за

За фановите на Alfa Romeo е нормално Giulia да биде Estrema

Аутомобиле СК денес испорача примерок од специјалната серија Alfa Romeo Giulia Estrema, изведба што е најблиску до Quadrifoglio. Оваа серија е достапна само кај избрани увозници и дилери.

Активно подвозје, блокада на диференцијал, многу карбон, Alfa Romeo Giulia. Од оваа најава, може да се претпостави дека станува збор за Alfa di tutti Alfi, за исклучителната Giulia Quadrifoglio. Овој опис од пролетоска важи и за Estrema, специјална серија на Giulia и Stelvio, во духот на Quadrifoglio, но со врвните мотори од стандардната понуда, место со V8 со 510 КС.

Специјалната серија на Alfa Romeo Giulia и Stelvio под името Estrema имаше премиера во март, во швајцарски Хинвил, каде што е седиштето на Alfa Romeo F1 Team Orlen. Тоа го разјаснува поводот за миланската марка да ја воведе специјалната серија Estrema во својата понуда. Исто како што Giulia Quadrifoglio и Stelvio Quadrifoglio ја претставуваат способноста на Alfa Romeo да изработи модел со исклучителна динамика и техничка префинетост, така и Giulia Estrema и Stelvio Estrema воспоставуваат врска меѓу целата понуда на марката Alfa Romeo и тркачкиот тим во Формула 1.

Во хиерархијата на Alfa Romeo, нивоата SUPER и TI ги исполнуваат потребите на клиентите што имаат високи барања. Варијантите SPRINT и VELOCE уште повеќе го нагласуваат спортскиот карактер. Giulia ESTREMA и Stelvio ESTREMA се позиционирани уште повисоко и со изгледот се раководат според врвните модели Quadrifoglio.

Како што објаснуваат од Alfa Romeo, примероците од новата специјална серија се наменети за клиентите што бараат чисто уживање во возењето и емотивно се поврзуваат со својот автомобил. Стандардната опрема на Estrema опфаќа активна суспензија и електронска контрола на подвозјето, Alfa Chassis Domain Control. Овие два системи работат заеднички и автоматски се приспособуваат според патот и според избраниот режим на возна динамика Alfа D.N.A. Тоа во основа значи дека врвната спортска управливост и уживањето остануваат дел од возењето, но се во спрега со висок комфор на амортизација.

New item by Automedia MK / Google Photos

Уште една важна ставка за фановите што ја разбираат техниката во својата Alfa е задниот диференцијал со механичка блокада Alfa Q2. Негова задача е да спречи преголема разлика во бројот на вртежи меѓу двете тркала на задната оска, што е важно кога повторно ќе се притисне врз гасот по излегување од свијок, посебно на подлога што е мазна или делумно лизгава.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Карбонот е присутен и надвор и внатре. Од престижниот материјал се изработени куќиштата на ретровизорите, како и V-рамката на маската. Натписите Estrema, сопирачките клешти и тркалата од 19 инчи се во темна боја. Украсните детали во кокпитот се од карбон, седиштата се обложени со алкантара. Црвените штепови на арматурната табла и на седиштата ја нагласуваат ексклузивноста на Estrema. Во таа насока одат и 14-те звучници од Harman Kardon.

Два мотори се нудат за Alfa Romeo Giulia ESTREMA и Alfa Romeo Stelvio ESTREMA: Дволитарски турбо бензинец со 280 КС и 2,2-литарски дизел со 210 КС. Автоматски менувач и погон на сите тркала Alfa Q4 ја заокружуваат погонската спрега.

Цената на Alfa Romeo Giulia Estrema е околу десетина проценти над цената на Giulia Veloce. Конкретната цена на првиот примерок од специјалната серија Estremа во Македонија не се наведува во соопштението од Аутомобиле СК, сепак станува збор за специјална нарачка. Уникатот по нашите патишта, што пасиониран македонски алфист го нарачал уште веднаш по стартот на серијата, во април, вози во бензинската изведба, со 280 КС. 

Тоа што примерок од оваа ретка серија ќе вози по македонските патишта говори и во прилог на реномето што македонскиот увозник го ужива кај италијанскиот производител, затоа што за овие ексклузивни серии самиот производител решава на кои увозници и дилери ќе им го достави во понуда. Секако дека овој чин говори и во прилог на фановите на Alfa Romeo во Македонија, односно за господинот алфист и сопственик на Estrema, што во видлив ентузијазам беше дојден во Аутомобиле СК за првпат да го види својот нов автомобил. Нека  ти е честито автомобилот, Сињоре Алфиста!

Наскоро ќе биде објавено и кусо видео од Giulia Estrema на нашиот канал на јутјуб.

Дилерите во Италија имаат 4.500 нарачки за Alfa Romeo Tonale

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Yaris е најпродавана Toyota во првото полугодие во Европа

Тест · Kia Rio 1.0 T-GDi 120 Mild Hybrid