за

Лесното ракување во новата Opel Astra е „детоксикација“

Неколку месеци пред почетокот на продажбата на новата Astra, од Opel укажуваат на едноставното гласовно командување во стил на „Еј, Opel“.

Прв модел на германската марка што ќе реагира при обраќање со „Еј, Opel“ е новата генерација на Astra. Идејата при осмислувањето на начинот на ракување со функциите на возилото била сé да се направи едноставно и прегледно. Риселсхајм зборува за „Detox to the max“. 

Доволни се два збора, „Еј, Opel“ за новата Opel Astra да ги слушне желбите и потребите на возачот и патниците. Новото говорно командување работи вмрежено, исто како целиот инфо-забавен систем во автомобилот. Целта на експертите на Opel била да се се обезбеди врвен комфор и вниманието да се одвлекува колку може помалку. „Detox to the max“ гласи мотото за охрабрување на возачките и возачите, што чувствуваат своевиден дигитален стрес од новите технологии.

Главниот елемент во кокпитот на новата Opel Astra е ист како во Opel Mokka и во сите следни модели на германската марка. Тоа е кокпитот Pure Panel, со ракување што лесно се учи. Секако дека Astra, како понов модел од една класа погоре, нуди уште еден степен на дигитализација погоре.

Возачките и возачите во иднина ќе можат своите посебни поставувања да ги меморираат како профили. Тоа е по пример на „мајката“ Peugeot. Инфо-забавниот систем ги препознава возачите и патниците преку нивните телефони. Секој може да го вклучи својот профил со само едно допирање на дисплејот. Дизајнерите осмислиле и аватари за секој профил.

Кога ќе се вклучи навигацијата во Pure Panel, таа веднаш има информација дали по патот напред има застој. Навигацијата користи онлајн-врска и работи во реално време (Connected Navigation Plus). Картите секогаш се во најновото издание. Новина кај Opel Astra L е тоа што системите за асистенција се целосно вмрежени, што дава плус комфор и безбедност.

Нема преоптоварување со бесмислени информации и непотребни функции, вели шефот Хохгешурц

Шефот на марката, Уве Хохгешурц, објаснува за детоксикацијата: „Со новата Astra отпочнуваме со тоа што ќе го применуваме во сите идни модели – интелигентни софтверски апликации за максимално предимство за нашите клиенти. Тоа го нарекуваме ‘Detox to the max’. Возачот и патниците нема да се преоптоваруваат со бесмислени информации и непотребни функции. Нудиме врвен комфор при ракувањето со новите технологии, како што е новото говорно командување и персонализацијата на профилите на клиентите.“

Системите што се вградени во новата Opel Astra се надополнуваат со надворешни решенија. Првиот контакт на клиентите со новата Astra почнува со понуда на висока технологија. Новодојденецот може да се конфигурира во висококвалитетна 3D-симулација на германскиот вебсајт на марката, за Astra потоа да се пушти во виртуелно возење во саканата боја и со омилените тркала. Оваа 3D-визуелизација е изведена врз основа на технологијата Unreal Engine на водечката компанија за развој на компјутерски игри Epic Games.

Концернот Stellantis вложува многу во развојот на нов софтвер

Мобилната апликација „myOpel App“ има дополнителна функционалност кај Astra Hybrid. Со неа може да се намести времето за кабината да почне да се загрева во зиме или да се лади во лете, за температурата да биде погодена кога возачката или возачот ќе седнат во својот автомобил. Апликацијата се користи и за закажување сервисен преглед или за вчитување адреса во навигацискиот уред. Сервисната работилница исто така може преку аплиакцијата да провери далечински, дали возилото треба да се однесе на сервис. Поврзувањето преку Apple CarPlay и Android Auto се врши без потреба од кабел.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Њујорк ќе воведува стотици Tesla Model 3 во такси служба

Камери во Австралија снимиле 270.000 возачи со мобилен во возење