за

Тест · Kia Rio 1.0 T-GDi 120 Mild Hybrid

Kia Rio е модел од градската класа единствено според димензиите. Во поглед на изработката, зрелоста како автомобил, но и во чувството во возење, Rio е веројатно 95% Ceed. Тоа што Rio го прави различно, го прави подобро. Погонот е посебна приказна.

Kia Rio е еден од оние модели што имаат рамна кариера. Во четирите генерации досега, автомобилот со едно од најзвучните имиња на сцената, постојано бил достапен со еден основен и еден посилен мотор, но генерално секогаш бил добро моторизиран, достапен со неколку нивоа на опрема, но генерално секогаш бил добро опремен, во почетокот понуден во неколку, а потоа во само една каросериска изведба. Во гамата на Rio, досега немало спортска верзија да се издвојува со 200 КС, немало ниту експерименти, па да се изведува варијанта што ќе биде преправена да личи на кросовер, или обиди од Rio да се направи нешто друго. Сé е пристојно и уредно во автомобилското досие на Rio.

Тоа кажува едно нешто. Менаџерите секогаш биле задоволни од тоа што Rio го постигнувал за марката. Доколку имаше потреба да се поправа имиџот или моделот да се насочува во друг правец, тогаш низ генерациите ќе се појавеше по некоја агресивно спојлерирана спортска изведба, можеби некоја суперштедлива верзија со технологија што ја разбираат само во маркетинг, кој знае каква сé изведба можело да се изроди. Но, немало потреба за тоа. Rio на пазарот е поставен прецизно, исто како сателит што останува во својата орбита најмалку неколку децении. Затоа се вели рамна кариера, без искачувања, но и без падови.

Возачките и возачите го разбраа овој автомобил. Светот, всушност, многу добро го разбра автомобилот. Rio е моделот преку којшто сцената пред многу години ја запознаваше марката. Некогаш, Rio беше тој што се продаваше масовно во споредба со останатите модели од понудата. Денес тоа е по малку сменето. Но, Rio ја одигра најважната улога за марката. Тоа што луѓето денес во секоја Kia гледаат квалитетно изработен, издржлив, практичен, штедлив автомобил, заокружено со одлична противвредност, сето тоа уште пред долги години е сработено од Rio, барем во голем дел e негово дело.

Rio беше толку убедлив во претставувањето на доблестите на Kia, што пазарот со текот на годините почнаа повеќе да се префрлува на поскапите и поголеми модели на марката. Функцијата на овој модел во гамата на Kia, денес може да се поистовети со функцијата што во градежништвото ја има надвратникот. Секој ја гледа вратата, но не и надвратникот, а без него, нема да има ниту врата.

Дали Kia Rio е исто толку забавен и динамичен автомобил, каков што претходно се покажа кросоверот Stonic на тестот, којшто ја користи истата техника со Rio

Во првите шест месеци од годинава, Rio постигнал близу 17.000 продажби на пазарите во ЕУ, и тоа е мошне солиден резултат. Меѓутоа, Rio мора да се соочува со еден мошне моќен конкурент, којшто го напаѓа со истите аргументи што и тој самиот има да ги понуди. Тој конкурент е Kia Stonic, кросовер што ја дели техниката со Rio. Светот денес повеќе сака големи тркала и седење на повисоко, па така и Stonic во првото полугодие има постигнато повеќе од 27.000 продажби. Сите храбри модели во градската класа од класичен крој, денес имаат СУВ-пандан со истата техника, што се продава помасовно.

На нашиот инстаграм профил можете да ја погледнете фото-репортажата од посетата на Пехчево и водопадите под Ченгино Кале, каде што извира Брегалница

https://www.instagram.com/stories/highlights/17992696411507142/

Stonic на тогашниот тест во Аутомедиа се покажа како мошне динамичен и забавен автомобил, со екстра можност за излети надвор од асфалтот, и со важниот аргумент, седење неколку сантиметри повисоко. Rio исто така има што да понуди повеќе, односно во случајов помалку. Разликата во цената меѓу основните изведби на Rio и Stonic изнесува точно 2.000 евра, што прави разлика од преку 10 проценти. Затоа, едно убаво прашање ќе му даде мотив на овој тест: Дали Kia Rio исто така е забавен, динамичен, посебен автомобил?

