за

Њујорк ќе воведува стотици Tesla Model 3 во такси служба

Њујорк, градот што никогаш не спие, најави јавна расправа за планираната набавка на електрични такси возила од Tesla. Зделката вреди над 12 милиони долари.

Градот Њујорк, во четврток на 16-ти декември, на јавноста ќе ѝ го претстави планот за набавка на електрични такси возила од Tesla. Договорот со производителот на електрични автомобили вреди 12.360.000 долари и истиот ќе важи пет години.

На вебсајтот за административни услуги на градот Њујорк е објавен датум за јавна расправа, на којашто ќе биде претставена планираната набавка на електрични автомобили Tesla Model 3 во служба на такси возила во градот. 

Њујорк не посочува кои моделски изведби на Tesla Model 3 се опфатени во договорот и колку возила се предвидени во истиот. Доколку се избира основната изведба со погон назад, тогаш со планираниот буџет во висина од преку 12,3 милиони долари може да се набават 265 примероци од хит електричниот модел.

Бидејќи станува збор за релативно голема набавка, цената по возило сигурно ќе се разликува значително од цените што Tesla ги комуницира за приватна и единечна продажба. Сепак може да се калкулира со бројка од околу 300 електрични Tesla Model 3. Секако важи и обратниот случај, ако се избираат поскапите изведби со погон на сите тркала, нормално е дека и бројот на електрични возила што ќе се стават во такси служба во градот ќе биде помал.

Доколку договорот за набавка се реализира пред истекот на последниот квартал, ова ќе биде совршено заокружување на годината за американскиот производител на електрични автомобили. Неколку стотини возила можеби не се премногу за да фигурираат како бројка во вкупната продажба на Tesla, но неколку стотини возила во такси служба во Њујорк, тоа е веќе светска вест. Тоа секако дека ќе им даде нов имиџ и на градот, и на електромобилноста, секако и на Tesla.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Daimler Truck прв ден на берза како независна компанија

Лесното ракување во новата Opel Astra е „детоксикација“