Според ветувањата на калифорнискиот специјалист за електрични автомобили, мрежата од супербрзи полначи досега требаше да има напредувано многу повеќе. Како причина за доцнењето се наведуваше развојот на новата генерација Supercharger V3, која и самата доцнеше.
Tesla лани започна со поставување на супербрзи полначи од новата генерација V3. Кон крајот на минатата година, во светот беа поставени над 15.000 суперполначи на 1.716 локации. Во оваа кризна година, компанијата на Илон Маск го одбележува пуштањето во работа на 20-илјадитиот суперполнач.
Во последните неколку месеци беше значително забрзано поставувањето нови полначи. Уште во септември, американскиот производител на електрични автомобили достигна 17.500 суперполначи. Забрзаната динамика се должи на продажните рекорди што Tesla ги бележи неколку квартали во низа.
Со новата генерација полначи V3 се зголемува и капацитетот, затоа што полнењето трае покусо. Tesla паралелно ја проширува и својата мрежа од побавни полначи, кои обично се поставуваат во хотели и слични одредишта.
