Знаеме какви автомобили се Kia Sportage, Sorento, целата гама на Ceed, Stonic. Но, како Kia денес ги изработува моделите што ги има во основата на понудата? Настрана Picanto, што од некогашниот едноставен концепт за максимално достапна цена и солидна конструкција, денес прерасна во градски модел за возачки и возачи, што сакаат скап, но и вреден автомобил во градското секојдневие.

Уште од првиот контакт, Kia Rio не остава впечаток дека е модел од класа под Kia Ceed, разликата во многу нешта се сведува само на должината на каросеријата

Rio е исто толку непроблематичен во секојдневието, како што се Ceed или Sportage. Типична Kia, уште од старт. Ништо не запнува, сé кажува дека ова е автомобил конструиран во марка што има искуство во конструирањето автомобили. Тоа што најмногу остава впечаток, е високата спецификација што е испочитувана при изработката на моделот. А, тоа значи: Материјалите по чувството при допир, тоа што стручно се нарекува хаптика, по изгледот, по усогласеноста на материјалите и дизајнерските целини, по изгледот на кокпитот во целина, повеќе се на ниво на компакт класа, отколку на автомобил од градската класа. Kia не наплаќа екстра, за убави копчиња и домаќински доработени површини.

Секако дека во овие летни денови, а тоа е повеќе од половина од македонската година, веднаш се забележува колку е функционална групата со копчиња за климатизацијата. Со џиновските прекинувачи, со едноставното и прегледно ракување, а пак стилски различно од шаблонот, станува јасно дека Rio не е автомобил што е направен рутински, колку да се има модел да им се понуди на купувачите во градската класа. Во многу нешта, почнувајќи токму од кокпитот, Rio вистински поставува мерила во својата класа.

Rio вози во освежено моделско годиште, коешто донесе важни промени во сите подрачја, од дизајнот, до моторите. Од промените што се однесуваат на внатрешноста: Нов дисплеј на допир од 8 инчи во сите нивоа на опрема, втора генерација на системот UVO Connect за поврзување со телефон и онлајн-функционалност, дисплеј од 4,2 инчи за патниот компјутер со повисока резолуција, нови облоги на вратите и на седиштата. Графиката на дисплејот и неговата функционалост се познати од Ceed–ProCeed-XCeed. Поврзувањето со телефонот е лесна вежба, користењето гугл-навигација, вклучувајќи говорни команди, како и услуги од типот на Spotify го дополнуваат возењето со вредна содржина.

Возачот не е изолиран од тоа што се случува меѓу гумите и асфалтот, и токму тоа е основа на возачкото уживање во Kia Rio

Печатот на марката важи и за чувството во возење. Возачот не е изолиран од тоа што се случува со возилото и меѓу возилото и патот. Rio во возење повеќе е како карневал во Рио де Жанеиро, отколку како рамничарска река. Автомобилот посредува возачко уживање, со стегнато подвозје, без тоа да биде круто или нехармонично. Воланот и тркалата не се во различна временска зона и навистина изненадува тоа што за подвозјето не може да се најде простор за критика. Акустичен комфор, амортизациски комфор, сé е во ред.

Просторноста на кабината е примерна за класата, задните врати исто така се отвораат под широк агол и го олеснуваат пристапот, багажникот од 325 литри е шампионски во класата. Дури се забележува и дека изработката на просторот на багажникот е малку пофина отколку што производителите генерално се навикнати во кај моделите од градската класа.

Големата промена кај Kia Rio во новото моделско годиште е воведувањето благ хибриден погон, во комбинација со 1,0-литарскиот турбо бензинец, во неговата верзија со 120 КС. Малубројни се моделите во класата на Rio, што денес можат да си дозволат толкава моќност. Повеќето производители се откажуваат од електрификација на погонот, којшто преостанува како единствен начин да се задоволат строгите норми за СО2 на ЕУ. Kia може да си го дозволи тој луксуз и на купувачите да им го понуди истиот тој луксуз, и производителот вложил пари и труд во развој на благ хибриден погон за Rio. Во оваа категорија на моќност изграат уште Peugeot 208, Opel Corsa (по 130 КС) и Toyota Yaris (125 КС).

