за

Tesla постигна рекордна заработка од 5,5 милијарди долари

Шампионот во електричните возила Tesla, во минатата година постигна огромен напредок. Недостигот од чипови сепак става неизвесност во престојниот период.

Американскиот производител на електрични автомобили Tesla во минатата деловна година заработил повеќе отколку во која во која било година досега, и покрај светската криза со чипови и проблемите во синџирот од добавувачи. Концернот објави заработка од 5,5 милијарди долари, а тоа е 665 проценти повеќе отколку преклани. Прометот се зголемил за 71 проценти, на 53,8 милијарди долари.

Предводникот во електромобилноста во 2021 година испорачал 936.000 возила, што претставува зголемување од 87 проценти. Од Tesla не соопштуваат конкретни планови за годинава, но компанијата во подолг временски период цели секоја година да постигнува раст од околу 50 проценти. Поради продолжувањето на проблемите во синџирот од добавувачи, шефот Илон Маск ги подзабави плановите. „Годинава нема да претставуваме нови модели“, најави менаџерот во видеоконференцијата со аналитичарите.

За почетокот на производството на електричниот пикап Cybertruck, што требаше да се случи уште во текот на минатата година, Маск објави дека се одложува за 2023 година. Проширувањето на производството зависи во најголем обем од првата фабрика на Tesla во Европа, што се наоѓа во Гринхајде, во близина на Берлин. Истото важи и за новата фабрика во Остин, Тексас. Двете фабрики заостануваат зад плановите. По завршувањето на тест-фазата во Берлин, концернот чека да добие конечно одобрение за производство од германските власти.

Маск во деловниот извештај ја опиша 2021 како „година на пробивот на Tesla“. Производството на електрични автомобили е профитабилно. Компанијата долги години бележеше црвени бројки. Дури во 2020 година првпат беше постигнат профит, од основањето на компанијата во 2003 година. Заработката расте. Во последниот квартал, во компаниската каса останале 2,3 милијарди долари, што е 760% повеќе отколку преклани. Прометот во периодот меѓу октомври и декември пораснал за 65 проценти, на 17,7 милијарди долари.

Недостигот од чипови влијае врз курсот на акциите

Кварталниот извештај на Tesla ги надмина пазарните очекувања. Предупредувањата до берзата, за продолжувањето на проблемите во синџирот од добавувачи, повеќепати доведоа до опаѓање на курсот на акциите на Tesla. Компанијата сепак бележи заработка и од бизнисот со сертификати за издувни гасови. Трговијата со овие „права за испуштање штетни гасови“, коишто останатите производители на автомобили ги купуваат за да го подобрат својот биланс на штетна емисија, се покажува како исплатлив бизнис. Во последниот квартал, тој ѝ донел на Tesla 314 милиони долари, што е за 22 проценти помалку отколку преклани.

>>> Њујорк ќе воведува стотици Tesla Model 3 во такси служба

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пет радари, осум камери, лидар и 16 ултрасонични сензори во новиот Volvo XC90

Француската жандармерија ќе вози хибридни Peugeot 3008 со 225 КС