за

Toyota и триото на Volkswagen ја раздвижуваат продажбата на градски СУВ

Вкупната продажба во најголемиот и најгусто запоседнат сегмент, градските СУВ-модели, во првото полугодие порасна за 17%, надминувајќи 1,1 милион возила.

Volkswagen T-Roc се нуди и во кабриолет изведба
Volkswagen T-Roc се нуди и во кабриолет изведба

Volkswagen T-Roc е најпродаван градски СУВ-модел во првото полугодие и еден е од моделите што најмногу придонесоа за овој сегмент да постигне раст од 17 проценти во првите шест месеци од годината. Германскиот концерн има три модели во сегментот.

Градските СУВ-модели остануваат најпопуларен тип на автомобил во првите шест месеци од годината. Најголем раст во продажбата постигнаа Volkswagen T-Roc и Toyota Yaris Cross, што секако дека придонесoa за целиот сегмент да напредува.

T-Roc го задржа првото место во продажбата по модели во периодот од јануари до јуни, со раст од 33 проценти и вкупно продадени 103.063 примероци.

Во меѓувреме силно напредуваше Toyota Yaris Cross, којашто се искачи од шестото на второто место, откако продажбата се зголеми за близу 50 проценти. Главнината од продажбата на овој модел се темели врз изведбата со хибриден погон.

Во сегментот на градските СУВ-модели се продадоа вкупно 1,12 милион возила во првите шест месеци, за 17% повеќе од истиот период лани. Тоа е во чекор со вкупниот раст на ниво на целиот европски пазар, којшто достигна 18 проценти во првото полугодие. Овој раст се должи главно на попуштањето на тесното грло во снабдувањето на фабриките за автомобили со микрочипови.

Градските СУВ-модели учествуваат со 17 проценти во вкупната продажба на автомобили во првото полугодие, што значи дека приближно еден од секои пет продадени автомобили е од овој сегмент

Сегментот нуди најширок избор од модели на европскиот пазар, со близу 40 достапни модели, на коишто постојано им се приклучуваат нови марки и модели.

Најпродавани модели во Б-СУВ сегментот во првото полугодие

 
1 VW T-Roc 103,063 33%
2 Toyota Yaris Cross 94,758 49%
3 Dacia Duster 87,372 19%
4 Peugeot 2008 82,458 14%
5 Ford Puma 77,363 4.5%
6 Renault Captur 77,355 7.9%
7 VW T-Cross 57,978 1.3%
8 Opel/Vauxhall Mokka 53,591 9.4%
9 Hyundai Kona 47,178 −8.8%
10 Seat Arona 45,874 24%

Меѓу новодојденците во првото полугодие се вбројува Jeep Avenger, којшто постигна близу 11.000 продажби, што е доволно за 22-то место. Уште еден новитет е Mitsubishi ASX, којшто е идентична сестринска изведба на Renault Captur, со 3.313 продадени возила и 27-мо место на листата.

Сегмент во којшто производителите настапуваат со повеќе модели

Побарувачката во сегментот на градските СУВ е толку голема, што производителите на автомобили го делат сегментот на подкатегории, за да понудат уште поголем избор. Volkswagen е предводник со три модели: Почетниот модел е T-Cross, поспорски настап има Taigo, додека T-Roc е најголемиот во тројката и се базира врз претходната генерација на Golf. Сите три имаа раст во првото полугодие.

Opel ќе продолжи со својата стратегија со два модели, откако во следната година ќе го замени Crossland X со нова генерација, што ќе се продава заедно со стилската Mokka.

Главнината од продажбата се темели врз моделски изведби со мотори со внатрешно согорување, но се очекува голем раст и кај моделите со електричен погон.

Бензинците учествуваат со 68 проценти во продажбата на градски СУВ во првото полугодие. Наспроти тоа, чисто електричните модели учествуваат со само 4,9 проценти или помалку од една дваесеттина од пазарот.

Уделот на хибридите во продажбата изнесува 13 проценти, додека на дизелите отпаѓаат само 7,8 проценти.

