Камери во Австралија снимиле 270.000 возачи со мобилен во возење

Австралија прва воведе камери што користат вештачка интелигенција, за да ги препознаат возачите што користат телефон во текот на возењето. Напредната технологија досега сними десетици илјади возачи што на овој начин ја загрозуваат безбедноста. Системот се покажа мошне делотворен.

Сојузната држава Нов Јужен Велс од март 2020 година наплаќа казни за учесниците во сообраќај што прават прекршок со користењето телефон додека управуваат со возилото. Од вкупно 130 милиони автомобили што камерите ги провериле досега, потврдени се повеќе од 270.000 случаи во коишто возачите го користеле телефонот.

Во првите три месеци по воведувањето на системот, возачите кои беа откриени од камерите дека го користат телефонот додека возат, добиваа само опомена. Уште при првото тестирање на камерите во 2019 година, беа регистрирани 100.000 возачи со мобилниот во рака.

Надлежниот министер за сообраќај, Ендрју Констанс, изјави за BBC: „Некои луѓе очигледно не ги разбраа правилата, како легално и безбедно да ги користат своите телефони. Ако овие луѓе мислат дека и натаму можат да ја загрозуваат сопствената безбедност, како и безбедноста на сопатниците и на останатите учесници во сообраќајот, сега ќе се соочат со остри санкции.“

Казната за користење мобилен телефон додека се управува возило изнесува 352 австралиски долари, односно 469 долари, доколку прекршокот е направен во подрачје покрај училиште.

Министерството за сообраќај на австралиската сојузна држава до 2023 година ќе го прошири системот да покрива 45 камери, што ќе располагаат со системот со вештачка интелигенција. Австралија прва во светот ја користи оваа технологија што се заснова врз камери со висока резолуција, коишто ја сликаат кабината на возилото, во секакви временски услови.

Откако автоматизираниот систем ќе ги направи снимките, под претпоставка дека возачот прави прекршок користејќи го телефонот во возење, истите понатаму се проверуваат од надлежните лица.

Кога ќе се потврди дека возачот направил прекршок, следи парична казна во висина од 352 долари (околу 290 евра), како и впишување негативни бодови.

>>> Австралија има систем против користење мобилен во возење

Претходна објаваЛесното ракување во новата Opel Astra е „детоксикација“
Следна објаваСо овој модел на Mazda се оди, а може и да се вози

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here