за

Од бош-пумпа стана бош-микрочип

Развојот се движи кон тоа еден централен компјутер да раководи со повеќето системи во автомобилот. Бош засега обедини две функции во еден чип.

Тој го одредува тактот во новиот компјутер за автомобили на Бош. Значително се смалува бројот на контролни единици за различни функции во возилата.

Новите електрични мрежи во автомобилите располагаат со далеку помал број контролни единици. Бош, чиешто име некогаш беше синоним за бош-пумпа, произведува чипови за овие контролни единици, коишто можат да обединат различни функции.

Кај автомобилите досега мораше да се вградуваат посебни контролни единици за различни функции, како што се инфо-забавниот систем, системите за асистенција, за контрола на погонската спрега или за системите за стабилност. Тоа ја усложнува мрежата и бара крајна ускладеност на прозводителите на автомобили со бројните добавувачи на компоненти.

Во новите автомобилски платформи на концерните, со први модели конструирани врз нив што се најавени за 2024/25 година, овие функции се обединети во намален број компјутери во возилата. Тоа е заслуга на помоќните и посовремени процесори, коишто работат со систем-он-чип (СоЦ)

Технолошкиот концерн Бош, според сопствените процени, е прв добавувач што важните функции на инфо-забавните системи ги има соединето со системите за асистенција во ист централен компјутер, со еден СоЦ. „Нашата цел во среден рок е во возилата од градската и средната класа да се внесат уште повеќе автоматизирани возни функции“, најавува шефот за мобилност Маркус Хајн. Новината ќе биде прикажана пред јавноста првпат во рамките на саемот за потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас, во јануари.

Најважната компонента во внатрешноста на новиот компјутер за автомобили, што Бош го нарекува „Платформа за интеграција на Кокпит и АДАС“, е точно таков СоЦ, што во исто време ги обработува различните функции од двата домени, од инфо-забавните системи и од системите за асистенција во возењето.

Тоа се функции, како автоматско паркирање или задржување во лента. Тие се комбинираат, на пример, со интелигентна и персонализирана навигација, со говорни команди. Според Бош, предноста што им се нуди на производителите се состои во тоа што се потребни помалку простор и помалку кабли. Бидејќи софтверот и хардверот можат да работат раздвоено, чипот е компатибилен со сите производители.

Пазарот ќе достигне вредност од 200 милијарди евра во 2030 година

Со чипот може значително да се смали сложеноста на возилата. „Централните авто-компјутери се срцето на автомобилите во коишто дефинира софтверот. Тие во иднина ќе управуваат со сите домени во современите возила и ќе го смалат во моментов огромниот број на одделни контролни единици“, објаснува Хајн.

Бош користи модуларен пристап со заеднички компоненти. Тоа значи дека производителите на автомобили ќе можат самостојно да ги состават функциите што ќе ги врши одреден чип.

Германскиот и светски гигант меѓу добавувачите, очекува пазарот за автомобилски софтвер до 2030 година да достигне големина од 200 милијарди евра. Во подрачјето на компјутери за системите за инфо-забава и за системи за асистенција во автомобилите, компанијата очекува пазар со големина од 32 милијарди евра во 2030 година.

Според сопствените процени, Бош уште денес има добра позиција со компјутерите за автомобили. Само со компјутери за инфо-забава и системи за асистенција, компанијата за 2026 година предвидува промет од три милијарди евра.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фирма на Стелантис гради најголема фабрика за водородни горивни ќелии во Европа

Тест на 16 модели на зимски гуми во АДАК: Два модела паднаа на тестот