за

Сузуки Свифт доаѓа на нашиот пазар напролет, техно-присебноста може да биде предност

Увозникот за Македонија го потврди пристигањето на новата генерација на Свифт напролет, цената ќе биде далеку под 20.000 евра, што во овие времиња е голема најава.

Сузуки Свифт има уште една голема шанса во својата седма генерација. Додека дел од волуменските марки се откажуваат од класата, на пример Форд Фиеста, а дел ги ставаат своите надежи во електричните автомобили (Рено 5, Ситроен е-Ц3 и др.) или се префрлуваат на градски СУВ, јапонската марка суптилно го надградува пристапот од постоечкиот модел – којшто веќе има благ хибриден погон, лесна конструкција, напредни системи за асистенција за безбедност и комфор.

Глобалната ориентација на моделот и на марката се најсилниот „мотор“ во новата генерација на Сузуки Свифт. Светот веќе ја живее ерата на електромобилноста, но не секаде. Тоа што важи за Германија или Франција, не важи за Италија и Полска, а уште помалку за Македонија. Неколку производители мораа да ги сменат плановите, откако се покажа дека не сите пазари се толку подготвени за е-погонот.

Плановите се веќе направени и бројни модели се развиени според тие планови, но не беше испланирано дека Европа ќе си ги троши парите на американско-руско-украинската ситуација, и дека ќе се соочува со инфлација, забавена економија, загубена доверба на купувачите. Луѓето повторно бараат приземни автомобили од градската класа, што не нудат повеќе од тоа што вистински се бара кај еден нов автомобил. Значи, Сузуки Свифт.

Близу 40 години, Сузуки го произведува својот Свифт. Во постоечката генерација, моделот дури и вистински доаѓа од јапонска фабрика. Повеќе од девет милиони примероци се продадени досега.

Новиот модел се појави како концепт на салонот во Токио, иако беше сосем јасно дека веќе станува збор за сериски модел. Стилот никогаш досега не му бил проблем на Сузуки. Дизајнот на новиот Свифт е чист и јасен, тоа оди во спој со штедлив погон, со напредни системи за асистенција и со пристап до онлајн-функции. Во основа, тоа претставува надградување на пристапот од претходната генерација, и во денешниве времиња, тоа радува повеќе од кога било досега.

Главниот „збор“ во дизајнот го има маската, што е лакирана во сјајна црна боја. Лакот што го создаваат дневните светла исто така води точно кон маската. Крупниот растер вообичаено се толкува како детал од мотоспортот, што не ѝ е туѓ на јапонската марка. Светлата се развлечени наназад, но повпечатлив е деталот што тие преоѓаат директно во хаубата. Нејзината форма е тркалезна, а целината му дава свежина на новиот модел.

Отстрана главниот момент го создава покривот, што изгледа како да лебди над кабината. Надвор од секаква здодевна шема се и двата надолжни рабови што се провлекуваат долж појасот. Светла со тридимензионален стил и масивен заден браник ја создаваат препознатливата појава на Свифт. Дизајнот на тркалата од 16 инчи учествува во зафатите за постигнување врвна аеродинамичност.

За каросеријата може да се избира меѓу девет еднобојни и четири двобојни изведби. Новина се металик сина со бисерен ефект и жолта металик. Првата од нив е 3-слојна, исто како впечатливата огнено црвена боја од тековниот Свифт. Со тоа се постигнува визуелна длабочина на бојата и уште подолга трајност.

Комфорна кабина и средишен дисплеј од 9 инчи

При проектирањето на кабината е ставен нагласок на комфорот. Двобојната шема на инструмент таблата во светло сиво и црно продолжува и во вратите, внесувајќи динамика.

Во средината тронува дисплеј од 9 инчи за пристап до инфо-забавните функции и навигацијата. Поврзување со телефон веќе одамна е стандард.

Зафатнината на багажникот изнесува 265 литри, не вклучувајќи го просторот под подната облога. Долниот раб на отворот на багажникот е спуштен подолу, за полесно товарење.

Благ хибриден погон и опција за погон на сите тркала

Под хаубата работи нов 1,2-литарец со ДуалЏет впрскување и моќност од 83 КС. Потрошувачката се движи во просек меѓу 4,6 и 5,8 литри, соодветно со емисија на ЦО2 меѓу 103 и 117 грами на километар.

