за , ,

Тест на 16 модели на зимски гуми во АДАК: Два модела паднаа на тестот

Клубот АДАК секоја година врши најобемни тестови на зимски гуми. За тековната сезона се тестирани 16 модели на гуми со димензија 205/60 Р16.

Добра зимска гума го крева снегот, инженерите на АДАК изведоа уште едно скапо и ценето тестирање на зимски гуми

Од зимските гуми се бара добро да држат на снег, но и да обезбедуваат добар контакт со подлогата кога се вози по сув или влажен пат при зимски температури. Прашањето во секоја сезона е истото: Кои гуми се најдобар избор? Одговорите ги дава веќе традиционалниот тест на зимски гуми на клубот АДАК.

На тестот на зимски гуми за сезоната 2023/24 на клубот АДАК се најдоа 16 модели на зимски гуми со димензија што се користи најчесто кај моделите од компакт класата (Голф и др.), како и кај компактните СУВ-модели (Тигуан). Два модела на гуми не поминаа на тестот на АДАК и претставуваат опасност во сообраќајот.

Седум гуми со оцена „многу добро“ наспроти две гуми со оцена „недоволно“

Тестираната димензија годинава, 205/60 Р16 со брзински индекс Х, до 210 километри на час, е најчесто вградувана димензија кај моделите од компакт класата, а одговара и за модели од средната класа. Оцената на експертите на АДАК по годинешниот тест во целина е позитивна.

Седум гуми добија посебна препорака, исто така седум модели добија оцена „добро“. Кај вториве треба да се погледнат деталите, затоа што во зависност од тоа како одреден возач ја поминува зимата со својот автомобил, можно е гума со оцена „добро“, што обично е поевтина гума, да заслужи дури и препорака, затоа што подобро одговара за личните услови на користење на возилото на таа возачка или тој возач.

Два модела на тестот покажаа огромни пропусти во поглед на безбедноста во возењето. Тоа се Ласа Сновејс 4, со проблеми на снег и мраз, како и Аустон Атена СЛ-901, со проблеми на сув, но пред сé на влажен пат. Поради тоа, експертите на АДАК за овие два модела на гуми дадоа оцена „недоволно“, овие гуми паднаа на тестот.

Добрите гуми постигнуваат добри резултати според сите критериуми

Седум модели на гуми што покажуваат одлични својства во сите дисциплини на тестот – со тоа што 70 проценти од бодовите се освојуваат во тестовите за безбедност, 30 проценти доаѓаат од погодноста за животната средина – добија оцена многу добро. Тоа значи дека за овие модели важи препорака за вградување без ограничувања.

Кај овие модели на гуми сепак треба да се погледнат деталите, затоа што нивните производители ставаат нагласок на одредени својства. Зависно од начинот на користење на возилото, тие детали може да бидат одлучувачки за изборот на гумите.

Ретко постои поверодостоен и пообјективен тест за вистинските квалитети на зимските гуми, од тестовите на АДАК

Кој вози многу и вози главно по автопат, повеќе внимава на тоа гумите да се комфорни додека се вози по сув пат. Во тој случај, два модели се издвојуваат. Тоа се Данлоп Винтер Спорт 5 и Мишелин Алпин 6. Тие пренесуваат добра повратна информација на воланот, добро држат правец и сите наредби преку воланот ги спроведуваат стабилно и предвидливо. Покрај тоа, овие два модели на гуми постигнуваат и најдолга километража во групата од седум гуми со оцена многу добро.

На влажен пат, што е воедно и најчеста средина во којашто се вози зиме, најдобро се покажуваат Бриџстоун Близак ЛМ005, со најкус пат на сопирање. Веднаш по нив се гумите од сестринските марки од концернот, Фајерстоун Винтерхок 4 и Гудјир УлтраГрип 9+.

Кој има намера, во студеното време од годината почесто да вози по заснежен или замрзнат пат, најдобар избор се Ханкук Винтер ај*септ РС3. Континентал РС 870 П се одликуваат со добри резултати во сите дисципини, меѓутоа без да постигнуваат врвни резултати во некоја од одделните дисциплини, тие се некаде во средината.

