за

Голем тест на зимски гуми на ADAC (II дел): Димензија 225/50 R17

Следи вториот дел од големиот тест на зимски гуми на клубот ADAC, за димензијата 225/50 R17 што е вообичаена кај автомобилите од средната и вишата класа.

Во зимски услови на возење, по снег, мраз и мокар пат, од пресудна важност е гумите во секој момент да имаат добар контакт со подлогата. Зимските гуми го обезбедуваат добриот контакт. Во вториот дел од тестот на зимски гуми на ADAC се резултатите за 18 модели на гуми со димензијата што често се користи кај автомобилите од повисоките класи.

Тестираната димензија 225/50 R17 со брзински индекс V (до 240 km/h) широко е застапена кај моделите од средната класа, како што се Audi A4 или Mercedes C-Class. За најновиот тест на зимски гуми на клубот ADAC беа избрани 18 модели. Конечните резултати влегуваат во две крајности. Добрата вест е тоа што три модели на гуми добија највисока препорака. Голема група од 13 тринаесет модели на зимски гуми добија оцена „добро“. Кај нив се исплатува да се погледне подобро во оцените од тестот, затоа што меѓу нив може да се најдат одредени модели на гуми што имаат подостапна цена од победничките гуми, а притоа пак одговараат на сопствениот стил на возење.

Вознемирувачки е тоа што Goodride Z-507 Zuper Snow и Linglong Green-Max Winter UHP се два модели на гуми што покажуваат недозволиви слабости во дисциплините што се пресудни за безбедноста. Клубот ADAC на овие оцени им даде оцена „недоволно“ и советува овие модели на гуми да се избегнуваат.

Водечкото трио покажува одлични својства во сите зимски сценарија

Наспроти тоа, моделите на зимски гуми Dunlop Wintersport 5, Michelin Alpin 6 и Goodyear UltraGrip Performance + добија највисока препорака. Сите три постигнуваат добри резултати во сите главни критериуми, што значи дека се одликуваат со врвни својства во сите услови на зимско возење. Кај овие три модели на гуми исто така постојат мали нијанси и разлики во тежиштето на коешто е ставено најмногу внимание при конструирањето.

Dunlop постигнува најдобри резултати на снег – и сето тоа му успева при најниска потрошувачка на гориво меѓу водечката тројка. Michelin Alpin 6, пак, традиционално дава најмногу значење на најмалото абење, а воедно постигнува и поголема динамика при возење по сув и по влажен пат. Goodyear се држи добро во сите критериуми и ја нуди златната средина, без притоа да се издвојува во одредени подрачја.

Тринаесет модели на зимски гуми со оцена „добро“

Групата од гуми што добија оцена „добро“ од клубот ADAC ја предводат гумите Krisalp HP од марката Kleber, што е дел од концернот Michelin. Нивните возни својства на влажна подлога се за нијанса послаби во споредба со врвните гуми на тестот и тоа се покажува пресудно за крајната оцена.

Кај следните четири модели на зимски гуми имаат се појавува по едно или две отстапувања што водат кон намалување на оцената. Во случајот на Bridgestone Blizzak LM005, тоа се должи на послабите резултати при тестот на абење. Овие гуми сепак покажуваат само просечни својства при возење по снег. На Continental WinterContact TS 860 им е намалена крајната оцена поради послабите резултати на сув пат, но во останатите критериуми нема отстапувања. Својствата на сув пат можеби се коригирани кај наследничкиот модел TS870, што веќе се нуди во продажба и веројатно ќе се најде на следниот тест на ADAC.

На Nexen Winguard Sport 2 исто така им е намалена оцената поради поизразеното абење, но тие покажуваат само просечни својства и при возење по сув или по влажен пат, како и по снег. Овие гуми го нудат најслабиот вкупен пакет во оваа четворка. Подобри се Vredestein Wintrac Pro, на коишто исто така им е намалена крајната оцена поради поголемото абење, меѓутоа добива високи оцени за своите возни својства.

Слабости на сув пат и на влажен пат

ESA-TECAR Supergrip Pro, Sava Eskimo HP2 и Fulda Kristall Control HP 2 добија намалена крајна оцена поради слабостите при возење по сув пат и по влажен пат. Supergrip Pro се издвојуваат со најмало влијание врз потрошувачката на гориво од сите гуми на тестот. Со словенските Eskimo HP2, од марката Sava што е дел од групацијата Goodyear, беше измерена највисока бучава.

Кај останатите пет гуми постојат најразлични причини за намалување на крајната оцена. Firestone Winterhawk 4 се послаби на сува подлога, но добиваат висока оцена во останатите главни критериуми. Различно е кај Nokian Snowproof P, што одушевуваат на сува подлога, но заостануваат на влажен пат, како и по снег. Во случајот на Pirelli Winter Sottozero 3, причината поради којашто добија само оцена „добро“ се својствата на сува и на влажна подлога, како и на мраз. Toyo Observe S944 имаат слабости на влажна подлога и на снег, додека Maxxis Premitra Snow WP6 заостануваат на снег и на мраз.

Два модели не заслужуваат препорака

Инженерите на ADAC строго посочуваат да не се купуваат два модели на гуми што беа тестирани годинава. Оцената за Goodride Z-507 Zuper Snow и Linglong Green-Max Winter UHP гласи „недоволно“.

Zuper од кинескиот производител Goodride имаат преголеми слабости на снег. Тие имаат најдолг пат на сопирање од сите гуми на тестот, но најголемите пропусти се проблематичното поаѓање на снег, како и лошата управливост при возење по снег. Со монтирани Goodride, на тест возилото Audi A4 му беа потребни дури 25 секунди повеќе за да извози круг на патеката во Финска, отколку што е просекот од сите гуми на тестот, којшто изнесува 79 секунди. Тоа е драстична разлика.

Слично е со Linglong, исто така од кинеска продукција. Проблемот кај овие гуми се недозволивите слабости при возење по влажна подлога. Без разлика дали се работи за должината на патот на сопирање, за аквапланингот или за управливоста: Green-Max Winter UHP не добива подобра оцена од „доволно“ при возење по влажна подлога. Слабоста најдобро ја прикажува должината на патот на сопирање: Во споредба со останатите гуми, со коишто просечно се запира по 37 метри) на Linglong на влажен пат им е потребен за 6 метри подолг пат за сопирање на влажна подлога. За таа разлика да биде уште појасна. На местото на коешто возилото веќе запрело со најдобрите гуми, во случај да се вози со гумите од Linglong, возилото уште ќе биде залетано со 40 километри на час.

Табела со резултати од тестирањето на зимски гуми на ADAC

Димензија 225/50 R17

New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Голем тест на зимски гуми на ADAC: Димензија 195/65 R15

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota купи 80 мегавати струја од сонце за да произведува автомобили

Роџер Федерер тестираше електричен Mercedes EQS