Удел на различните видови погон во Б-СУВ сегментот

 
1 Бензин 68%
2 Хибрид 13%
3 Дизел 7.8%
4 Електро 4.9%
5 LPG/CNG 4.6%
6 Приклучен
хибрид
0.7%

Приклучните хибриди имаат најмал удел, којшто спадна на само 0,7 процент. Тоаљ се должи на ослабнатата побарувачка за двата модели што го нудат тој вид погон во сегментот, Jeep Renegade и Renault Captur. Заедничката продажба на овие модели се намали за 43 проценти.

Батериските електрични модели напредуваа за 14 проценти во првото полугодие со вкупно 55.341 возила. Тоа е најмногу заслуга на Opel Mokka Electric, вториот најпродаван модел со погон на струја во сегменгот.

Британскиот пазар е втор по големина пазар за електричните автoмобили во Б-СУВ сегментот, па производителите често ги објавуваат цените прво за тој пазар. Новата Honda e:Ny1, еден од моделите чија што ознака е најсложена за дешифрирање и веројатно е замислено да се изговара „и-њу-уан“, настапува со мошне храбра цена на британскиот пазар: 44.995 фунти, со батерија од 68,8 kWh и 412 km досег. Истиот модел со хибриден погон, HR-V, таму почнува од 30.115 фунти.

Jeep исто така го пренасочи вниманието кон верзиите на Avenger со мотор со внатрешно согорување, откако продажбата на моделот стартуваше лани со верзијата со батериски електричен погон.

Најпродавани целосно електрични модели во Б-СУВ сегментот

 
1 Hyundai Kona Electric 17,473 -12%
2 Opel/Vauxhall Mokka Electric 13,800 46%
3 Peugeot e-2008 13,364 11%
4 MG ZS EV 8,447 19%
5 Jeep Avenger 2,253 New

Во првите шест месеци, само една петина од продажбата на Аvenger отпаѓа на електричната изведба, откако американската марка на Stellantis почна на повеќе пазари да ја нуди верзијата на Avenger со 1,2-литарски бензинец. Место само во Италија и Шпанија, бензинската изведба сега се нуди и во Германија, Франција и Обединетото Кралство.

Одлуката за да се прошири пазарот за бензинскиот Agenger беше од „прагматичен“ карактер и не го менува долгорочниот план на марката, по 2030 година да продава во Европа исклучиво елекјтрични модели. Тоа го изјави извршниот директор на Jeep за Европа, Ерик Лафорџ.

Stellantis планира паралелно да продава бензинска и електрична изведба од новиот Fiat 600, којшто имаше премиера во јули. Италијанците со тоа добиваат чисто електричен модел во понудата, покрај Fiat 500X, којшто е на пазарот уште од 2014 година.

Производителите продолжуваат да вложуваат во модели со мотори со внатрешно согорување. Директорот за финансии на Volkswagen Group, Арно Антлиц, го посочи T-Roc како еден од моделите со мотор со внатрешно согорување, што се „високо профитабилни“.

Најпродавани модели со хибриден погон

 
1 Toyota Yaris Cross 91,540 51%
2 Renault Captur 19,706 8.5%
3 Nissan Juke 12,844 New
4 Hyundai Kona 12,458 -12%
5 Honda HR-V 7,549 -47%

„Тие ќе донесат значителна сума готовина со којашто ќе се финансира преоѓањето на електричен погон“, кажува Антлиц.

Директорот на марката Volkswagen, Томас Шефер, во почетокот на годинава изјави дека T-Roc, којшто ќе се продава уште две години, ќе добие наследник којшто ќе биде меѓу последните нови моделски генерации со мотор со внатрешно согорување што марката ќе ги понуди на европскиот пазар.

Toyota Yaris Cross се искачи на 2-то место во првото полугодие, додека лани во истиот период беше пласирана на шестото место.

Најголемиот раст меѓу видовите на погон го бележат токму хибридите, чијашто продажба се зголеми за 35 проценти, достигнувајќи 150.039 возила.

Секако дека најголемиот удел во тој раст го има Toyota Yaris Cross, од којашто во првите шест месеци се продадени 60.599 примероци.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вредноста на автомобилите што изгореа на бродот Fremantle Highway се цени на 330 милиони долари

Volvo Cars во јули ја зголеми продажбата за петтина