Дури и кога не би штедел, благиот хибриден погон освојува симпатии со тивкото и меко стартување на моторот

Симпатиите за погонот почнуваат веднаш по притискањето на копчето за старт. Место вообичаениот метален звук од анласерот што зафаќа во замавникот, тоа што се слуша во оваа Kia Rio 1.0 T-GDi 120 48V-Mild Hybrid повеќе личи на ветер. Да земеме за пример дека во едно возење до работа и назад, па потоа уште едно вечерно кругче, системот старт-стоп во некој друг автомобил веројатно триесетпати ќе го изгасне и ќе го стартува моторот, вклучувајќи го историскиот звук на стартување. Rio со благ хибриден погон, тие триесетина стартувања ќе ги изведе нечујно, и без да се пројави најмала вибрација. Тоа веќе задира во подрачјето на комфорот. Секојдневието во оваа Kia е различно, меѓу другото и поради отсуството на звукот на стартување.

Rio во тестираната моделска изведба е првата Kia со бензински мотор, што е изведена како благ хибрид. Ознаката Eco Dynamics+ досега ја носеа само модели со благ хибриден погон со дизел мотор, главно во гамата на Sportage и Ceed. Еднолитарскиот мотор претрпе значајни промени (сега има CVVT, постојано променливо времетраење на отворање на вентилите) и сега се води како член на семејството мотори Smartstream. Погонската спрега главно се состои во тоа што место класичен анласер и посебен алтернатор, во Eco Dynamics+ се користи интегриран стартер-генератор. Тој преку ремен е споен со ременик на коленастото вратило и така всушност го стартува моторот. Поентата на благиот хибриден погон е во тоа што стартер-генераторот, при секое отпуштање на гасот и при сопирање, работи како генератор и енергијата на залетот ја претвора во електрична енергија. Струјата што се добива при сопирање, односно при отпуштањето на гасот, се акумулура во батерија што е сместена под подот на багажникот.

Тоа е релативно мала батерија и моќноста на стартер-генераторот исто така е недоволна, за благиот хибриден погон да може самостојно да го движи возилото – како што е случај со хиридниот погон на Toyota – но, системот се покажа крајно делотворен и масовно прифатен и од индустријата, и од купувачите. Техниката е едноставна и со достапна цена, што одвај дека е забележлива во крајната цена на возилото. Затоа, пак, делотворноста на благиот хибриден погон е неоспорна. Многумина ќе се зачудат кога во Rio ќе видат петка пред запирката во вредноста на потрошувачката, а притоа немале ниту намера да штедат посебно.

Малку електрична помош при поаѓањето и при умерено забрзување ја прави разликата во потрошувачката

Таа мала енергија што се произведува од самата енергија на движење и се чува во батеријата, служи за стартер-генераторот при поаѓање и поумерено забрзување да функционира како погонски електромотор, што му асистира на бензинецот. Место моторот да се тера повисоко, помошта од стартер-генераторот помага потребните њутнметри да се испорачаат до тркалата при пониски вртежи и Kia Rio да забрза суверено и без мака. Без екстра потрошено гориво, исто така.

Има уште една технологија што се вмешува во погонската спрега на Kia Rio 1.0 T-GDi 120 Mild Hybrid EcoDynamics+. Тоа е електронски активираната спојка, односно систем што Kia го води како iMT, интелигентен мануелен менувач. Педалата на спојката не е механичка врска со спојката, туку командите се пренесуваат електронски. Ефектот од оваа техника се согледува одлично кога во град, на пример, ќе се забележи дека семафорот далеку напред свети црвено и нормално домаќински ќе се отпушти гасот. Не минува ниту една секунда, додека се забележи дека автомобилот одеднаш продолжува без каков било отпор од погонот, да се движи нанапред. Дотокот на гориво во тој момент е прекинат, и менувачот е раздвоен од моторот, односно избегнат е отпорот од триењето во менувачот, што инаку би го забавил автомобилот. Префрлувањето во празен óд го нема тој ефект, затоа што во тој случај горивото нормално „тече“. Идејата е да се искористи залетот во ситуации кога возачот забележува дека сообраќајот напред е запрен. Ефектот од „електронската спојка“ се чувствува и на отворен пат, па дури и на автопат, кога ќе се отпушти гасот и Rio продолжува да се движи, единствено попречен од триењето меѓу тркалата и асфалтот и отпорот на воздухот.

