Врвната спортска изведба АМГ на новото купе Мерцедес ЦЛЕ има двојна задача: АМГ 53 ЦЛЕ е влез во друштвото престижни купеа на Мерцедес и воедно е круна на купе-моделот со историско место во понудата на Штутгарт.
Мерцедес-АМГ со новиот ЦЛЕ 53 4Матик+ Купе додава важен модел во својата понуда и го означува влезот во престижната дружина купеа со високи перформанси. Шттугарт го осмисли купето ЦЛЕ да нуди спој меѓу агилноста и спортските својства на Ц-класата, со просторноста и статусот на Е-класа.
Трилитарскиот мотор со шест цилиндри во линија е темелно преработен, располага со двојно турбонатполнење – со класичен турбо полнач на издувни гасови и со електричен турбо полнач. Моќноста изнесува 449 КС, вртежниот момент достига максимум 560 њутнметри. Краткотрајно стојат на располагање 600 њутнметри, во времетраење од 12 секунди.
Интегрираниот стартер-генератор краткотрајно додава уште 17 киловати (23 КС) и 205 њутнметри. Тој воедно ја напојува и 48-волтната електрична мрежа во возилото. Погонската спрега на ЦЛЕ 53 АМГ ја дополнуваат 9-степен автоматски менувач АМГ Спидшифт ТЦТ 9Г, и секако, варијабилен погон на сите тркала АМГ Перфроманс 4Матик+.
АМГ става стилски печат со препознатливата маска во А-форма. Опција се дигитални светла, во изведба со или без проектирање симболи врз патот. Мерцедес вели „А-Форма“ затоа што страничните линии од маската продолжуваат надолу во уште поширокиот отвор долу во браникот.
Во споредба со Бенц, купето во верзијата на АМГ располага со предна оска со трага поширока за 58 милиметри. Назад има плус 75 милиметри. АМГ тркала од 19 инчи се подразбираат од старт. Опција е еден инч повеќе.

За спортскиот изглед да се нагласи дополнително, може да се избере пакет АМГ Оптика, со додадени перки во предниот и задниот браник, понагласен спојлер на задниот поклопец и дуфузорска ламела меѓу издувните цевки. На тоа следат уште две опции, пакет АМГ Најт и АМГ Карбон.
Многу преработени детали во внатрешноста и дисплеи со различна графика од стандардниот Бенц-модел
Внатрешноста на ЦЛЕ 53 АМГ се разликува по материјалите и по графиката што се прикажува во инфо-забавниот систем МБУКС. Пред возачот стои дисплеј од 12,3 инчи, во средина е дисплеј од 11,9 инчи завртен кон возачот. Посебно доживување е осветлувањето во 64 бои, што се протега по целата ширина на кокпитот и продолжува во вратите, секако опфаќајќи и во средишната конзола.

Спортскиот карактер на АМГ се чувствува најдобро во интегралните седишта во вештачка кожа Артико и микрофибер Микрокат, во црна боја, со графика на АМГ и црвени штепови. Ремените се црвени, бројни додатоци по кокпитот се изработени со карбон-изглед.
Спортскиот волан е изведен со двојни краци, зарамнет е долу, со тркалезни копчиња АМГ за пристап до најважните функции и за избор на програмите за возење.

Со опција за АМГ Драјвер Пакет, ограничувањето на крајната брзина се одложува до 270 километри на час. Брзината оди заедно со перфорирани предни сопирачки дискови од 370 х 36 милиметри, со 4-клипни клешти, и задни сопирачлки дискови 360 х 26 милиметри.
Задна управувана оска е стандард, исто како и тристепено параметарско управување, што се приспособува според избраната програма на возење.
Следен чекор на Штутгарт, поточно Афалтербах, каде што е седиштето на АМГ: ЦЛЕ 63 АМГ, уште поекстремен.
Технички податоци
| Mercedes-AMG CLE 53 4MATIC+ Coupé | ||
| Мотор | Шест цилиндри во линија, двојно турбонатполнење | |
| Зафатнина | cm3 | 2.999 |
| Моќност | kW/КС | 330/449 |
| при | 1/min | 5.800-6.100 |
| Вртежен момент | Nm | 560 (кусо 600 со овербуст) |
| при | 1/min | 2.200-5.000 |
| Моќност на стартер-генератор | kW/PS | 17/23 |
| Вртежен момент на стартер-генератор | Nm | 205 |
| Погон | Целосно варијабилен погон на сите тркала AMG Performance 4MATIC+ | |
| Менувач | AMG SPEEDSHIFT TCT 9G | |
| Забрзување 0-100 km/h | s | 4,2 |
| Највисока брзина | km/h | 250 (опција 270) |
| Потрошувачка, просек (WLTP) | l/100 km | 9,7-9,3 |
| Емисија на CO (WLTP) | g/km | 220-212 |
Мерцедес-Бенц ЦЛЕ во нашиот онлајн каталог со сите нови модели на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
















