за

Илон Маск ќе научи од Викинзите: По Швеѓаните и Данците, сега и Норвежаните во штрајк против Тесла

Норвешките пристанишни работници најавуваат дека ќе го спречат транзитот на возилата на Тесла, придружувајќи им се на колегите во Шведска и Данска.

Илон Маск, шеф на Тесла, пред кусо време оцени дека протестот што почна од шведските механичари бил „лудост“. Протестот во меѓувреме се прошири и во Данска и Норвешка, протестираат дури и поштарите.

Најголемиот работнички синдикат во приватниот сектор во Норвешка порача дека ќе го спречи сиот транзит на возила од марката Тесла што се наменети за шведскиот пазар. Овој чекор е дел од сé помасовните протести на Нордијците, во знак на поддршка на механичарите за возилата од американската марка во Шведска.

Во меѓувреме, независно од најавата на норвешкиот синдикат, ПенсионДанмарк, еден од најголемите пензиски фондови во Шведска, јавуваат дека решиле да ги продадат своите акции во Тесла, поради тоа што американскиот производител на електрични возила одбива да потпише колективен работен договор со работничките синдикати.

Шведските синдикати, предводени од ИФ Метал, уште во октомври презедоа индустриска акција против Тесла, во обид да извршат притисок, за американската компанија да потпише колективен работен договор со механичарите што се задолжени да работат на возилата на Илон Маск.

Пристанишните работници во Шведска веќе извесно време одбиваат да ги растоварат возилата на Тесла што пристигаат со брод. Масовни групи на шведски електричари, хигиеничари, поштенски работници и засега еден добавувач на Тесла, исто така кажаа дека ќе престанат да ги нудат своите услуги за компанијата на Маск.

Норвешкиот синдикат Фелесфорбундет соопшти дека има намера да испрати „јасен сигнал до Тесла“ и ќе преземе сé што е потребно, за да осигура дека ќе биде запрена секаква испорака на возила од Норвешка за Шведска. Тие засега не откриваат какви точно мерки ќе бидат преземени.

„Правото да се бара колективен работен договор е неодделив дел од нашиот работен живот и не го прифаќаме тоа што Тесла не сака да го почитува тоа“, изјави водачот на Фелесфорбундет, Јоерн Егум.

Норвешкиот синдикат ќе ги отпочне своите протести на 20-ти декември.

Во политиката на Тесла не се прифаќа потпишување колективни работни договори. Оттаму кажуваат дека вработените во Тесла веќе имаат добри или подобри услови од тие што ги бара шведскиот синдикат.

Нордиските работнички синдикати напоменуваат дека одбивањето на Тесла да игра според долго воспоставените норми во регионот, ги повредува достоинството и правата на работниците да преговараат за висина на плата, за годишен одмор, прекувремена работа и други услови.

Во вторникот, данскиот работнички синдикат 3Ф (три-ф) исто така најави дека ќе ги подржат шведските механичари, со тоа што ќе одбиваат да ги растовараат возилата на Тесла што се наменети за купувачите во Шведска.

Норвешките и данските синдикати наведуваат дека нивните протести ќе бидат насочени кон автомобилите што се наменети за шведскиот пазар.

Тесла на забранетата листа на Данците

ПенсионДанмарк ги критикува ставовите на Тесла.

„Додека конфликтот се проширува во Данска, и Тесла мошне категорично одбива да потпише колективен работен договор во која било земја, дојдовме до заклучок дека ние како инвеститори одвај можеме да влијаеме врз компанијата“, порачуваат од пензискиот фонд во денешното соопштение.

„Поради тоа ја ставивме Тесла на забранетата листа“, стои во соопштението.

ПенсионДанмарк раководи со пензиите на 823.000 Данци, и поседува капитал во висина од 317,3 милијарди дански круни, што одговара на 45,81 милијарди долари. Од фондот не наведуваат колкав е нивниот удел во Тесла.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

АМГ-изведбата рано се приклучува во гамата на Мерцедес ЦЛЕ

Сузуки Свифт доаѓа на нашиот пазар напролет, техно-присебноста може да биде предност