за

Возобновената марка Москвич се проби во рускиот Топ 10 во ноември

Москвич во ноември продаде 1.910 возила и освои 1,7 процент од рускиот автомобилски пазар.

Производство на Москвич 3 во фабриката во Москва што порано му припаѓаше на Рено.

Марката Москвич, дел од советската ера на Русија, во минатиот месец првпат се проби меѓу 10-те најпродавани марки на рускиот пазар.

Ноемвриската продажба на нови патнички автомобили во Русија во ноември се зголеми за 113 проценти во споредба со лани. Во минатиот месец на рускиот пазар се продадоа вкупно 109.706 автомобили.

Продажбата е на пат да се нормализира, по десеткувањето на пазарот откако Западот во 2022 година воведе санкции и производителите масовно се повлекоа од земјата.

Производството на возила од марката Москвич беше возобновено годинава, во фабриката во Москва. Руската држава лани ја купи фабриката од Рено, по симболична цена од 1 рубља. Францускиот производител го напушти пазарот во којшто вложуваше многу, откако Москва ја нападна Украина.

Русија ја заживеа марката Москвич од советската ера, користејќи кинески автомобил.

Извори на Ројтерс наведуваат дека Москвич 3 е варијанта на ЈАЦ Сехол Икс4, што се произведува во Москва, користејќи полуготови или готови модули за монтажа што се набавуваат од кинескиот партнер.

Москвич е деветта најпродавана марка во Русија во ноември, со продадени 1.910 возила, што одговара на 1,7 процент од пазарот.

Во 11-те месеци, во земјата се продадоа вкупно 10.676 возила Москвич.

Најпродавана марка секако дека е домашната Лада, којашто ја предводи продажбата со 32.651 возила и пазарен удел од 29,8 проценти.

Посебно се издвојува и во Македонија добро познатата марка Хавал, којашто е втора најпродавана марка во Русија, а воедно го има и вториот најпродаван модел, Џолион.

Најпродавани марки на рускиот автомобилски пазар во ноември 2023

Останатите места во списокот на десетте најпродавани марки им припаѓаат главно на кинеските автомобили. Тие ги зазедоа местата што порано ги држеа европските и јапонските марки.

Продажбата на кинеските автомобили достигна удел од преку 56 проценти, додека руското домашно производство закрепнува по егзодусот на западните производители на автомобили.

Најпродавани модели на рускиот автомобилски пазар во ноември 2023

Од јануари до ноември, во Русија се продадени вкупно 939.254 нови патнички автомобили, што претставува раст од 65 проценти во споредба со истиот период лани.

Хавал неодамна имаше промоција на тековната понуда од модели на македонската сцена, вклучувајќи го и рускиот вицешампион Џолион

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хибриден погон и за легендарната Тојота Хајлукс

АМГ-изведбата рано се приклучува во гамата на Мерцедес ЦЛЕ