Уште едно пријатно изненадување се системите за асистенција. Kia Rio на тестот е во второто ниво на опрема Edition 2 и единствениот систем за асистенција што не е вграден стандардно, а се добива во највисокото ниво, во спортското GT Line, тоа е системот за предупредување кога има возило во мртов агол. Посебен впечаток остава и тоа што основното ниво, Edition 1, веќе е целосно во поглед на системите за асистенција. Тоа е уште едно потсетување на фактот дека основното ниво на моделите во Киа Македонија не е исто со основното ниво во некоја друга „Киа“, затоа што македонските купувачи секогаш добиваат нешто екстра во опремата. Ете го тоа се докажува и во системите за асистенција.

Посебно радува целосниот пакет од системи за асистенција, дури и самостојно следење на свијоците по автопат е дел од опремата на Kia Rio

Систем што самостојно го сопира Rio кога има пешак или велосипедист на патот директно пред возилото, систем што го враќа Rio во лента, кога возачот од невнимание ќе пушти возилото да премине опасно во спротивната лента, систем што самостојно ја следи лентата кога се вози по автопат и врти сам во свијоци, долго светло што самостојно се соборува кога има возило отспротива, сето тоа е стандард во Киа Македонија, уште во нивото Edition 1. Може да се посака единствено камера за сообраќајни знаци, што постојано ќе го прикажува брзинското ограничување по патот. Адаптивен темпомат исто така е стандард, но само доколку Rio е во верзија со 7-степен менувач со двојна спојка. Тоа задоволство чини 1.400 евра.

Нема нешто да недостига и во „класичната“ опрема. Климата е автоматска, кожата на воланот е стандард, копче на вратата го отклучува Rio, има и сензор за дожд, па дури и самозатемнувачки внатрешен ретровизор и собирање на ретровизорите на копче. Rio по многу нешта е голем автомобил. Тркала од лесна легура, тоа се подразбира.

Конкретната моделска изведба на возилото на тест не е во редовна понуда на македонскиот пазар. Kia Rio со 120 КС и благ хибриден погон повеќе е демонстратор на технологијата што веќе се нуди во целата моделска гама на марката. Оваа моделска верзија не е наведена во официјалниот ценовник, но може за ориентација да послужи изведбата со класичен погон, со 100 КС, којашто во истото ниво како на тестот, чини 18.850 евра. Гамата почнува и под тоа, од 15.450 евра за Kia Rio со 1,25-литарец со 84 КС и ниво на опрема Edition 1. Квалитетите што Rio ги нуди како автомобил, секкао дека се присутни и во основниот модел.

Kia Rio не е создаден како обичен градски автомобил, но добрата вест е тоа што чини колку градски автомобил

Во претходната генерација на Kia Rio, тоа беше многу повеќе очигледно. Rio беше осмислен како посебен автомобил во класата, што се издвојува од шаблонот. Со спортски акценти во дизајнот, но и со однесувањето во возење, Rio беше еден малечок гран-туризмо, мини Stinger. Дизајнерскиот говор во новата генерација на Kia Rиo е малку повеќе „официјален“, но духот и карактерот останаа дел од концептот. Во поглед на зрелоста како автомобил, како што пишува и во воведот, денешниов Rio е веројатно 95% Ceed. Но, тоа не значи и дека тој е само смалена изведба од компактот. Тие 5% разлика, прават оваа Kia да има посебен карактер и да освојува како таква. Тоа е мајсторијата на Kia и почитта кон купувачите: Покрај сé што прави Kia Rio да биде различна и да има нешто повеќе од стандардното, цената пак останува во рамките на градската класа.

Тест: Kia Stonic 1.2 Reference

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

За фановите на Alfa Romeo е нормално Giulia да биде Estrema

Градоначалникот на Риселсхајм вози електрична Opel Zafira-e Life