Потрошувачката е смалена во споредба со сегашниот модел. Зголемена е вредноста на вртежниот момент при пониски вртежи, со цел Свифт да забрзува порано. Место 5-степен мануелен менувач, може да се нарача безстепен менувач ЦВТ.

Сосем стандардно за Сузуки и познато од целата гама, не само од актуелниот Свифт, е тоа што моторот работи во комбинација со 12-волтен стартер-генератор. Јапонците и на тоа внимаваат за цената да остане во разумните рамки на градската класа, затоа што поскапиот 48-волтен благ хибриден погон го чуваат за поголемите модели, Витара и С-Крос.

Галеријата со слики од новиот Сузуки Свифт е објавена на нашиот инстаграм-профил

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Благиот хибриден погон ја полни малечката и евтина литиум-јон батерија при секое запирање и забавување, и таа енергија ја користи, за стартер-генераторот, кусо, но сосем делотворно, да му помогне на моторот при поаѓање и забрзување. Ефектот врз потрошувачката е изненадувачки и познат е од сегашните Свифт и Игнис. Уште една голема корист е мекиот и одвај чуен старт на моторот по секое активирање на старт-стоп системот – што претставува важна придобивка за комфорот, затоа што моторите денес гаснат десетици пати во една градска тура.

Опција е погон на сите тркала ОлГрип Ауто, што му обезбедува голема популарност на Свифт (и Игнис) во малите гратчиња по Алпите и секаде каде што се бара компактен и способен автомобил да се пробива по снег и мраз. Задната оска се вклучува во игра секогаш кога ќе се појави прилизгување на предната оска. За тоа се користи вискозна спојка.

Новиот Сузуки Свифт располага со сите системи за безбедност и асистенција што се бара да ги поседува секој нов автомобил во Европа по јули 2024 година.

Активна поддршка на сопирачките и сопирање при опасност од попречен судир

Преку радар и камера, компактниот Сузуки препознава пешак или велосипедист пред возилото и помага да се избегнат челен, дијагонален и страничен судир. Доколку возачот не притиска доволно силно, кога Свифт ќе предупреди за опасност, асистентот за сопирачките самостојно го зајакнува дејството на сопирачките. Во исклучителен случај, Свифт може да активира и нагло сопирање, со цел да се избегне судирот или да се смалат последиците.

Подобрено следење во лента со зафат во управувањето

Со вклучен приспособлив темпомат, системот го држи возилото во средината на лентата. Доколку системот открие возило што движи блиску во соседната лента или се наиде на поправка на патот, воланот суптилно повлекува по малку настрана, за на возачот да му укаже на опасноста и да се оддржува безбедно растојание од такво возило или од градежна механизација на патот.

Камера вградена во таблата со инструменти ги „чита“ очите и лицето на возачката или возачот. Кога системот ќе препознае замор или невнимание, се слуша звук за предупредување.

Тестот на постоечкиот модел во Аутомедиа во 2018 година

Тест: Suzuki Swift 1.2 DualJet SHVS GLX

Приспособлвиот темпомат сега ги зема предвид и знаците со ограничување на брзината и предупредува со симболи или звук. Безбедносната опрема ја дополнува систем за предупредување за возило во мртов агол, како и систем што предупредува кога при излегување наназад наидува возило од попречен правец.

Првпат во Свифт ќе биде достапен Сузуки Конект

Системот за онлајн-услуги што е познат од С-Крос, ќе се вградува и во новиот Свифт. Возачот ќе може својот телефон да го поврзе со возилото и да користи практични функции, како проверка на нивото на гориво или местоположбата, заклучување и отклучување на вратите, проверка дали се вклучени четири трепкачи, алармот, светлата. Уште една корисна функција е далечинско отчитување на податоците од патниот компјутер, за на пример рентакар компаниите да можат да имаат увид во километражата, времето и горивото.

Новиот Сузуки Свифт се очекува на македонскиот пазар кон завршетокот на април 2024 година. Според првичните информации, цената ќе се движи околу 18.000 евра, вклучувајќи и побогато ниво на опременост во споредба со постоечкиот модел.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Илон Маск ќе научи од Викинзите: По Швеѓаните и Данците, сега и Норвежаните во штрајк против Тесла

Шведскиот суд ја одби тужбата на Тесла, Финска се придружи во штрајкот против американскиот производител