Втор избор: Гуми со оцена „добро“

Седум модели на гуми постигнаа во целина задоволнителни крајни резултати. Пет од нив, имаат добар биланс и во поглед на заштитата на животната средина. Сите седум модели на гуми сепак не успеаја да постигнат повисока оцена од „добро“ при тестирањето на безбедноста во возење. На гумите што ќе покажат слабост во барем еден од главните критериуми, АДАК на тестот им ја смалува крајната оцена за едно.

Слабост на сув пат покажуваат Клебер Крисалп ХП3, Барум Поларис 5, Вредестајн Винтрак и Униројал ВинтерЕксперт.

На влажно – што е најчеста средина на возење зиме – слабости покажуваат БФ Гудрич Г-Форс Винтер 2, Фулда Кристал Контрол ХП2, Клебер, Барум и Униројал.

Повеќето од овие гуми покажуваат слабости во управливоста при возење по влажен пат. Поради подуправувањето (влече носот) или надуправувањето (влече опашот) автомобилот не може да се управува доволно прецизно. Понатаму, при забрзување тие порано почнуваат да пролизгуваат, а исто така и патот на сопирање им е подолг, на пример во случај кога се сопира со подзавртени тркала.

На снег и мраз, пак, лошо поминуваат Фалкен Еуровинтер ХС02, како и Барум Поларис. Кога ќе се соберат сите својства на овие гуми во зимски услови на возење, тие не може да добијат повисока оцена од „добро“.

Што се однесува до километражата, од сите гуми на тестот посебно се извојуваат Фулда, со 56.000 километри, и оцена 1,3. Наспроти тоа, во групата на гуми со оцена „добро“, најмалку издржуваат Униројал, со прогнозирана издржливост за 37.000 километри, за што добиваат и оцена 2,9.

Два модели не поминаа на тестот на зимски гуми на АДАК

Инженерите на АДАК јасно и строго укажуваат да не се купуваат два модели на зимски гуми, поради нивните слабости во безбедноста во возење. Поради тоа, оцената на АДАК за моделите на зимски гуми Ласа Сновејс 4 и Аустон Атена СП-901 гласи: Дефектни!

Ласа Сновејс дури добива и добри оцени за возење по сув и влажен пат, меѓутоа нивните својства за управливоста на пат покриен со снег, во споредба со конкурентите, се исклучително слаби.

Само од гледање на профилот не може да се заклучи дали некоја гума е добра или опасна за соображај · Аустон Атена, најлошата гума на тестот на АДАК

Спротивна е ситуацијата кај Аустон, коишто добиваат највисока оцена за возење по пат покриен со снег, меѓутоа на сув пат се оценети само со доволно, а на влажен пат добиваат дури и оцена недоволно. Проблемот со нив на влажен пат е првенствено во лошата управливост. Проблем се и најдолгиот пат на сопирање, како и најслабите својства во поглед на аквапланингот (гумата запливува при мала брзина).

На местото на коешто возило со најдобрите гуми веќе е запрено, со гуми Аустон возилото ќе налета со 40 километри на час

Застрашувачки пример: На местото на коешто возилото со најдобрите гуми при сопирање на влажен пат од брзина од 80 километри на час веќе е запрено, а тоа се Бриџстоун Близак, возилото со гуми Аустон ќе прелета со 40 километри на час. Кон каква опасност води тоа, пример даваат инженерите на АДАК: „Да се надеваме дека во тој момент нема улицата да ја минува група дечиња од градинка.“

За кои модели на автомобили одговараат зимски гуми со димензија 205/60 Р16

Во следните модели на автомобили (и уште голем број други) – зависно од моторот и опременоста – се вградува димензијата на гуми од овој тест.

  • Ауди А1, А4, Ку2
  • БМВ 2 Актив Турер, серија 3
  • Дачиа Џогер, Сандеро Степвеј
  • Форд Екоспорт, Фокус, Турнео
  • Мерцедес А, Б, Ц, Е, Т класа
  • Рено Каптур, Кангу, Сеник
  • Шкода Камик, Октавија
  • Фолксваген Т-Крос, Туран, Т-Рок, Кеди

Целосен преглед на оцените за тестираните гуми · Клик за слика во целосна големина (се отвора во нов прозорец)

До објавата на тестот на зимски гуми на АДАК во 2021 година

Голем тест на зимски гуми на ADAC: Димензија 195/65 R15

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Од бош-пумпа стана бош-микрочип

Хибриден погон и за легендарната Тојота Хајлукс