за

Хибриден погон и за легендарната Тојота Хајлукс

Пикапот на Тојота долго време остануваше „неуништлив“ и за електрификацијата, но и тој попушти: 48-волтен хибриден погон за Хајлукс.

Голема е веројатноста дека сите произведени примероци од Тојота Хајлукс, почнувајќи од 1968 година наваму, уште се во возна состојба. Ако постои таков што долго време не е „запален“, веројатно и тој лесно ќе се врати во возна форма. Првпат во прекалениот пикап, неуништен дури и од легендарната тајфа на Топ Гир, ќе работи електромотор во погонската спрега.

Првпат во повеќе од петдецениското постоење, Тојота Хајлукс ќе вози со хибриден погон. Вистина е дека тоа е буквално најблагата форма на хибридизација на погонската спрега – пред почетокот на следното лето, јапонскиот примус ќе почне да го испорачува својот прочуен пикап и во изведба со благ хибриден погон.

Квалитетот на изработката, долготрајноста и издржливоста го воздигнаа Хајлукс во икона на светската автомобилска сцена. Имиџот со којшто светот денес ја доживува Тојота, во голем дел доаѓа и од Хајлукс, покрај Корола, Ланд Крузер, Камри, Селика.

Хајлукс е ценет универзално, и како работна машина, и како превоз за луѓе со соодветен животен стил.

Изведбата со 48-волтен хибриден погон е достапна само со каросерија со двојна кабина. Маската со тридимензионален дизајн и масивниот браник напред го нагласуваат карактерот на неуништлив пикап. На тие исконски квалитети, се надоврзуваат денешните квалитети, како што се инфo-забавен систем со онлајн-услуги и арсенал од системи за асистенција.

Срце на погонската комбинација останува 2,8-литарскиот дизел, којшто добива екстра моќност од 48-волтниот стартер-генератор. Овој своевиден електромотор е поврзан со моторот преку ремен и обезбедува неосетно стартување на моторот.

Литиум-јон батеријата од 7,6 килограми е сместена зад задните седишта и одвај одзема простор од кабината. Преку ДЦ-ДЦ конвертер, 48-волтната батерија ја снабдува со напон и 12-волтната мрежа на пикапот, односно сите потрошувачи во кабината што работат на тој напон.

При секое забавување, запирање, батеријата на благиот хибриден погон на Хајлукс се надополнува со енергија, исто како хибридот во РАВ4 или Корола. Оваа енергија потоа се користи за стартер-генераторот да се вклучи во погонот, со моќност од 12 киловати (16 КС) и вртежен момент од 65 њутнметри. Тоа трае кусо, меѓутоа сосем е делотворно, за да се заштеди гориво, а и да се направи возењето да биде подинамично.

Инженерите на Тојота напоменуваат дека благиот хибриден погон е изведен како што доликува за доставно возило. Пикапот сепак е товарно, значи работно возило, и бара различен пристап. Така, ременот има двоен затегнувач, а тој и самиот е зајакнат. Тоа е само дел од зафатите.

Дизелот е нагоден според хибридот. Моќноста на 16-вентилецот со две брегасти вратила и натаму изнесува 204 КС при 3.400 вртежи, со максимум на вртежниот момент од 500 њутнметри меѓу 1.600 и 2.800 вртежи. Турбината има приспособливи лопатки, интеркулерот е приклучен на водено ладење. Пречистувањето на издувните гасови е како фабрика: Оксидациски катализатор, катализатор за честички (фамозните ПМ во МК), систем за селективна каталитичка редукција (СЦР), а на тоа доаѓа и впрскување Адблу.

Исто како актуелниот Хајлукс, Ланд Крузер и ПроЕјс, хибридниот пикап може да користи ХВО100, дизел што не е од фосилно потекло.

Јапонскиот производител ветува дека Тојота Хајлукс Хибрид подобро реагира на гасот при градско возење и се грижи за рамномерно забрзување. Од друга страна, регенеративното дејство на генераторот прави сопирањето да биде попријатно.

Унапредениот систем старт-стоп дозволува моторот подолго да остане изгаснат. Во комбинација со благиот хибриден погон, заштедата во гориво се движи до пет проценти.

Како Кларксон, Меј и Хамонд не успеаја да ја уништат Тојота Хајлукс – Прв од трите делови од обидот за уништување

Врвните теренски својства остануваат нечепнати од електрификацијата на погонот. При развојот се внимавало посебно за 48-волтниот систем да не влијае врз способноста на Хајлукс да влегува во вода длабока до 70 сантиметри. Способноста да влече приколка до 3,5 тони исто така останува непроменета.

Од 1968 година се произведени 21 милиони примероци од Тојота Хајлукс. Со тоа, пикапот се вбројува меѓу најуспешните модели во историјата на јапонската марка.

Хајлукс денес се произведува во шест држави, од каде што се покриваат повеќе од 180 држави ширум светот. Не е случајност тоа што рели-болидот што Тојота го користи за учество на Дакар се води под моделското име Хајлукс. Со успех: Тојота победи на најпредизвикувачкото рели во светот во 2019, 2022 и 2023 година.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест на 16 модели на зимски гуми во АДАК: Два модела паднаа на тестот

Возобновената марка Москвич се проби во рускиот Топ 10 во ноември