на залетот да се претвори во бекорисна топлина во сопирачките, кај електричните возила, дел од таа енергија се претвора во електрична (секако дека и кај електричните автомобили се користат сопирачките), и се акумулира во батеријата.

Според WLTP-хомологацијата, Toyota bZ4X во изведбата со погон напред, како тестираната, постигнува досег до 513 километри. Доколку се вози само во град, стандардите велат дека досегот тогаш се зголемува на дури 686 километри. Благодарејќи на рекуперацијата. За приближна претстава, рекуперацијата во најдобар случај „враќа“ околу 60 проценти од енергијата што била потрошена за возилото да се забрза до одредена брзина. Тоа е дел од фасцинацијата на електричниот погон.

Така изгледаше првиот дел од долгата тура од 750 километри со електричната Toyota bZ4X низ Македонија, на рута од Скопје до Гевгелија

Градската тура со bZ4X требаше да биде здодевна. Меѓутоа, овој потфат излезе исто толку возбудлив и поучен, како долгата тура низ Македонија, или спуштањето од Попова Шапка. Турата до Росоман, за набавка на праски и лубеници, со 150 денари трошок за струја, беше „слатка“ и според тоа е вон секаква споредба.

Причината зошто луѓе се решаваат за електричниот погон, првенствено е различното и ново чувство во возење. Доколку возењето на струја немаше „квалитет“, електричните автомобили ќе беа од маргинално значење на сцената. Но, денес е факт дека сé во браншата на четири тркала се врти околу електричниот погон, околу производството на енергија од обновливи извори, околу развојот на индустријата.

Колку што возењето со класичен автоматски менувач со претворач на вртежен момент е поблагородно од возењето со мануелен менувач, толку возењето со електричен погон е поблагородно од возењето со автоматик

Toyota bZ4X повлекува моќно уште од старт, затоа што електромоторот го произведува максималниот вртежен момент исклучително рано, додека на бензинците или дизелите – денес секако со задолжителното турбонатполнење – потребни им се најмалку 1.500 или 2.000 вртежи за да повлечат исто толку силно колку што електромоторот во bZ4X повлекува уште од стотина вртежи. Додека се случи тоа, Toyota е веќе две или три должини понапред.

Вториот дел од долгата тура од 750 километри со електричната Toyota bZ4X низ Македонија, на рута од Гевгелија, преку Прилеп, Битола и Охрид, до Скопје

Сето тоа се случува без намера некој да се трка на старт од семафор. Додека одминуваа километрите во турата, не беше исклучено дека неколку возачи се најдоа испровоцирани од брзиот старт на bZ4X, веројатно мислејќи си дека некој тука има намера да се трка со нив.

Таа исклучително брза реакција, будноста на електромоторот, претставува огромно предимство во град, затоа што помага брзо и лесно да се забрза и да се искористи
укажаната празнина во метежот, за да не се заглави во побавна колона. Тоа е големо растоварување за возачката задача, електромоторот практично се наоѓа во улога на помошник, за возачот полесно да го следи текот на сообраќајот.

Тоа што вистински заморува при патување и подолго возење, не е физички условен замор, туку првенствено е психички замор – токму помошта од брзиот и буден електричен погон влијае за возачот помалку да се заморува

Меѓу бројните предрасуди, во некои „експертски“ кругови на заговорници против електричниот погон, се шири заблудата дека на електричните автомобили ќе им се потроши батеријата додека се чека во колона. Тоа е дубиоза на ниво на корнишон-политичар. Реалноста е сосем друга. Додека моторите на другите автомобили, во застој по градските улици, работат во место и се на граница на прегревање, со постојано вклучен вентилатор – дури и системот старт-стоп се „откажува“ во такви ситуации и не го гасне моторот, зашто тоа ќе биде штетно – сé што работи во Toyota bZ4X е клима-уредот, дневните светла, радиото.

Toyota bZ4X може четири денови да чека на преминот Богородица, со разладувана кабина, и пак да ѝ остане батерија до првиот полнач. Автомобил со дизел мотор и вклучена клима, ќе остане без гориво по ден и пол

Како што минуваат километрите во турата, така станува сé позабавно додека човек е свесен дека минале два три часови зад воланот, без престан и без одмор. Кога треба секој ден да се минуваат дваесетина километри до работа и назад, возењето елеткричен автомобил несомнено внесува нов квалитет во секојдневното живеење. Затоа луѓе ја сакале електриката во погонот.

И тоа го тестиравме: Со 150 денари трошок за струја, до Росоман, во набавка на македонски намирници

Уште едно прашање би било, како на електричната Toyota ѝ успева да потроши помалку гориво во град, отколку на отворен пат – потрошувачката, патем, при темпо 120 или 130 не се зголемува прекумерно, како што претпоставуваат „експертите“ – покрај толку многу поаѓања, забрзувања? Половина од одговорот е во поглавјето погоре за рекуперацијата, а втората половина е во степенот на ефикасност на електричниот погон.

Причината зошто моторите со внатрешно согорување се загреваат толку силно при работењето, се поврзува токму со нивниот низок степен на ефикасност. Притоа се мисли на количината на енергија што се искористува од согорувањето на горивото, за автомобилот да се придвижи. Тоа што нема да се искористи, се шири околу како топлина. Тоа е неискористена енергија. Техниката е егзактна наука, па пресметува дека степенот на ефикасност на дизелите е 45 проценти, на бензинеците одвај 20 проценти, додека електричниот погон е супериорен со 64 проценти искористеност на енергијата.

Најголемата сатисфакција од овој потфат е вредноста на потрошувачката по изминати сто километри во градски услови на возење: Просечно 14,4 киловатчасови на сто километри.

Покрај батеријата од 71,4 киловатчасови, со просечна градска потрошувачка од 14,4 киловатчасови на сто километри, едноставна пресметка покажува дека со едно полнење може да се смета на досег од околу 500 километри. Доколку секој ден се возат просечно 30 километри, тоа значи дека батеријата ќе издржи две седмици, пред да биде потребно Toyota повторно да се приклучи на полнач.

Без многу филозофирање, затоа што остануваат уште бројни тури во проектот со трите илјади километри, заклучокот од градската тура нека биде кус, но делотворен: Електричниот погон е само уште еден избор и околу тоа не треба да се создава драма.

Остануваат уште бројни тури. Километражата досега:

  • 20 километри на Водно
  • 750 километри на Големата Тура
  • 140 километри од Шарпланинската Тура
  • 170 километри од Домаќинската Тура
  • 100 километри од Градската Тура

До 3.000 километри остануваат за возење уште 1.820 километри. Минуваат многу брзо.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тајфунот во Јапонија се движи кон фабриките за автомобили

Tesla со уште едно поевтинување во Кина